Корупцијата посилна од перцепцијата!

323

Силните ветувања на политичарите за разградување на корумпираната мрежа траат до изборот на новите министерски кабинети. Во сите општествени сфери завладуваат партизацијата, клиентелизмот и корупцијата во најразлични облици. За коруптивниот начин на функционирање и опстанување на балканските простори, никој јавно не посочува и не говори, а уште помалку му се спротивставува. Борбата против корупцијата се сведе на перцепција!

Корупцијата на сите нивоа е еден од главните предизвици за државите од Западен Балкан, а нејзиното елиминирање е важен предуслов за нивната натамошна демократизација и повисок економски развој. Со години се повторува истиот заклучок во многубројните извештаи на Европската Унија, на меѓународните организации и независни институции, неброени невладини организации, голем број теоретичари и самоповикани борци против злото што го разградува секое демократско општество. Милиони евра, илјадници страници и часови се потрошени за анализи, во јалови политички и телевизиски дебати, во кои главната тема била како да се спречи корупцијата во државите од регионот. Ефектите од „глобалната“ борба на националните влади против корупцијата се минорни или, подобро кажано, бројченикот за одземениот имот претставници од високите структури на власта, поради криминал и корупција, е на почетната позиција „нула“. Силните ветувања на политичарите во предизборните кампањи за решително справување и разградување на корумпираната мрежа траат до изборот на новите министерски кабинети. Потоа сѐ продолжува по старо. Во сите општествени сфери завладуваат партизацијата, клиентелизмот и корупцијата во најразлични облици. За коруптивниот начин на функционирање и опстанување на балканските простори, никој јавно не посочува и не говори, а уште помалку му се спротивставува. Борбата против корупцијата се сведе на перцепција!

Минатата недела повторно го слушнавме годинешното редовно обраќање на претседателката на „Транспаренси интернешнл“, Слаѓана Тасева, која ни ги соопшти податоците за Македонија за минатата година, според Индексот за перцепција на корупцијата. Земјата во 2019 година е пласирана на 106-то место, додека претходната година беше на 93-то место. Повторно слушнавме дека борбата против корупцијата во Македонија назадува! Ако ни е за утеха, ни другите балкански држави не можат да се пофалат со некаков напредок на листата на перцепција. Сите, без исклучок, имаат негативен скор во однос на претходната, 2018 година (Албанија е на истото, 35-то место). Оцените за сите земји од Западен Балкан се исти. Босна и Херцеговина е во земјите што глобално во континуитет најмногу назадуваат кога станува збор за корупцијата, но особено е истакнато за неправилностите во спроведувањето на изборите и законите од областа на финансирањето на политичките партии во предизборната кампања.
Податоците за перцепцијата за присуството на корупција во земјава треба да ги загрижат носителите на власта. Враќањето на Македонија на нивото од пред 2017 година е поразително сознание. Тоа е периодот кога граѓаните излегоа на улиците и бараа изградба на независни институции, кои ќе ги проверат сите индиции за можни криминали што беа обелоденети со бомбите од тогашната партија во опозиција. Оттогаш имаме целосно девалвирање на специјалното јавно обвинителство, чии високи претставници беа инволвирани во сомнителни случаи за изнуда и рекет. Ниеден од почнатите судски предмети за корупција од претходната власт не доби конечна разврска. Наместо да одговори со силни и издржани аргументи за реформи во целокупниот правосуден систем, на новите податоци од „Транспаренси интернешнл“, македонската влада се задоволи со објавување на соопштението за тоа дека ја продолжиле „бескомпромисната борба против корупцијата со подигање на отчетноста и транспарентноста на институции на извршната власт“, но забележа дека „е потребно и независно, транспарентно и отчетно судство и обвинителство, со непартизирана антикорупциска комисија“. За ваквата состојба, секако, влијание има и неподготвеноста на сегашната опозиција, која не успеа да ги надмине теснопартиските интереси. Таа од необјасниви причини одбива да гласа за новиот закон за јавното обвинителство. Од донесувањето на законот зависи и одлуката на Европската Унија за почнување преговори со Македонија за пристапување во европската заедница.

Причините за ограничените резултати во спречувањето на корупцијата, генерално во сите земји, се многубројни: од создавање технички услови, недостиг од политичка волја кај елитите на власт да ги отстранат недемократските практики, до недоволно изградена општествена култура и свест. Во својата анализа за корупцијата во земјите од Западен Балкан, Јована Маровиќ, на корупцијата и клиентелизмот гледа како на извор на моќта на балканските автократи.
Борбата против корупцијата на Балканот треба да е комплексна и долгорочна, од причини што успехот зависи од степенот на политичка и демократска култура. Главниот двигател на реформите во земјите од регионот и за сузбивање на корупцијата, која се состои во политика на условување од Европската Унија, се покажа како успешен инструмент. Но се чини со ограничен ефект, кој се сведе само на ниво за хармонизирање на националните со европското законодавство. Тоа што недостига се конкретните примени и резултати од борбата против корупцијата. Подобрување на транспарентноста и перцепцијата во однос на корупцијата не значи и реално владеење на правото, туку само создавање привид за демократско општество.

„Корупцијата цвета, пред сѐ, таму каде што демократските темели се ослабени, а како што гледаме во голем број земји се користи од популистичките политичари“, ќе каже Делиа Фереира Рубио, претседателка на „Транспаренси интернешенл“.