Лекциите од Вашингтон и од Берлин

868

И додека го следиме директниот пренос, се прашуваме себеси зарем и ова е можно во Америка. Несвесни се потсетуваме на истите слики од нашата домашна политичка претстава, која се одвиваше пред неколку години во македонскиот парламент. И тогаш во Скопје и сега во Вашингтон, поводот за влегување на незадоволните граѓани е ист – „да се спречи изборниот фалсификат“! И тогаш и сега, државните институции ги презедоа процедурите што се вообичаени при трансферот на власта, кога таа се пренесува на претставници од друга политичка опција. Невообичаеното е што тоа беше оневозможено од носителите на власта што се во заминување!?

Почетокот на годината и годинешното славење на Божиќ ќе останат запаметени по две работи: без палење на коледарските огнови во Македонија, но и по настанот во Вашингтон што можеше да предизвика голем пожар и кој можеше неконтролирано да ја зафати „најдемократската“ држава во светот. Монотонијата на која веќе се навикнавме со години, а која е вообичаена во долгото празнување пред и по почетокот на новата година, беше нарушена со упадот на приврзаниците на поразениот американски претседател Доналд Трамп во американскиот Конгрес. Тие имаа намера да го спречат последниот чекор од финализацијата на долгиот процес за изборот на новиот претседател на САД, а тоа е потврдување на гласовите на Електорскиот колеџ, со што се потврдува победата на Џозеф Бајден. Македонските телевизиски гледачи имаа неверојатна можност, меѓу репризите на турски серии и новогодишните програми од минатите години, да го проследат директниот пренос од влегувањето на демонстрантите во Капитол Хил, зградата во која се креира(ше) светската политика!
Телевизиските снимки од Вашингтон изгледаа надреално, сцените на луѓе со долги бради и коси, облечени во крзна од животни, ги запоседнаа канцелариите на високите функционери од американскиот Конгрес. Сликите што претходно сме ги гледале во држави со „кревка демократија“, сега директно се емитуваа, како реално шоу, од престолнината на САД. Епилогот од упадот во „тврдината на американската демократија“: петмина загинати, скршени стакла…

И додека седиме пред телевизорот и го следиме директниот пренос, се прашуваме себеси зарем и ова е можно во Америка. Несвесни се потсетуваме на истите слики од нашата домашна политичка претстава, која се одвиваше пред неколку години во македонскиот парламент, на денот што во историјата на нашата парламентарна демократија ќе биде забележан како „настаните од 27 април“. И тогаш во Скопје и сега во Вашингтон, поводот за влегување на незадоволните граѓани е ист – „да се спречи изборниот фалсификат“! И тогаш и сега, државните институции ги презедоа процедурите, кои се вообичаени при трансферот на власта, кога таа се пренесува на претставници од друга политичка опција. Невообичаеното е што тоа беше оневозможено од носителите на власта што се во заминување!?
Има многу сличности во насилната реакција на „незадоволните граѓани“, но и многу прашања на кои ќе се бараат одговори во идниот период. Некои од нив ќе останат неразјаснети, како на пример кој е главниот организатор на „спонтаните собирања“ на народот преку социјалните мрежи. Нејасно е зошто полицијата во двете земји, која знае да дејствува многу поорганизирано (и пожестоко) во слични демонстрации на граѓаните, толку лесно дозволи „бранителите“ на демократијата да упаднат во највисоките државни институции.

Со настаните во американскиот Конгрес се испраќаат неколку пораки во светот, а тоа е дека најмоќната демократка земја се соочува со длабока политичка поделеност на граѓаните, која е поттикната од водачи што се желни за одржување неограничена власт. Во такви околности, манипулацијата со граѓаните е многу полесна, а обвинувањата за изборни измами, кои во најголем дел се недокажани, се само покритие за скриените намери на авторитарните водачи за задржување на своите интереси.
Како втора поучна лекција што малите земји како Македонија можат да ја научат од поразвиените држави од Западот се проблемите со кои се соочува Германија при набавката на вакцините против ковид-19. Многу критичари на социјалните мрежи ја обвинуваа владата на Ангела Меркел за целосното германско фијаско со вакцинацијата, истакнувајќи го фактот дека многу други земји, како Израел, САД и Велика Британија, биле побрзи во набавката на спасоносната вакцина против коронавирусот. Германија самостојно преку Европската Унија набави 300 милиони дози од различни производители, но и тоа не беше доволно да се намалат критиките на пропустот на германското министерство за здравство, на кое му се забележува дека премногу се потпирало на администрацијата во Брисел.

Како втора поучна лекција што малите земји како Македонија може да ја научат од поразвиените држави од Западот се проблемите со кои се соочува Германија при набавката на вакцините против ковид-19. Многу критичари на социјалните мрежи ја обвинуваа владата на Ангела Меркел за целосното германско фијаско со вакцинацијата, истакнувајќи го фактот дека многу други земји, како Израел, САД и Велика Британија, биле побрзи во набавката на спасоносната вакцина против коронавирусот

Слична состојба имаме и во Македонија, која многу доцни во набавката на вакцините. Впечаток е дека домашните здравствените власти не се снајдоа добро во големата трка меѓу многу помоќните земји, но и од една Србија, која веќе ги обезбеди првите вакцини за најризичните групи, како што се медицинските лица што се директно вклучени во лекувањето на пациентите заразени од коронавирусот. Ова беше искористено за дополнителна расправа меѓу власта и опозицијата, која е само продолжување на политичките разлики и поделби, со што влијае на општата неизвесност во услови на пандемија.
Овие два случаи се само добар приказ за тоа дека големите и малите држави се соочуваат со истите демократски, економски и општествени предизвици. Но голема е разликата во начинот на кој тие се справуваат со проблемите. Решението е секако во воспоставување силни и независни институции, со кои раководат професионалци што ќе им се спротивстават на притисоците на партиите на власт. Во едните, брзото воспоставување на редот значи и поголема сигурност на граѓаните. Во другите, тој процес оди многу бавно, а прашањата како со „демократското“ предавање на власта или вакцинацијата се само дополнителен извор за политички и други кризи и долго ќе предизвикуваат неизвесност, нестабилност и несигурност кај граѓаните.