Министре, ќе ѕвони

2943

Зошто досега не видовме ниту еден министер што размислува поинаку во однос на прашањето, дали треба петките и понатаму да бидат главен критериум за упис во средно училиште? Па, каде се овде афинитетите на децата, зошто никој не ги следи нивните вештини, зошто никој не ја согледува нивната способност за конкретни работи со кои би можеле да се занимаваат во иднина?

Сите ученици со сите петки што се пријавија во гимназијата „Орце Николов“, како и сите што конкурираа во медицинско „Д-р Панче Караѓозов“ и во „Димитар Влахов“ во Струмица, ќе се запишат во овие училишта без да полагаат дополнителни квалификациски тестови. Ќе се напикаат во училница и по 40 деца, само за да „не остане ниедно дете на улица“, како што изјавуваше министерот Арбер Адеми, ко божем децата навистина ќе останеа на улица aко не постоеше „Орце Николов“. За да си обезбеди мир во куќа, Адеми ги послуша родителите на децата што не сакаа тестови и експресно одлучи никој од одличните со сите петки да не биде одбиен. Бидејќи МОН, нели, е хуманитарна организација што не остава никого на улица.

Министре, ги тргнавте родителите од врат, си купивте мир, но вие, како поранешен универзитетски професор, зарем навистина мислите дека еден образовен систем со ад хок решенија може навистина да биде успешен? Зарем мислите дека со овој чекор го решивте проблемот, кој во суштина е многу подлабок, а кој вие имате неодложна обврска, како прв човек на ресорот образование во државата, да почнете да го решавате?

Повеќе од 330 ученици конкурирале во оваа гимназија со сите петки. Ако еден ученик има една единствена четворка во текот на претходното четиригодишно образование во предметна настава, тој едноставно, нема шанси да се запише во „Орце Николов“.

Зошто? Затоа што ништо помалку од петка е условот за упис и друг начин едноставно, не постои. Зошто друг начин не постои? Затоа што со децении системот ги учи децата дека оценката е најважна во целиот процес на образование, а не критичкото размислување и способноста за решавање проблеми. Зошто досега не видовме ниту еден министер што размислува поинаку, односно зошто петките и понатаму да бидат главен критериум за упис во средно училиште? Па, каде се овде афинитетите на децата, зошто никој не ги следи нивните вештини, нивната способност за конкретни работи со кои би можеле да се занимаваат во иднина? МОН, еве задача за решавање.

Зошто општиот успех да се пресметува само од оценките, а не да биде составен од повеќе компетенции (како што е на пр. во Хрватска) од самостојност, одговорност, комуникација, компетитивност и конкурентност, самоиницијативност и соработка? Токму ова се елементи што се следат кај секој ученик и тие треба да играат многу важна улога при уписот во средно

Навистина е жално ако експертот за образование, проф. д-р Кирил Барбареев, има право кога предупредува дека МОН со децении нема визија за системот на образование, а дека оценката не кажува ама баш ништо за испитаникот. Сѐ додека оценките, според него, се единствениот критериум за креирање на кариерата и иднината на младите, образовниот систем ќе биде под притисок. Тој неколкупати предупреди дека треба да се реформира начинот на вреднување на резултатите на учениците, односно во основното образование да биде нагласена воспитната компонента и да нема оценување на учениците во основно образование. Зошто општиот успех да се пресметува само од оценките, а не да не биде составен од повеќе компетенции (како што е на пр. во Хрватска) од самостојност, одговорност, комуникација, компетитивност и конкурентност, самоиницијативност и соработка?

Хрватските познавачи на состојбите изјавуваа дека токму ова се елементи што се следат кај секој ученик и дека тие играат многу важна улога при уписот во средно, а со тоа е намален притисокот што родителите го создаваат врз наставниците, затоа што ученикот на крајот на учебната година треба да има повисоки оценки.

Кога зборуваме за оценување, екстерното тестирање не може да се заобиколи. Тоа беше добра идеја што имаше ужасна реализација. Но една работа во тој процес беше добра, а тоа е фактот дека наставниците и професорите конечно почнаа објективно да ги оценуваат своите ученици, бидејќи беа исплашени дека екстерното ќе покаже дека ваделе петки од ракав, што за нив ќе значеше пониска плата. Сакале ние да признаеме или не, учениците во тие неколку години, кога имаше екстерно, ги имаа оценките што ги заслужуваат во текот на учебната година. Или барем беа најблиску до заслуженото. Откако нема екстерно, старата традиција на подарување оценки продолжи и за тоа денес никој не сноси одговорност. И одлични се сите, а од друга страна на меѓународни тестирања резултатите покажуваат дека не го разбираат тоа што го читаат. Ова не смее да продолжи да биде практика. МОН треба да измисли нов начин на проверка на објективноста на оценките, ама вака не треба да остави да биде.

Професионалната ориентација е нешто што е повеќе од неопходно во системот. Сто пати е нагласувано и пишувано во јавноста за потребата од професионална ориентација во основното образование. Децата мора од најмала возраст да се следат, односно да се следат нивните афинитети и интереси, да се следат нивните вештини, за да може подоцна, кога ќе се заокружи процесот на основно образование, полесно да падне изборот за училиште за средно образование. Не може секоја година сите да трчаат во гимназија, само затоа што не знаат за што се способни на 14-годишна возраст. Со препораките што би се давале на крајот од основното образование, децата и нивните родители би имале јасна слика за тоа за што ги бидува и што сакаат да го учат понатаму.