Маскирната униформа на ЕУ

919

Од мноштвото дефиниции, сепак, најблиску до реалноста е методологијата да се опише како умешно геостратегиско маскирање на политичката волја на самата Унија. Или, со други зборови, со новата методологија ЕУ се преслече, се камуфлира себеси во нова маскирна униформа, и сега како баталјон во заседа ги чека пропустите од спротивната страна

Европската комисија ја обелодени новата методологија за проширување. По повеќемесечно тактизирање, натегање меѓу земјите-членки, преписка со нонпејпери, одмерување и нивелирање на различните ставови, конечно се склопи некаков заеднички документ – именуван нова методологија. Првичните оцени за методологијата се слични, но истовремено и различни. Во зависност кој како ја чита и како ја толкува. За земјите-членки таа е инструмент без кој не се може, додека на земјите-кандидатки им личи на плашило во нивниот вилает, кое ќе им го нарушува раатот.

Па, така, едни ја окарактеризираа како најобично препакување на старата методологија, други ја идентификуваа со стапот и морковот, за трети таа е ремикс на стари добро познати европски рефрени, а има и толкувања дека методологијата нуди повеќе за повеќе, помалку за помалку итн. Од мноштвото дефиниции, сепак, најблиску до реалноста е методологијата да се опише како умешно геостратегиско маскирање на политичката волја на самата Унија. Или, со други зборови, со новата методологија ЕУ се преслече, се камуфлира себеси во нова маскирна униформа и сега како баталјон во заседа ги чека пропустите од спротивната страна.

Ваквата камуфлажа и маскирната униформа треба да симболизираат и одредена строгост и војничка дисциплина, која ЕУ ќе ја применува и демонстрира во иднина кон земјите-кандидатки. Колку е тоа добро или лошо во моментов е тешко да се претпостави.

Но она што е повеќе од очигледно е фактот дека Брисел веќе воопшто не ја крие својата намера да ги принуди, уцени, но ако треба и да ги казнува земјите од таканаречениот Западен Балкан. Да ги држи истовремено и доволно блиску, но и доволно далеку од себе, за да не помислат случајно на некоја друга алтернатива. Во тоа е практично и суштината на новата методологија.

Едно перманентно држење на нишан и под притисок на секоја од идните потенцијални кандидатки, додека од нив не се исцеди до последна капка сѐ што сака Брисел. Некој ќе рече дека тоа е добро и дека токму таква строга војничка дисциплина му е потребна на регионот за да се доведе во ред. Можеби. Но во случајот со Македонија проблематично е, на пример, кој може да се фати за камшикарот и да почне да мава по државата. Зашто новата методологија му го дозволува тоа, многу повеќе од претходно.

Со одредбите дека во која било фаза во интегративниот процес, преговорите може да се суспендираат, да се укинат, па дури и да се вратат чекор наназад практично се официјализира и промовира ветото како општо прифатена алатка во новата методологија. Наместо тоа да биде исклучок, што би било некако пологично нели! Што ваквото официјализирање на ветото конкретно ќе значи за Македонија може само да се претпостави. Иако од авион се гледа дека во иднина, веројатно, ќе треба да бидеме многу попопустливи кон сите барањата и уцени на соседите ако не сакаме да заигра камшикарот и да ни стегнат суспензија (вето). Дали таа попустливост ќе нѐ донесе поблиску до ЕУ или поблиску до нова самонегација и идентитетско обезличување не е тешко да се погоди.

Во иднина она што остана недоречено или недефинирано во и онака проблематичните договори со соседите (Преспанската спогодба и договорот со Бугарија), со новата методологија многу лесно ќе се надмине. Едноставно сѐ ќе биде така како што ќе кажат соседите. Како послаба страна и земја-кандидат друг избор немаме.
Кога сме веќе кај казните и санкциите предвидени во новата методологија, повеќе од јасно е дека во која било форма да дојдат тие најмногу ќе ги погодат граѓаните, кои, пак, се најмалку виновни.

Повторно македонските граѓани ќе го понесат најголемиот товар за туѓите грешки.
Во тој правец, на пример, САД се многу поправични од Европската Унија. Во САД постои црна листа на непожелни личности, вклучувајќи и политичари, на кои не само што не им е дозволен пристап до САД, туку им се блокираат и замрзнуваат сите финансии и банкарски трансакции.

ЕУ не практикува такви мерки и црна листа на политичари, иако за лошите околности на Балканот вината најмногу е кај политичарите, а не кај граѓаните. Но нејсе. Да се вратиме на новата методологија и нејзините добри и лоши страни.

Несомнено дека новата методологија има и свои силни страни, иако за случајот со Македонија се разбира многу поголемо внимание привлекуваат оние слаби точки на кои може лесно самите да се лизнеме или другите да нѐ излизгаат.

Највидлива промена во новата методологија, која е повеќе козметичка отколку суштинска, е во преименувањата на поглавјата, кои сега се нарекуваат кластери, иако главно во нив се содржани сите области и поглавја што постоеле и претходно. Наместо 33 посебни поглавја сега имате шест кластери, во кои се содржани сите области. Нумеролошки изгледа помалку, но суштински обврските и задачите се исти.
Во еден од кластерите е предвидена и потребата од силно политичко раководство во земјата-кандидат за членство. Тука, се разбира, нема ништо спорно, иако веројатно многу посоодветен термин би бил – мудро и прагматично политичко раководство.
Вака застанувајќи зад формулацијата на силното политичко раководство ЕУ како да си гази на сопствената опашка, да не кажеме си пука во сопствената нога. Зошто?

Па од едноставна причина што такво силно политичко раководство, какво што бара ЕУ од земјите-кандидатки, нема ниту во постојните членки на Унијата. Во повеќето земји-членки постои длабока внатрешна политичка поделеност по мноштво прашања што често резултира и со масовни протести и немири. По брегзит ЕУ веќе не е и нема да биде иста како што беше. Сега тоа е една разногласна и длабоко поделена дружина, што можеше јасно да се воочи и на последниот самит во Брисел лани. Впрочем и новата методологија е производ на поделеноста на ЕУ и сега доаѓа како некаков внатрешен компромис.

Практично веќе не е сигурна фотелјата на кој било од европските лидери. И во вакви внатрешнополитички услови Брисел инсистира на силно политичко раководство во Западен Балкан, што најблаго речено е лицемерство и дволичност. Освен ако под силно политичко раководство Брисел не мисли на сервилните и послушни политичари од Балканот, кои се подготвени да направат сѐ што ќе им се каже и ќе им се наложи.
Она што веројатно може да се оцени како најпозитивно во новата методологија е јасно демонстрираната определба дека во иднина сѐ ќе почнува и ќе завршува со владеењето на правото и почитувањето на правната држава. Супер. Барем вака на хартија тоа навистина убави звучи. Но само доколку во иднина не се појави некој нов Хан, кој ќе побара спроведување на правото по балкански методи. Затоа пак нѐ јаде некоја јанѕа.

Може ли сега да ѝ се верува на ЕУ кога зборува за правото кога во редица примери од минатото замолчуваше и замижуваше на многубројните и брутални прекршувања на законите и меѓународното право, токму на штета на Македонија. Затоа на прва рака кога човек ги чита овие силни заложби за примена на правото, кои доаѓаат од Брисел, е во недоумица што попрво да помисли и извикне. Дали „браво“ или „уааа“ за ЕУ.
Или подобро е засега да се одмолчи и да им се даде шанса и на новото раководство на Унијата и на новата методологија. Искрените или скриените намери кога-тогаш излегуваат на виделина. На крајот на краиштата ништо не зависи толку од ЕУ колку од самите нас. А за тоа не ни треба методологија однадвор, туку стратегија и доктрина однатре. Потребни ни се силни и независни институции во секој поглед. Кога дома ќе се средат и доведат во ред работите во правосудството, здравството, економијата, образованието, дипломатијата… тоа ќе биде препознаено и вреднувано. Со или без методологија сеедно.

[email protected]