Кој тоа свири за Македонија?

1607

Поради живеењето под притисокот на пандемијата, постојаната (иако можеби латентна) економска и социјална неизвесност, децениските политички предизвици и искушенија поврзани со опстојувањето и признавањето на Македонија и македонскиот идентитет, оваа победа на македонските фудбалери претставува миговна катарза за сите насобрани национални фрустрации

Девојчињата играа(т) ластик, момчињата – фудбал! Девојчињата собираа(т) сликички од Сара Кеј, момчињата од фудбалери… Оваа стереотипна поделба на интересите што можеби буди сомнежи за родова дискриминација, секогаш паѓа во вода кога ќе се случи – победа! Победа како онаа во Грузија на македонската фудбалска репрезентација, која првпат ја води Македонија на Европско фудбалско првенство!
Радоста и еуфоријата од победата најчесто ги релативизираат стереотипите, носат некаква утеха за неправдите, страдањата, болките од некои други перспективи на реалноста и животот. Додека е свеж вкусот на победата, ја брише „споредноста“ од стандардниот еуфемизам за фудбалот како најважна споредна работа на светот. Во овој политички миг за Македонија исполнет со многубројни искушенија, голот на Пандев во четвртокот, во Грузија, и пласманот на македонската фудбалска репрезентација на ЕП… го издигнуваат значењето на фудбалот во Македонија како најважна работа на светот. Дури и кај оние што речиси и не знаеја кога, каде и за што игра македонската фудбалска репрезентација во четвртокот, па беа изненадени од почетокот на свирежите од автомобилите во центарот на Скопје, веднаш по завршувањето на мечот во Грузија. Дури и да е потврда на стереотипите за поделба на машките и женските интереси, лесно е да се претпостави дека изненадените од свирежите во сообраќајот се припаднички на „нефудбалскиот род“, кои по утврдувањето на причината за „вревата“ се придружија на радосните свирежи за прослава на фудбалската победа на Македонија.

Поради живеењето под притисокот на пандемијата, постојаната (иако можеби латентна) економска и социјална неизвесност, децениските политички предизвици и искушенија поврзани со опстојувањето и признавањето на Македонија и македонскиот идентитет, оваа победа на македонските фудбалери претставува миговна катарза за сите насобрани национални фрустрации. Покрај тоа, значењето на пласманот на Европското првенство во фудбал, освен што е историско како прва квалификација на македонскиот фудбал на едно големо и престижно фудбалско натпреварување, се чини дека дополнително се зголемува со фактот дека Македонија е единствената земја од (поширокото) балканското соседство што ќе учествува на европскиот фудбалски турнир во јуни, наредната 2021 година.
Колку и да се претворил фудбалот во елитен бизнис со високи заработувачки за „главните херои“, тој и понатаму претставува спорт што предизвикува најмасовен интерес во јавноста, светската и домашната, па воопшто не е социолошки изненадувачки што околу оваа очигледно „скапа играчка“ се „лепат“ различни идентификации на широките народни маси. Таквите идентификации со победите и поразите на идолите, многу често се претвораат во „медиум“ за катарза и националните, социјалните, политичките емоции. Сепак, фудбалот и понатаму е народна игра, или игра за народот!

Во пандемиски времиња, кога и изразувањето радост е ограничено со мерки за заштита и превенција, се чини дека поголема релевантна важност добиваат социјалните мрежи, каде што се случува динамична интеракција на реакциите за сите случувања во општеството. Па кога по некое време стивнаа автомобилските свирежи за прослава на фудбалскиот успех, забавата со нестивнат интензитет продолжи на социјалните мрежи. А на социјалните мрежи, очекувано (па оправдано), реакциите беа исполнети со чувство на триумфализам за историскиот фудбалски успех, но исто така очекувано, многу брзо преминаа во алузии, па дури и провокации поврзани со актуелниот политички миг во македонско-бугарските односи, како и веќе вообичаеното скандирање на спортски натпревари по Преспанскиот договор – „никогаш северна, само Македонија“.
За среќа, успехот на македонските фудбалери не беше компромитиран со некакви навивачки инциденти, во првите мигови на славење и очекување на нивното доаѓање од Грузија. Од друга страна, забележливо беше и воздржувањето и внимателноста на официјалните македонски политичари, дури и кога изразуваа радост на социјалните мрежи по постигнатиот гол на Пандев, па и при пречекот на фудбалерите, да не го нарушат „заветот“ за неспоменување на старото уставно име на државата, без географска одредница.

Таквото премолчување некако прозвучи погласно пред дресовите што ги носеа фудбалерите кога се вратија во земјава, на кои со големи букви беше напишано – Македонија!
Фудбалската топка е тркалезна, што понекогаш се користи за симболизирање на променливоста на нештата и процесите. Колку и да се апелира, вредностите на фудбалот и спортот да останат недопрени од замаецот на општественото тркало, сѐ повеќе се чини дека таквиот апел се претвора во вечен предизвик. Сепак, оваа фудбалска победа на Македонија носи надеж дека промените некогаш можат да бидат и на подобро. Па веќе и девојчињата собираат сликички од фудбалери, а играат и фудбал!