Кој сега ќе ја демантира вистината

1492

Борбата против лажните вести единствено може да се поттикне преку зајакнување на медиумската писменост, односно преку зголемување на способноста на граѓаните за пристап, разбирање, анализа, критичка оцена на различни медиуми и медиумски содржини. Иако тоа е комплексен и тежок процес и не носи резултати веднаш, на долг рок е единствениот здрав чекор за демократијата и за слободата на говор. Токму преку образованието и медиумската писменост се учи како да се развијат вештините за критичкото размислување, како да се препознаат манипулациите и лажните вести, но истовремено и многу важно е ваквите штетни појави да се превенираат и санкционираат од страна на институциите

Нападот врз опонентот со лаги и манипулации може да биде успешна тактика, но тоа е тешко совладлива вештина. Методот преку кој се окупира јавноста со лажни вести или, како што веќе тие бие нарекувани низ историјата, во такво количество што речиси е невозможно да се разликува вистината од лагата, е познат уште од антички Рим, така што паралелно се развиваа и разни механизми за одбрана од нив. Многу години подоцна, македонската влада вчера го одржа првиот конститутивен состанок на таканаречената акциска група што ќе ги координира државните институции во борбата против дезинформациите и нападите на демократијата со лаги!? Некој, белки, некогаш ќе го објасни називот, но во меѓувреме интересно е да се забележи дека дури и додека во Владата се трасираше патот за борбата со лажните вести, медиумскиот простор напросто вриеше од неточни информации, полувистини и дезинформации продуцирани, не во медиумите, туку во институциите, во партиските штабови и други извори и центри на моќ, кои упорно ја злоупотребуваат слободата на медиумите. Таков еден невешто смислен обид за манипулација со вистината беше демонстриран пред некој ден преку соопштенијата и написите за привилегиите на поранешните претседатели. Инспираторот многу лесно може да се лоцира, прашање е само дали тоа би можело да биде предизвик за Владата.

Досега тоа не беше случај, бидејќи дури и од „владини извори“ истекуваа сомнителни содржини.

Во еден таков мозаик на можности за правење и за пласирање секакви непроверени вести, во една таква конкуренција и настојувања да се добие поголема читаност преку измислена атрактивност, но и во намерни подметнувања, лаги од по нив корисни мотиви, од најбанални карактерни побуди на нивните создавачи, па до добро осмислени специјални пропагандни војни, власта демонстрира подготвеност цврсто да се фати во орото со проблемот наречен лажни вести.

Па, додека сѐ уште е присутен ентузијазмот во тимот на Владата, не е лошо да се сугерира, оти битката би можела да почне веќе со партиските штабови, од каде што неретко излегува материјал за лажните вести, да се исчистат лажните профили од социјалните мрежи и да се лоцираат и забранат порталите за кои се знае дека се финансирани од политичките партии и зад кои нема импресум и работат на штета на професионалните медиумски куќи. Конечно, потребна е целосна, не лажна, транспарентност на државните институции, тоа е најдобар начин за борба против лажните вести. И притоа, битно е да се каже оти некои од претставниците на власта имаат сериозен проблем со неразбирање терминологија на пример, па, така, и вообичаените шпекулации, кои се легитимно средство во новинарските содржини, во недостиг од вистински информации, ги нарекуваат лажни вести.

Конечно, непотребно е допрва да измислуваат топла вода. Науката и техниката се тука, само треба да се применат.

Паралелно со тоа треба да се работи и на едукација. Европскиот образовен систем ги учи децата на критичко размислување и на дигитална писменост, ги оспособува да препознаат лажна вест. Македонија каска на листата на индексот на медиумска писменост и е последна, зад Албанија, Турција и другите во регионот. Некакви обиди на тој план се правени во изминативе години, но колку тие биле вешти е очигледно.

Резимето е дека во Македонија борбата против лажните вести единствено може да се поттикне преку зајакнување на медиумската писменост, односно преку зголемување на способноста на граѓаните за пристап, разбирање, анализа, критичка оцена на различни медиуми и медиумски содржини. Иако тоа е комплексен и тежок процес и не носи резултати веднаш, на долг рок е единствениот здрав чекор за демократијата и за слободата на говор. Токму преку образованието и медиумската писменост се учи како да се развијат вештините за критичкото размислување, како да се препознаат манипулациите и лажните вести, но истовремено и многу важно е ваквите штетни појави да се превенираат и санкционираат од страна на институциите. Сосема на крајот, чистењето на ѓубрето секогаш почнува од сопствените редови и дворови, а во исто време критиката не смее да се сфати како напад, туку како совет, бидејќи советот од професионалец вреди злато.

[email protected]