Малку време за голем економски бум

289

До пред неколку дена сѐ уште дебатиравме и исчекувавме одлука дали со претседателските избори ќе се одржат и предвремени парламентарни избори.
Во меѓувреме, партиите започнаа и организираа преговори, а некои сѐ уште бараат и се договараат кого ќе кандидираат за претстојните избори како свој кандидат. И додека траат сите овие дебати и избори, веќе поминала половина година, а потоа почнуваат годишните одмори. И така барем до септември. Што ќе остане потоа?

Година на економски бум или година на економијата. Година кога нѐ очекува најголем економски раст… Вака премиерот Зоран Заев во неколку наврати ја најавуваше 2019 година, но, сепак, во реалноста како да изостануваат конкретни мерки и проекти со кои би се оствариле овие ветувања и најави. Далеку од тоа дека нема интенција кај надлежните, и тоа за голем економски подем. Сепак, како што веќе пишувавме во нашите текстови, мерките што се најавуваат за оваа година не можат да резултираат со голем економски раст.
Тоа може да се забележи и од проекциите за економски раст што ги даваат и домашни и странски релевантни институции… Нивните анализи укажуваат дека растот на македонската економија, горе-долу, повторно ќе биде околу 3 отсто. Но не е поентата да навлегуваме во детали за тоа која институција со колкав раст очекува да ја завршиме тековнава 2019 година, туку само да укажеме дека недостигаат мерки, проекти, заложби и конкретни чекори за економскиот бум каков што се најавува.
Владините претставници честопати споменуваа дека со членството во НАТО, кое, да се надеваме, го обезбедивме со промената на името на државата, ќе дојде и до поголем економски развој. Сепак, членството во НАТО само по себе нема да ни донесе економски бум, иако, како што посочуваат самите бизнисмени, истото тоа ни отвора многу врати и можности. За економски напредок ќе мора да ги засукаме ракавите и да ја искористиме шансата што ни е дадена.

Бизнисмените со децении укажуваат и апелираат дека политичарите треба да ја остават малку настрана политиката и дека прва цел секогаш треба да им бидат економијата и економскиот развој, бидејќи само на тој начин ќе се овозможи подобар и поспокоен живот за сите граѓани во Македонија. Нивните забелешки најчесто се насочени кон изборите и изборните циклуси, честопати укажувајќи дека премногу време, енергија и народни пари се трошат на организирање и спроведување избори, но и на честите политички кризи што ги создаваат партиите во обид набрзина да ја преземат власта.

Само со работа и со квалитет можеме да очекуваме економски напредок. Конкуренцијата е голема, недостигаат креативност и иновативност, но без соработка на државните институции и бизнис-секторот, нема подобрување…
А доколку нема напредок на државата и подобрување на животниот стандард на граѓаните, и белата и други „чуми“ ќе продолжат да косат низ земјава

Оваа година повторно нѐ очекуваат избори, ќе избираме нов претседател напролет, а токму овие избори сега се во центарот на вниманието на политичарите, па дури и на целата македонска јавност. До пред неколку дена сѐ уште дебатиравме и исчекувавме одлука дали со претседателските избори ќе се одржат и предвремени парламентарни избори. Во меѓувреме, партиите започнаа и организираа преговори, а некои сѐ уште бараат и се договараат кого ќе кандидираат за претстојните избори како свој кандидат.

И додека траат сите овие дебати и избори, веќе поминала половина година, а потоа почнуваат годишните одмори. И така барем до септември. Што ќе остане потоа?
Бизнисмените укажуваат дека ни се потребни длабоки реформи за да се отстранат некои пречки што го кочат приватниот сектор. Упатуваат на потребата од поголеми инвестиции во општините надвор од главниот град, потоа на потребата од поголема реализација на планираните капитални инвестиции, но и трансформирање на нелегалните бизниси или на неформалната економија во легална, која ќе ги намирува даночните обврски како и другите компании и нема да претставува нелојална конкуренција…

Не изостанува ниту потребата од подобрување на услугите што државната администрација ги обезбедува за компаниите и граѓаните, но и потребата од нивна експедитивност. Потребни ни се коренити реформи, кои ќе овозможат економски пораст на целокупното македонско стопанство. Потребна е поддршка за компании што ќе вложат во производи со поголема додадена вредност, чии заложби повторно ќе резултираат назад во општеството, со нов придонес и нови пари во државниот буџет…
И покрај ветувањата на Владата дека промените ќе се прават во координација со бизнис-секторот, сепак, од оваа година почнаа промени во даноците на кои бизнисмените гласно негодуваа… Средствата што сега мора да ги одвојуваат за државата, според нив, можеше да се вложат во граѓаните или, пак, во нова опрема, а средства во буџетот да се обезбедат преку вклучување на компаниите што се дел од сивата економија…

Но настрана од даночните промени, кои, според најавите, се прават за да им се дадат повеќе пари на сиромашните, недостигаат конкретни мерки што ќе овозможат да се исполни ветувањето за економски бум.

Ако не ги засукаме ракавите и ако секој од нас не пристапи кон исполнување на обврските, било да сме во приватен или јавен сектор, економијата нема да доживее бум сама од себе… Само со работа и со квалитет можеме да очекуваме економски напредок. Конкуренцијата е голема, недостигаат креативност и иновативност, но без соработка на државните институции и бизнис-секторот, нема подобрување… А доколку нема напредок на државата и подобрување на животниот стандард на граѓаните, и белата и други „чуми“ ќе продолжат да косат низ земјава.