Македонци, шта радите, бре!?

1304

Зад големата претстава што се одвива во непосредното соседство на Македонија, на малата сцена во Србија се одвива и нешто што за македонската публика е непријатно да се гледа и следи. Тоа е длабоката поделеност во македонската заедница, која и така е раситнета и сѐ помалобројна. Загрижувачки се сознанијата дека кај раководните лица во трите македонски партии во Србија постои огромна нетрпеливост, што се одразува лошо и на другите припадници на македонското малцинство, кое сѐ повеќе се пасивизира во активното зачувување на националниот идентитет и традиција

Последните два дена „прегреале“ телефонските и дипломатските линии на релацијата Вашингтон – Приштина – Белград. Многубројните информации и изјави од официјални политички кругови од овој триаголник недвосмислено упатуваат дека нешто значајно се случува зад завесата, пред таа да се крене и да почне главната претстава, со наслов „Да се биде или не за независноста на Косово“. Се чини во подготовките на оваа претпремиера, која се одвива во режија на САД, се прават последните измени и се исфрлаат стари или се додаваат некои нови сцени што би биле прифатливи и за пошироката публика, односно за граѓаните во Србија и во Косово, кои се веќе изморени од чекањето да се реши последниот балкански јазол. За многумина останува неразјаснето дали веста „Србија да добие излез на море, во регионот на албанскиот приморски град Драч, за нивното признавање на Косово“ беше само драмска фикција или реален предлог. Но тоа што е сосема извесно е дека Вашингтон го засилува притисокот врз двете страни, а особено врз Приштина за безусловното и едновремено укинување на царините за српските производи, што е услов од Србија за продолжување на дијалогот, кој една година е прекинат.

Новата косовска влада постави две „црвени линии“ во дијалогот за нормализирање на односите меѓу Србија и Косово и јасно порача дека тема на дијалогот не може да бидат прашања поврзани со територијалниот интегритет и суверенитет и прашања во врска со регулацијата и внатрешното функционирање на Косово. Ова значи дека премиерот Албин Курти цврсто се позиционира против какво било „менување на границите“, за кое се залагаше косовскиот претседател Хашим Тачи, како и против Заедницата на српските општини (ЗСО) – механизам што Србија инсистира да има извршни овластувања. „Создавањето трет управен орган за населени места со специфично етничко население е спротивно на духот на Уставот на Република Косово и затоа нема да биде поддржано“, порачаа од Владата на Република Косово.

По ова следуваше и реакција од американскиот претставник за Балканот, Ричард Гренел, кој демантира дека во опција е поделба на Косово, но директно порача дека САД нема повеќе да чекаат и да ги трошат времето и ресурсите на ова прашање, но најави и можни економски санкции за Приштина. Од друга страна, претседателот на Народната партија на Србија, Вук Јеремиќ, рече дека српскиот претседател Александар Вучиќ „се согласил за членство на Косово во Обединетите нации“ и дека американска администрација има големи очекувања од Белград и од Приштина веднаш по изборите на 26 април во Србија“. Сето ова дополнително ја зголеми неизвесноста за конечниот исход од американската дипломатска офанзива, која засега доста неутрално и „незаинтересирано“ се следи од Европската Унија, а особено од Германија, која е противничка на идејата за нови граници на Балканот.

Во подготовките на оваа претпремиера за решавање на косовското прашање, која се одвива во режија на САД, се прават последните измени и се исфрлаат стари или се додаваат некои нови сцени, кои би биле прифатливи и за пошироката публика, односно за граѓаните во Србија и во Косово, кои се веќе изморени од тоа „да се биде или не за независноста“

Меѓутоа, зад големата претстава што се одвива во непосредното соседство на Македонија, на малата сцена во Србија се одвива и нешто што за македонската публика е непријатно да се гледа и следи. Тоа е длабоката поделеност во македонската заедница, која и така е раситнета и се помалобројна во нашиот северен сосед. Загрижувачки се сознанијата дека кај раководните лица во трите македонски партии во Србија постои огромна нетрпеливост, што лошо се одразува и на другите припадници на македонското малцинство, кое сѐ повеќе се пасивизира, па лошо влијае на зачувувањето на националниот идентитет и традиција, а врските со матичната земја стануваат сѐ послаби.

Обвинувањата што се упатуваат од претставниците на македонските партии и од Националниот совет не се нималку пријатни. Тие се сведуваат на личните желби за користење на буџетот од стотина илјади евра што се наменети за негување на македонската култура, традиција и идентитет! Недоразбирањата во македонската заедница во Србија кулминираа во предизборниот период, што само ја истакна и политичката поделеност на Македонците, меѓу оние што се верни поддржувачи на актуелната власт и оние што се за опозицијата, која одлучува да ги бојкотира изборите во април.

Застапувањето различни политички погледи, само по себе, не е спорно, доколку македонската заедница во Србија не се (ис)користи како инструмент за добивање политичка и економска корист на поединци. Во сето ова изненадуваат рамнодушноста и незаинтересираноста кај раководните лица во институциите во Македонија, кои се директно задолжени за одржување и негување на националните и културните врски со нашата дијаспора. Ако вака се поделени во нашето најблиско опкружување, не може да очекуваме некоја поголема сплотеност на нашинците во Австралија, Америка или Канада, или каде и да се.