Кој да го вклучи црвеното светло

416

Како и да е, Македонија и регионот треба да се навикнат дека помудро би било да се намали значењето на овие националистички изливи на поединци и повици за ново прекројување на Балканот, а во исто време да побараат поостри реакции од меѓународната заедница за ваквите налудничави соништа, бидејќи историјата покажала дека во тоа нема никаков просперитет, ниту економски ниту политички, а уште помалку национален

Долги години изгледаше како Балканот конечно да се ослободил од националистичките духови на минатото. Конфликтите беа на изглед запрени, поранешните непријатели си подаваа рака и влегуваа во дијалог, перспективата за евроинтеграција даваше надеж и ЕУ беше среќна. Деновиве, спротивно на ова, повторно се актуализираа идеите за нови прекројувања и кроеви на границите на Балканот, а со тоа и на Македонија. Заживувањато на идеите за некакви големи држави на просториве и можна размена на територии меѓу земјите од опкружувањето во име на трајниот мир повторно се популарни, особено по отворените изјави на регионалните, но и кај дел од домашните политичари за промена на границите и откако Србија и Косово се под притисок да ги решат сите отворени прашања, вклучувајќи го и дефинирањето на границата за да се изградат поблиски врски со ЕУ и на крајот да се приклучат на блокот.

Од друга страна, заживувањето на ваквите соништа за некакви големи држави со едно доминантно население во нив на просториве и размена на територии во исто време ги подгреа старо-новите дилеми и безбедносни прашања од кои директно сме засегнати и ние. Дополнително, масло на огнот во целата слика налеаја и натписите во германските, но и во швајцарските медиуми, во кои како главна тема на нивните насловни страници беше идејата за заживување на сонот за голема Албанија и можните безбедносни реперкусии од таквата идеја, како резултат, пак, на најавата дека од 1 јануари 2019 година, Приштина и Тирана ќе ги укинат своите меѓудржавни граници и царини.
Иако долго време промената на границите беше табу-тема на Балканот, сега, како што напиша германскиот весник „Бадуше цајтунг“, некои балкански политичари по ваквиот развој на настаните отворено се закануваат со отцепување на поединечни региони и нивно приклучување кон таканаречените татковини-мајки.

Заживувањето на идеите за некакви „големи држави“ на просториве и можна размена на територии меѓу земјите од опкружувањето како услов за траен мир на Балканот, актуелно деновиве, ги подгреа старо-новите дилеми и безбедносни прашања, од кои директно сме засегнати и ние

Целата ситуација ја наелектризира еден текст во весникот, кој потсетувајќи на предлогот на Еди Рама за евентуален заеднички претседател на Косово и Албанија, и изјавите на косовскиот претседател Хашим Тачи за „корекција на границите“. Во сржта на ваквите идеи би биле денешна Албанија и Косово, а покрај тоа и Македонија, во која живеат околу половина милион Албанци, каде што со Албанците од јужна Србија и неколкуте десетици илјади од Црна Гора е сликата што би била комплетна за ваквите идеи доколку овој „занес“ во меѓувреме не го стопира Западот.

Сега, меѓутоа, кога повторно врие на Балканот, пред влезот на земјите во ЕУ и во НАТО, овие идеи и јавно искажани налудничави тези треба да го вклучат црвеното светло кај Брисел и Вашингтон од последователен можен конфликт како резултат на повиците за ново прекројување и кроење на Балканот.

Како и да е, Македонија и регионот треба да се навикнат дека помудро би било да се намали значењето на овие националистички изливи на поединци и повици за корекции на границите на Балканот, а во исто време да побараат поостри реакции од меѓународната заедница, за ваквите налудничави соништа, бидејќи историјата покажала дека во тоа нема никаков просперитет, ниту економски ниту политички, а уште помалку национален.