Лузните од нашето образование

992

Започна уште една учебна година, а повторно се занимаваме со тоа како учениците немаат учебници. До кога цели генерации ќе минуваат низ системот на образование учејќи од диктиран материјал? Немањето учебници значи немање образовани генерации. На овој начин, наместо квалитетни кадри, создаваме инвалидни генерации, со дупки во знаењето и во образованието. А тоа, пак, им нанесува непоправлива штета и на младите и на државата воопшто

Уште еднаш во практиката се покажува дека образованието, како клучен столб во државата, е најнесериозно третиран од сите оние што треба да се грижат за негово унапредување и развој. На секој почеток на учебна година повторно ги гледаме истите сопки и проблеми што во нормални општества не се воопшто предмет на дискусија. Во време на најсовремени технологии, во основните и средните училишта во државата повторно се појавува истиот проблем на недостиг од учебници како основно наставно средство и помагало за изучување на предвидената материја. И тоа не само недостиг од учебници туку воопшто немање, непостоење, на каков било материјал од кој учениците ќе можат да учат и да се образоваат. Иако проблемот е стар со години, нема сериозен ангажман на надлежните да го решат. Учениците добиваат оценки по Општество, по Работа со компјутери и програмирање, учејќи градиво од диктиран текст во тетратка или, пак, од преписи од она што наставничката се обидела да го напише, објасни и предаде на табла.

До кога цели генерации ќе минуваат низ системот на образование учејќи од диктиран материјал? Немањето учебници значи немање образовани генерации.
На овој начин, наместо квалитетни кадри, создаваме инвалидни генерации со дупки во знаењето и образованието. Како е можно на часовите да ги нема најосновните ресурси за да може да функционира наставата нормално? Зошто наместо да зборуваме за напредок, за некои повисоки нивоа на развој на нашиот образовен систем, постојано тапкаме во место и секојпат зборуваме за немање учебници, недостиг од компјутери итн.
Од друга страна, континуирано се сведоци на воведување голем број проекти во образованието, воведување најразлични експерименти во наставата, а во меѓувреме никој не се грижи да ги обезбеди основните работи што се неопходни за да може нормално да се функционира во училиштата. Со занемарувањето на основните нешта и со нетретирањето на основните проблеми и предизвици, создаваме осакатени генерации, бидејќи на крајот секогаш тие го извлекуваат подебелиот крај.
Започна уште една учебна година, а ние повторно се занимаваме со тоа како учениците немаат учебници. Колку пати е потребно да се повтори дека е недозволиво на секој почеток на нова учебна година да нема испорачановоопшто да нема напишани или испечатени книги за соодветниот образовен профил. Како е можно стручните училишта да вршат упис на ученици идни инженери, програмери, електротехничари, енергетичари и слично, кога воопшто нема издадено, ниту испечатено учебници за овие но и редица други области.

Во одредени училишта, од можни 15 предмети во една наставна година, воопшто нема никакви учебници по 7 или 8 предмети. Не постојат, не се испечатени. И на овој начин образованието „функционира“ со години, па и децении. Без да се преземе нешто за да се променат работите. Но токму поради ваквиот начин на однесување и недејствување се уништуваат и образовно се инвалидизираат цели млади генерации.
Зарем е дозволиво учениците во трето и во четврто одделение цела учебна година да немаат учебник по предметот Општество, а да се оценуваат по него, или, пак, децата во одделенска настава да немаат ниту учебник ниту пак компјутери по предметот Работа со компјутер и основи на програмирање? Зошто второодделенците и третоодделенците во некои училишта, по цел месец од почетокот на учебната година, сѐ уште немаат учебник по Англиски јазик? Зошто се доцни со дистрибуцијата? Не е оправдување ставот дека учебникот не е основен извор на информации.
Надлежните во Министерството за образование, советниците во Бирото за развој на образованието, просветните инспектори и сите други надлежни треба да знаат дека е недозволиво во ова време наставниците да бидат оставени да импровизираат на часовите и да се снаоѓаат за да ја предадат материјата, како и да оценуваат цели генерации ученици што учеле од нивни диктати и кои препишувале од табла во тетратки. Треба да знаат дека ова не е дозволиво во сериозна држава. До кога ќе трае играатa „образование“?
Тоа што нема учебници е стар проблем, кој се провлекува со години. Или нема кој да ги напише или, ако има, авторот се демотивира откако ќе го платат минимално за неговиот авторски труд. За да биде ситуацијата уште покомплицирана, овде се и проблематичните и долготрајни процедури за избор на учебник. Иако тоа е нешто што може да се упрости и забрза, сепак, во практиката не се случува.
Во моментов има постапка за избор на печатница што ќе печати учебници по оние предмети по кои се дотрајани или поради други причини има потреба да се печатат нови. Тоа одзема време, тоа повлекува и жалбени рокови, тоа значи долготрајна процедура. Тоа значи дека е можно повторно децата цело полугодие да останат без потребните основни помагала на часовите.
Исто вака се чекаа учебници и лани. И годината пред таа. До кога ќе биде вака?

Фото: Маја Јаневска-Илиева