Лицемери каде ви се маските

2668

По повод роденденот на Битола, 4 ноември, пред Народниот театар се собраа две групи битолчани. Едните предводени од опозицијата со транспаренти и палење свеќи го изразуваа својот револт поради нечистиот воздух што го дишат битолчани, додека другите гласно негодуваа против тие што протестираа баш сега и при одбележување на роденденот. А токму истата практика со години ја применуваат и едните и другите, зависно дали се власт или опозиција

Со заладувањето и почетокот на грејната сезона, (не)чистиот воздух повторно стана дежурна тема во Битола.
Завчера, за време на одржувањето на свечената академија, по повод роденденот на Битола, 4 ноември, пред Народниот театар се собраа две групи битолчани. Едната група присуствуваше на свеченоста, а другата, предводена од активисти на ВМРО-ДПМНЕ, со транспаренти и палење свеќи протестираше и го изразуваше својот револт поради нечистиот воздух што го дишат битолчани.
Додека едните протестираа и извикуваа: „Лицемери каде ви се маските “, другата група, револтирана од наводното нивно лицемерно однесување, гласно негодуваше против тие што протестираа, зашто токму кога Битола го славеше својот роденден и кога на свеченоста требаше да влезат голем број делегации од збратимените градови и добитниците на највисоките општински признанија се одлучиле да организираат протести.

Притоа и едните и другите заборавија на нивите претходни однесувања, кога ВМРО-ДПМНЕ ја имаше локалната власт и кога токму на 4 ноември здружението „За нас се работи“, со поддршка на тогашната опозиција на СДСМ, организираше масовни протести пред Народниот театар, поради нечистиот воздух што го дишеле битолчани. И овој пат како и многупати досега се потврди правилото дека битолските политичари се единствено доследни во својата недоследност. Последните денови во Битола, особено откако залади и откога битолчани почнаа да ги греат своите домови, речиси секој божји ден политичките партии на власта и на опозицијата се напаѓаат меѓу себе кој бил, и е, виновник за нечистиот воздух што го дишат нивните сограѓани.
Додека локалната власт се обидува на секој начин да ја симне од себе одговорноста за нечистиот воздух, кој ги труе битолчани, опозицијата, предводена од ВМРО-ДПМНЕ се обидува целата вина за загадувањето на воздухот да ја префрли на актуелната локална власт. Деновиве на една таква „дебата“ бевме сведоци на седница на Советот на општината Битола, на која опозицијата жестоко ја критикуваше власта дека во изминатите две години, не направила ништо за да го намали загадувањето на воздухот во градот. На таквите критики советниците од власта отфрлајќи ги таквите критики и оценувајќи ги како тенденциозни и злонамерни, возвратија дека таа прави сѐ за да се намали загадувањето на воздухот во Битола, но овој проблем не може да се реши прекуноќ.
На прашањето што треба да се направи конкретно и кои мерки треба да се преземат во Битола за конечно да се исчисти воздухот, ниту опозицијата, ниту власта, имаа(т)конкретен одговор.

Притоа и едните и другите како да не се свесни дека само со политички меѓупартиски расправии, воздухот во Битола не може да се исчисти. Сегашната опозицијата не вели дека само господ може да го исчисти воздухот што го дишат битолчани, како што тврдеше кога беше на власт. Иако за разлика од ВМРО-ДПМНЕ, сегашната власт не се повикува на господ, сепак, сега, за разлика од порано, кога беше во опозиција, не тврди дека власта е таа што може да го исчисти воздухот.
Во изминатиот период, актуелната власт во Битола презеде неколку конкретни чекори за намалување на загадувањето на воздухот во Битола. Тука се мисли на субвенциите што ги даде општината за купување печки на палети и велосипеди, како и за бесплатниот влез во Националниот парк Пелистер. Деновиве во настојувањето да го намалат загадувањето на воздухот во Битола општинските власти издвоија од буџетот околу 2.500.000 денари за субвенционирање иневртери, а истото тоа ќе го направи и државната компанија АД ЕСМ, која наскоро ќе субвенционира по 1.000 евра за намалување на загадувањето на воздухот. Но само што залади и откако повторно битолчани почнаа да ги греат своите домови се покажа дека тие мерки не придонесуваат многу за намалување на загадувањето на воздухот во градот под Пелистер.

Загадувањето на воздухот со право предизвикува гнев и револт кај граѓаните.
Но воздухот ниту се чистел, ниту може да се чисти само со гола политика и со организирање повремени протести, или со ад хок мерки. Чистењето на воздухот не само во Битола, туку и во државата, мора да биде работа со која ќе се занимаваат пред сѐ науката, стручните тела и органи, а не политичарите. Науката со своите научни истражувања и сознанија е таа што треба да ги утврди причините и да ги согледа последиците од загадувањето на воздухот што сите ние го дишеме, но и да понуди краткорочни и долгорочни решенија. Не може нечистиот воздух во Битола да се (ис)чисти само со политички квалификации и дисквалификации.
Притоа мора да се смени и начинот на размислување и однесување на политичките партии и претставници. Не може кога партиите се во опозиција да имаат решенија за сѐ, па и за тоа како да се (ис)чисти воздухот, а кога ќе дојдат на власт, тие истите едноставно да заборават на тоа што го говореле претходно и да тврдат дека чистењето на воздухот не било нивна, туку господова работа. Во изминатите години сведоци бевме колку нечистиот воздух во Битола се користеше за политичка пресметка.
Здружението за чист воздух „За нас се работи“ долго време беше во центарот на вниманието на битолската јавност и често организираше масовни протести против тогашната локална власт за нечистиот воздух. Сега, кога СДСМ е на власт здружението „За нас се работи“ едноставно никаде го нема. И тоа како да се измори од (не)решавањето на овој проблем. Пред две години со своите „еколошки“ активности во кои имаше доста политика, здружението „За нас се работи“ се избори за двајца „независни“ советници во Советот на општината, кои со повремени „герила-акции“ се трудат да влијаат на свеста на граѓаните и актуелната власт за нечистиот воздух што го дишат битолчани.

И како во изминатите години, кога станува збор за (не)чистиот воздух во Битола, политичарите наместо да размислуваат како да се најде решение за да се исчисти воздухот во градот, тие со своите политички пресметки уште повеќе го загадуваат воздухот.
Притоа забораваат дека (не)чистиот воздух не познава политичка или партиска припадност. Од нечистиот воздух во Битола еднакво се трујат и членовите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ.
Затоа (не)решавањето на овој проблем не може да биде во никој случај само партиско или политичко прашање.
Затоа се чини дека наместо политичарите, во чистењето на загадениот воздух во градот треба да се вклучат сите, покрај луѓето од науката и надлежните инспекциски служби.
Токму инспекциските служби во Битола треба да ги откријат и да ги санкционираат сопствениците на гостилници, сендвичарници, работилници, кои за загревање на просториите каде што ја вршат својата дејност користат секакви огревни материјали, кои испуштаат не само чад, туку и отровни материи. Со тоа ако не се спречи, барем во голема мера ќе се намали загадувањето на воздухот. А и тоа е каква-таква придобивка што ќе влијае врз здравјето на битолчани.