Лицемерството на ЕУ

571

Во име на европскиот сон, Македонија досега плати превисока цена. Повеќе нема ниту што да плаќаме ниту што да даваме. Сега е ред на ЕУ да си го обели образот.
Ако воопшто го има

Неодамна македонскиот премиер Зоран Заев на високите претставници на Европската Унија во Брисел им ги соопшти црвените линии што земјава ги има во однос на идентитетот и јазикот, без да се спомене тука историјата, или, пак, таа можеби се чува како залогот во преговорите со Бугарија.
По средбите со Фон дер Лејен, Вархеи, Сасоли, Борел, Тимерманс, Лајчак, Вебер, Ќучук, Чолош, премиерот кажа дека сите европските лидери и високи претставници на Европската комисија и Европскиот парламент ја разбрале македонската позиција во однос на Бугарија, згора на тоа ѝ добил поддршка и разбирање дека Македонија не сака да преговара за идентитетот и јазикот.
И откако сите европски претставници „ја разбраа“ нашата порака, веднаш се огласи претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, која, патем, првпат стана и баба и онака во еуфоријата по добивањето на внуката (нека ѝ е жива и здрава) експресно порача дека Македонија не треба да се надева на почеток на пристапните преговори без решавање на спорот со Бугарија.
Е, толку беше од разбирањето на европските лидери на македонските позиции, кои не почекаа ниту македонската делегација да си замине од Брисел и да ѝ дозволат барем минута радост и слава дека, ете, во седиштето на ЕУ им кажале в лице на Европејците дека идентитетот и јазикот не ги даваме.
Па, ние овие флоскули со недавање на идентитетот, јазикот, претходно и со името, пред Европа ги трубиме 30 години, но бадијала. Токму тоа наше наводно непопуштање и најмногу нѐ плаши по претходните лоши искуства со името итн.
Очигледно ЕУ не ги сфаќа сериозно нашите пораки, бидејќи знае дека на крајот сè ќе дадеме и уште ќе прашаме да не треба уште нешто да додадеме.

А тоа е така зашто покажавме дека сме слаби одвнатре, разединети, длабоко партиски поделени, неспособни да направиме функционална држава во која институциите ќе функционираат, ќе владее правото, демократијата, ќе има стабилна економија и прогрес. Вака, знаејќи со кого си имаат работа, не случајно европските бирократи нè третираат како дечиња на кои во недоглед може да им удираат заушки за сѐ и сешто.
Силните држави не си дозволуваат друг да им диригира и нивниот збор секогаш се слуша, па затоа не случајно претседателката на ЕК, Фон дер Лејен, остана за време на посетата на Турција без столче и седеше настрана, на миндерлакот на турскиот претседател Ердоган, некако како под казна, а шефот на европската дипломатија Борел беше „искаран“ како мало дете за време на посетата на Русија.
За разлика од силните држави, Македонија самата изгради понизен и полтронски однос кон ЕУ, небаре разните европски функционери што ни доаѓаат се извори на премудрост, иако самите во најголем дел не се избрани на функција поради лични квалитети, туку поради пропорционалната распределба на европските функции. Истите тие функционери наместо да спроведуваат некаква однапред утврдена европска политика, излегуваат со изјави што ни официјален Брисел не ги разбира, или, пак, се прави дека не ги разбира, па се правда дека тоа биле индивидуални ставови и дека не се став на ЕК, ЕП и слично. Нивните посети во земјава повеќе личат на обука за функцијата што ја вршат, отколку на мисија што ќе донесе некакво решение.
Низ таа призма треба да се набљудуваат и неодамнешните изјави на еврокомесарот за проширување Вархеи, кој еднаш вели дека одиме во пакет со Албанија, па не одиме, па пак одиме и така во недоглед, во зависност како му почнал денот и дали е во Брисел или е во Скопје. По сето ова, едноставно веќе не се знае што е конзистентна европска политика кон Македонија. Всушност, ако подобро размислиме, ЕУ сепак има конзистентна политика кон Македонија, а тоа е лицемерната политика.

Кога ги слушаме сите оние изјави дека толку било важно да се реши прашањето со Бугарија за старт на преговорите, се поставува прашањето според какви критериуми еден куп земји почнаа преговори и станаа членки на ЕУ со нерешени билатерални прашања, а само за Македонија билатералното прашање со Бугарија е клучно за евроинтеграциите. Кој е тој европски критериум и како ваква Бугарија е членка на ЕУ?
Еве, и да преговараме со Бугарија како што бара ЕУ, иако веќе никому не му е јасно за што треба да се преговара, како ќе најдеме заеднички прифатливо решение со источниот сосед кога тој е членка на ЕУ, а ние не сме. Каде се тука рамноправноста и изедначувањето на позициите на двете преговарачки странки? Нормално дека ЕУ ќе биде солидарна со својата членка, која и стратегиски ѝ е поважна за разлика од Македонија. Ваквите преговори повеќе ќе личат на еден боксерски меч, во кој во рингот би ставиле некој од мува категорија со некој во супертешка категорија. И што мислите, какви му се шансите на тој од мува категорија? Не дека е без шанси, зошто овој од супертешка може и сам да се лизне и да падне.
Е, таков е актуелниот сооднос на силите меѓу Македонија и Бугарија.Чекаме противникот евентуално сам да се лизне.
Згора на тоа, судијата (ЕУ) не суди прекршоци врз послабиот и постојано му дозволува на посилниот и поголем противник да пласира ниски и недозволиви удари.
Се разбира, единствен очекуван епилог од една ваква борба би бил нокаут уште во првите рунди од борбата. Македонија веќе еднаш беше нокаутирана во еден сличен нерамноправен меч со Грција, во кој судеше истиот судија.

Оваа боксерска илустрација на најдобар начин ги прикажува двојните аршини што ЕУ ги има кон Македонија. Истата таа Европа овие двојни аршини ги применува уште од македонската самостојност, одбивајќи да ја признае иако ги имаше исполнето сите услови, потоа толерирајќи ја Грција со блокадите, не почитувајќи ги одлуките на сопствениот суд, неисполнување на ветувањето дека по промената на името нема да има пречки за почеток на преговорите и сега поддршката што ѝ ја дава на Бугарија, иако знае дека уцените од бугарска страна кон Македонија немаат никаква врска со европските вредности, туку се контра постулатите врз кои почива ЕУ. Едноставно, ова е нонсенс европска политика, во која веќе ретко кој може да верува.
Како и да е, ќе помине и јунскиот самит во Лисабон, како што поминале многу досега, а европските политичари ќе ни ги дадат истите охрабрувања: Ве чекаме, само решете го спорот со Бугарија, други пречки нема.
Од досегашното искуство, може ли пак да им веруваме. ЕУ е свесна дека преку Македонија го изгуби кредибилитетот кај другите земји од Балканот, кои не сакаат да ја направат македонската грешка, да дадат сè и на крајот да останат со празни раце. Во име на европскиот сон, Македонија досега плати превисока цена. Повеќе нема ниту што да плаќаме, ниту што да даваме. Сега е ред на ЕУ да си го обели образот. Ако воопшто го има.