Краткиот расказ – долг сон што трае 61 година

328

Смислата на краткиот расказ најдобро ја изразил големиот Борхес во 1974 година, кога во разговор со Ернесто Сабато рекол: „Краткиот расказ е краток сон, кратка илузија. И кога писателот ќе го заврши, не знае дали било вредно за трудот да се напише“. Со овој конкурс се обидуваме, засега успешно, да му го продолжиме животот на тој сон, на таа кратка илузија

Објавувањето на краткиот расказ во весниците сигурно не служи за пумпање на тиражите, но факт е дека весникот „Нова Македонија“ низ годините успеа да направи бренд од конкурсот за краток расказ, кој годинава го бележи своето 61. издание од почетоците. И покрај тоа што минатата година, поради замавот на пандемијата и ограничувачките мерки, паузиравме со објавувањето на конкурсот, се чини интересот на пишувачите не само што не стивна туку и се зголеми. Со задоволство можеме да констатираме дека бројката од 211 ракописи што годинава пристигнаа на нашата адреса е и повеќе од очекуваната.
Оттука, колку и да се чини застарена идејата за објавување на расказот во дневниот печат, годините ни покажаа дека овој жанр има свои приврзаници, и меѓу авторите и меѓу читателите. Без скромност може да заклучиме дека токму „Нова Македонија“ во нашата средина ја создаде културата на читање на кратките раскази.
Поврзаноста меѓу овој книжевен жанр и весниците е традиционална. Всушност, родното место на модерниот краток расказ и е во весниците, односно во книжевните магазини. Голем дел раскази што денес се класика на овој жанр, биле објавувани токму во периодиката. Дури и славните Марк Твен и Ернест Хемингвеј ја почнале својата книжевна кариера објавувајќи кратки приказни во дневниот печат.

Во првата половина на 20 век, побарувачката за квалитетни раскази била толку висока што Френсис Скот Фицџералд во неколку наврати му се посветил на пишувањето кратки раскази за да отплати дел од своите многубројни долгови. Врвот на таа побарувачка е достигнат кон средината на 20 век, кога списанието „Лајф“ во 1952 година го објавува расказот (новела) „Старецот и морето“ на Ернест Хемингвеј. Изданието е продадено за само два дена, во над пет милиони примероци. Бројот на комерцијални списанија во кои се објавуваат кратки раскази оттогаш е во постојан пад, иако весниците се простор за паметење, баш како што се и кратките раскази, и оттука нивната нераскинлива врска. И едните и другите го документираат секојдневието, иако на различен начин.

Па, сепак, сѐ помалку расказот, и литературата воопшто, си го наоѓа местото во печатените медиуми. Кај нас ретко кој медиум му посветува преголемо внимание, иако гладот на читателите за оваа книжевна форма е повеќе од очигледен. Затоа, иницијативата на „Нова Македонија“ да го негува расказот на домашните автори е од голема важност. Оваа акција практично го прероди жанрот.
Во сеопштата доминација на романот како единствен профитабилен, видлив и популарен книжевен жанр, дојдовме до тоа денес расказот да е донкихотски жанр што на секој начин се бори за простор и внимание кај авторите, читателите и кај издавачите. Спрегата меѓу нив се токму натпреварите како што е конкурсот на „Нова Македонија“. Смислата на краткиот расказ најдобро ја изразил големиот Борхес во 1974 година, кога во разговор со Ернесто Сабато рекол: „Краткиот расказ е краток сон, кратка илузија. И кога писателот ќе го заврши, не знае дали било вредно за трудот да се напише“. Со овој конкурс се обидуваме, засега успешно, да му го продолжиме животот на тој сон, на таа кратка илузија.