Митовите постојат за да бидат урнати

470

Кога ќе посетите една земја, а особено ако имате можност да бидете гости во домот на некое прекрасно либанско семејство, каква што имав јас, дури тогаш можеби ќе сфатите дека знаете сосема малку за арапскиот свет, а она што го знаете најчесто е погрешно. Дури тогаш искривената перцепција добива свој правец, а многу од митовите во вашата глава се уриваат како кула од карти. Моите либански домаќини, инаку припадници на религиската заедница на Друзите, во својата топла и гостопримлива куќа во едно од многубројните села на либанскиот планински дистрикт Шуф, се доказ дека митовите постојат за да бидат урнати

Посветено на Рагед и на неговото семејство

„Што бараш таму, нели има војна?“, ваква беше првата реакција речиси на сите на кои им ги кажав моите планови за посета на Либан и главниот град Бејрут, уште несигурна и самата при подготовките. Сосема очекувана реакција, ако се знае дека овој пат изборот за туристичка прошетка и не беше баш вообичаен, но таа подоцна се покажа како комплетно погрешна и непотребна. Прво, затоа што таму војна нема, и тоа нема последниве триесетина години (со исклучок на краткиот израелско-либански конфликт од 2006 година), и второ, затоа што тоа е еден од најпрекрасните градови што сум имала можност да ги видам.
Иако претходно се осигурив дека Бејрут важи за еден од најбезбедните градови денес, не само на Блискиот Исток туку воопшто, побезбеден од повеќето европски метрополи, кога се мисли на заканата од тероризам и немири, сепак, не можев целосно да се ослободам од помислата дека тоа е земја во која војната е „природна“ состојба. Веројатно затоа што Бејрут во 1980-тите, кога растев и кога телевизиските вести беа програма што не се прескокнува, беше синоним за војна. Или можеби поради сознанието дека во непосредна близина е Сирија, која практично го опколува Либан по целата граница, или малку пооддалечените Јемен, Ирак, Саудиска Арабија… Како и да е, несомнено опасно подрачје, во кое и најмала искра може да доведе до сериозен конфликт, во кое тензиите константно растат, подрачје што е толку напнато што и најмало недоразбирање, погрешна процена или потег може да доведат до оружен напад.

Но Либан не е ништо од тоа. Иако сите зборуваат за ИСИС, Хезболах, бомбардирање, самоубиствени напади, цивилна војна, сириско-палестински бегалци, и уште ИСИС…, оваа земја го живее својот мир веќе со децении. Луѓето таму љубоморно го чуваат тој мир, гордо потенцирајќи му на секој турист „No war here“, иако, за жал, туристи сѐ уште има малку. Тоа што една црква и една џамија стојат еднододруго во центарот на Бејрут како симбол на помирувањето не е само клише, луѓето таму вистински сакаат да живеат коегзистирајќи заедно, и така е, велат, секаде во блискоисточниот регион, народот не сака војна, на „некој друг“ таа му одговара. Тие не живеат во негирање, тие знаат дека имаат уште многу проблеми со кои треба да се справуваат, но тоа не значи дека живеат во константен страв од војна, без да му се радуваат на обичниот секојдневен живот.
Погрешниот маркетинг или немањето маркетинг воопшто веројатно прави светот да не знае што всушност може да понуди еден град или една земја. Таков е случајот со Бејрут, порано познат како Париз на Блискиот Исток, кој упорно се обидува да си ја врати старата слава. Оваа блискоисточна роза денес цвета во својот полн сјај, тоа е град што не спие, град што не дозволува да умре. Доказ за таквиот стремеж се полнокрвната улица Хамра, отворените авении, автентичните либански ресторани, прекрасната марина Зајтуна беј, бејрутските пазари, живописните мурали и графити, шаурмата, фалафелот, хумусот, палмите покрај брегот на чистото Средоземно Море, шеталиштето Корнише со луксузните јахти, најновите модели на автомобили по адреналинските бејрутски улици, автентичната архитектура – спој на различни епохи и стилови, но и реконструкциските обиди за враќање на некогашниот изглед на градот…
Меѓутоа, и не е само Бејрут, магијата лежи всушност во целиот Либан, земја со речиси пет илјади години историја, таа е една од најстарите во светот. А природата таму е приказна за себе, величествени чинарски шуми (чинарот е симбол на идентитетот на Либан и се наоѓа на знамето на оваа земја), сино море, бујна вегетација – тука вирее буквално сѐ: портокали, калинки и маслинки, мирисливи леандри и лаванда, пространи лозја на сончевата страна…

Легендата вели дека главниот град на Либан е издигнат од пепелта дури седум пати, што го прави своевиден урбан феникс во митологијата. Со своето нестабилно минато, но и ветувачка иднина, овој град доживува вистинска ренесанса, пркосејќи им на очекувањата, предизвикувајќи одушевување и чудење, но во исто време будејќи ги вашите најубави чувства, меѓу кои и она највозвишеното, хуманото и космополитското.
И Бејрут од неодамна се вброи во листата на многубројните градови во светот што го имаат знакот „I love“, како идеално место за фотографирање и создавање персонализирана разгледница што ќе си ја чувате за спомен. Веќе имам неколку такви, ама мислам дека оваа ми е најдрага. Зошто?
Кога ќе посетите една земја, а особено ако имате можност да бидете гости во домот на некое прекрасно либанско семејство, каква што имав јас, дури тогаш можеби ќе сфатите дека знаете сосема малку за арапскиот свет, а она што го знаете најчесто е погрешно. Дури тогаш искривената перцепција добива свој правец, а многу од митовите во вашата главата се уриваат како кула од карти.
Според книгата „Араб војсис“ има неколку мита за овој свет, а првиот е дека сите Арапи се исти, иако всушност станува збор за богат и разнолик пејзаж со многу поткултури. Културата на Мароко е различна од онаа во Либан, Саудиска Арабија е поинаква од Египет. Луѓето имаат неверојатна разноликост на мислењата за секојдневниот живот и за единственоста на нечија сопствена земја, иако истовремено ги поврзува заедничката нишка што се провлекува во овој регион, тие настанале од заеднички јазик и заеднички сензибилитет. Исто така погрешно е мислењето дека Арапите ја мразат Америка, дека навечер си легнуваат мразејќи ги Американците, а наутро се будат со омраза кон Израел, дека во текот на денот гледаат само вести на телевизија што ја поттикнуваат таквата омраза.

Нивната најголема грижа, всушност како и секаде, е грижата за своите деца, за својата работа и егзистенција, а кога гледаат телевизија, тоа најчесто е фудбал или сапуници и драми. Погрешна е и идејата дека повеќето Арапи се мотивирани од верскиот фанатизам, заблуда што веројатно потекнува од холивудското претставување на Арапите како терористи или корумпирани нафташки милионери. Се разбира дека има и такви, но ваквата генерална слика е стереотип произведен во медиумските кујни. Последниот мит на кој авторот на „Араб војсис“ се спротивставува е тврдењето дека Арапите ги одбиваат реформите и дека никогаш нема да се променат ако на тоа не ги натера Западот. Анкетите меѓутоа покажуваат дека луѓето во арапскиот свет сакаат општествени и политички промени, но не сакаат тие да им бидат наметнати…
Моите либански домаќини, инаку припадници на религиската заедница на Друзите, во својата топла и гостопримлива куќа во едно од многубројните села на либанскиот планински дистрикт Шуф, се доказ дека митовите постојат за да бидат урнати.