(Л)апанажа

755

Држава што наоѓа начин да исплаќа толку многу апанажи и друг вид надоместоци по разни основи, никако не може да се става во категоријата сиромашни. Во таа насока веројатно и терминот „апанажа“ би било многу посоодветно да се преиначи во „лапанажа“. Прво многу поприродно и поаристократски звучи и второ потсетува на народната изрека „лапнала Мара бел џигер“. Па кога можевме да ја прекрстиме државата зошто на би можело да се преименува и апанажата во лапанажа. Ако на ова се додадат и зголемените апетити од соседите и нивната намера да лапнат, проголтаат и приграбат сѐ што е македонско тогаш, веројатно, сликата се комплетира

Специјалната обвинителка Катица Јанева, која е во притвор во Шутка, поднела барање за апанажа, пренесуваат медиумите. Инаку апанажа е законска мерка, која предвидува надомест на целиот годишен приход што му се исплаќа на одредено лице на висока позиција по завршувањето на неговата функција. Тоа му доаѓа како некаков вид дополнителна награда за некој што бил на висока функција? Парите, нормално, се обезбедуваат од буџетот на државата, кој, пак, го полнат граѓаните. И ова важи само за државни функционери. Во приватниот сектор не постои мерка апанажа. Таму еднаш годишно еднократно се исплаќа само К-15, за оние што имаат среќа да го земат. Но нејсе.

На Катица функцијата ѝ заврши, па таа нели, како човек од законот, си ги побарува своите права. И пари секако, меѓу кои е и апанажата! Тоа што истото лице е дел од судска постапка за проневера, рекет и поткуп во износ од милиони евра нема врска. Секој е невин додека не се докаже спротивното. Можеби во иднина и во текот на постапката ќе излезе дека и Катица нема никаква вина, па секој одлежан ден во притвор потоа дебело ќе го наплати. Тоа нема да биде невообичаен парадокс, туку уште едно македонско дежа ви. Некои одат да заработат во странство, кај нас, ете, може да се печали и во затвор. И после некој ќе каже Македонија била сиромашна земја. Ма дајте ви се молам.

Држава што наоѓа начин да исплаќа толку многу апанажи и друг вид надоместоци по разни основи, никако не може да се става во категоријата сиромашни. Во таа насока веројатно и терминот „апанажа“ би било многу посоодветно да се преиначи во „лапанажа“. Прво многу поприродно и поаристократски звучи и второ потсетува на народната изрека „лапнала Мара бел џигер“. Па кога можевме да ја прекрстиме државата зошто на би можело да се преименува и апанажата во лапанажа.

А и списокот на оние што се на (л)апанажа и државни привилегии е навистина долг. Еве, се мислам од каде попрво да започнам. Ајде прво од горе па надолу. Поранешните претседатели на државата користат една форма на (л)апанажа, која во нивниот случај се нарекува доживотна пензија, која вклучува скапо платен работен кабинет, возач, помошен персонал итн. Само за оваа намена од државниот буџет се одлева голема сума пари, иако нема никакви видливи ефекти од тоа. Со еден збор, фрламе голема сума пари за бадијала, да не речам само за чалам. Антикорупциската комисија отвори постапка и укажа на оваа нелогичност, но барем засега сѐ си останува по старо. Може ли една мала и сиромашна држава да си го дозволи тоа? Одиме понатаму.

Веќе со години постојано се говори и се посочува на проблемот со преобемната и неефикасна државна и јавна администрација. Тука, секако, спаѓаат и илјадници рамковно вработени, кои иако не одат на работа добиваат редовна месечна плата. Само по оваа основа од државната каса досега се одлеани повеќе десетици, а можеби и стотици милиони евра. Што е ова ако не отворена и класична форма на бесрамна лапанажа и празнење на државниот буџет? Во една пригода напишав дека ваквиот начин на плаќања и трошења од буџетот е етничка корупција. Но и понатаму ништо не се промени и состојбите си остануваат по старо.

И повторно прашувам може ли една мала и сиромашна држава да си го дозволи тоа?
Ајде да фрлиме поглед и на одредени законски решенија, кои навлегуваат директно во буџетот и парите на граѓаните. Најсвеж пример веројатно е законот за двојазичност, за кој и Венецијанската комисија оцени дека е неприменлив и ќе предизвика големи и непотребни буџетски трошоци. Значи повторно наместо домаќинско и рационално работење, се форсира некаква форма на лапанажа, непотребни трошоци и општ институционален башибозук на штета на државата и граѓаните.

Кога сме кај законските решенија што имплицираат буџетски трошоци ќе посочам само уште еден пример (иако ги има многу), а тоа се измените на Законот за финансирање на партиите со кои повеќекратно се зголемија паричните средства што партиите ќе ги повлекуваат директно од буџетот. За ова сите партиите се договорија едногласно и консензуално, без дебата. Во стилот на народната изрека „сложни попови и во петок мрсат“.

Така партиите сега ќе лапнат неколку милиони евра, а што ќе добијат граѓаните?
Па ќе добијат еден куп новоспакувани ветувања. На граѓаните исто така им останува и обврската да продолжат да го полнат буџетот и да се надеваат на некоја поправична и поразвојна распределба на буџетските средства, која ќе оди во насока на тоа бенефициите да ги почувствуваат стопанството и граѓаните, да има благосостојба за сите и да се поттикнат повисоки стапки на економски раст.

За редицата други појавни форми и методи на домашна лапанажа (читај неразумно и нерационално празнење на буџетот и парите на граѓаните) има уште многу да се зборува.

Доволно е само да се посочат досегашните примери на тендерски злоупотреби, сомнителни јавни набавки, баснословни сметки за патарина, да се прелистаат ревизорските извештаи и да се воочат мноштво неправилности, неплански трошења, оштетувања на буџетот и на граѓаните итн.

Ако на ова се додадат и зголемените апетити од соседите и нивната намера да лапнат, проголтаат и приграбат сѐ што е македонско тогаш, веројатно, сликата се комплетира.
Па, така, покрај децениските условувања и непризнавања на името и идентитетот од Грција, на историјата и јазикот од Бугарија, на црквата од Србија, непризнавање на македонското малцинство во соседните земји, сега се прави обид да се прикаже дека, наводно, и Македонците од Галичник (Мијаците) имале српски корени. Нов бесрамен обид да се проголта македонскиот идентитет.

Па добро забога, ќе остане ли нешто македонско во оваа наша напатена Македонија.
И додека дома државата континуирано и со години се слабее материјално, економски и финансиски со посочените, но и редица други примери на грабеж, непотребни расходи, неплански трошења или задолжувања, кои не носат раст и развој, истовремено однадвор се прават обиди за приграбување на нашата историја, идентитетот и корените.
Тоа, пак, резултира со двојно голо. Финансиски и економски слаба и разјадена држава однатре, која е политички зависна однадвор.

Затоа крајно време е да се каже „не“ и еднаш засекогаш да се запрат сите понатамошни обиди за грабеж, лапанажа, ослабување и разнебитување на државата. Било тоа да се прави однатре со штетни законски решенија, непотребни и нерационални трошења, било преку политички и дипломатски притисок однадвор за понатамошно приграбување и проголтување на сѐ што е македонско. Македонија отсекогаш била жртва на туѓите и незаситни апетити, кои и до ден-денес не престанале. Темава е актуелна и од гледна точка на предизборието во кое навлегуваме, зашто се добива впечаток за поимање на политиката кај нас како можност за лапанажа за себе и најблиските, наместо за целосна посветеност и пожртвуваност за интересот на граѓаните. Со други зборови, на политиката се гледа како на алатка за земање и богатење за себе наместо на давање и пожртвуваност за оние што ве гласале.

Интересно, неделава полемиката, во контекст на апетитот и јадењето, навлезе и во домашната политика, па во една чудна конотација беше спомената празна тепсија, која си стои на место, додека баклавата ја нема.
Она што сепак остана нејасно и без одговор е прашањето, кој всушност ја изеде баклавата.

а[email protected]