Македонска лекција за малцински права

611

Во земјава има традиција во која се наталожени повеќе цивилизациски слоеви, културни, етнички и конфесионални влијанија, кои општеството го прават мултикултурно, мултиетничко и мултиконфесионално. Македонскиот мултикултурен мозаик е најпозитивната слика за државата. Честопати оваа карактеристика ќе ја сретнете речиси во сите странски репортажи во кои се опишуваат македонската култура, историја, традиција…

Велат дека сѐ додека не го смениш местото на живеење, односно не ја напуштиш државата во која си роден, си го поминал детството и младоста нема доволно да ги почитуваш нејзините добра и сето она што таа го поседува. Така е и со многумина од моите пријатели што изминативе години од најразлични причини заминаа од државата и животот продолжија да го градат во некоја од европските земји. Некои од нив беа етнички Македонци, но некои беа и припадници на помалобројните етнички заедници во државата. Тогаш тоа им беше најмалку важно. Најважно беше обезбедување подобри услови и квалитетен живот.

Впечатокот на сите им беше ист. Уште веднаш рекоа дека ништо не е исто како дома. Иако на почетокот таму сите се чувствуваа како странци, но по некоја година ритамот на живот ги приспособи и таму да се чувствуваат како дома.
Сепак, за мене, најголемо чудење предизвика фактот што некои од нив, во случајот припадници на помалобројните етнички заедници кај нас, кои тука многу гласно ги бараа и се залагаа за своите права (што лично го сметам за сосема исправно), таму, во новото место на живеење не смеат да споменат дека се припадници на истата етничка заедница, зашто велат дека би постоела можност да изгубат одредени бенефиции во тоа општество, прифатеност во новото друштво и сл.
Зарем европските земји што истовремено важат за развиени држави во секоја смисла, знаат да имаат и дискриминаторски политики кон луѓето што доаѓаат од страна и се од друга етничка заедница?

И со потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, Македонија стана исклучително, дури извонредно вонсериски отворена држава за правата на малцинствата. Можеби во практиката се даде преференцијален статус само на едно, албанското малцинство, но идејата е сосема друга. Македонија е на едно ниво на мултикултурно општество, законски регулирано, пред сѐ со стимулирање и перманентно унапредување на малцинските права на сите заедници, а поентата е дека со тоа ние станавме регионален лидер. Меѓутоа, за жал, на еден дел од етничките ентитети, односно попрецизно поединци, апетитите останаа незаситени, а во секојдневниот живот сепак остана да се чувствува поделеност. Некои велат дека Охридскиот рамковен договор, односно актуелниот Устав на Република Македонија, е амплифицирање на сите познати конвенции и стандарди за малцински права, до ниво на самодеструкција на системот на државата. Наспроти рамковниот договор, во соседните држави на Република Македонија малцински права практично и нема, бидејќи македонското малцинство (и другите) воопшто не е признаено и идентификувано како реален факт и, врз основа на тоа, заштитено со законски механизми. Можеби со договорите за добрососедство тоа требаше да се стипулира во текстовите, но веројатно не се пропуштени сите шанси за тоа. Веројатно тие држави сѐ уште го имаат анахрониот став дека токму во малцинствата лежат најголемите опасности по нив, дека таму се кријат можностите за ослабување и распад на нивните држави и дека од малцинствата произлегуваат најголемите проблеми внатре во системот и институциите на државите. Но, дали?! Македонија се издигнала далеку над овој застарен приод!

Различностите секогаш ја правеле Македонија тоа што е. Албанците, Турците, Ромите, Власите, Србите и другите етникуми се дел од државата и имаат свои заслуги за тоа што е Македонија денес. Во земјава има традиција во која се наталожени повеќе цивилизациски слоеви, културни, етнички и конфесионални влијанија, што општеството го прават мултикултурно, мултиетничко и мултиконфесионално.
Состојбата со почитувањето на малцинските права и правата на малцинските заедници во Република Македонија има сериозен напредок и е на сериозно високо ниво. Во таа насока, низ годините многу е направено за малцинските заедници.

Велат дека македонскиот мултикултурен мозаик е најпозитивната слика за државата. Честопати оваа карактеристика ќе ја сретнете речиси во сите странски репортажи во кои се опишува македонската култура, историја традиција… Културните разлики се предност, но колку оваа мултикултурна слика се негува и надградува? Дали државата доволно инвестира во овој нејзин белег, но и колку самите етнички заедници, особено оние помалобројните, активно учествуваат во тој процес?

Македонија е една од ретките држави во светот во кои и во Уставот се наброени етничките заедници што го сочинуваат нејзиниот мултикултурен мозаик. Исто така нешто што ја карактеризира како посебна држава е и фактот дека правно никому во Македонија не му е оневозможено да ги негува и да ги ужива своите етнички, јазични и културни посебности. Речиси сите етнички групи имаат и свои неработни денови во годината што се поврзани со нивната култура, религија или традиција. Државата со години финансира и нивни културни манифестации, преку кои се зачувува нивната посебност.

Во јавноста честопати ќе прочитате и жалби и поплаки, претежно од претставници на помалобројните етнички заедници, дека државата има двојни стандарди, дека некои заедници се форсирани наспроти други, но во суштина вистинските одговори на овие критики можеби треба да се побараат и во круговите на овие помали етнички заедници, во нивната можеби недоволна активност и организираност за поголема општествена промоција. Секако дека и државата може многу повеќе да вложи во промоција на својот мултиетнички мозаик, во таа насока е и програмата на актуелната влада за „Едно општество за сите“.

Од формален аспект, Република Македонија како мултиетничка и мултикултурна држава е обврзана со голем број меѓународни документи што се однесуваат на правата на националните малцинства, етничките заедници, културните групи итн. Освен Европската конвенција за правата на човекот, другите многубројни важни меѓународни акти од оваа област, Декларацијата на ОН за правата на припадниците на етничките, верските и јазичните малцинства, од 1992 година, тука особено треба да се спомнат и двата важни акта донесени во рамките на Советот на Европа – Европската повелба за регионалните и малцинските јазици (1992) и Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства (1995). Исто така тука се и внатрешните норми (уставни и законски) што се во континуиран развој кон повисоките стандарди.

Дека сите овие конвенции се почитуваат максимално и дека Македонија може да биде пример и лекција за голем број држави-членки на ЕУ во поглед на политиката кон малцинствата најголем доказ се извештаите на сите релевантни институции во светот.
Во сите нив Македонија е оценета со највисока оцена за почитување на малцинските права. Тие признанија се добра лекција за сите да знаат каде се во процесите на почитување на елементарното право на слободна определба.