Корона-тероризам

499

Зад кулисите на кои, со филмска брзина, се менуваат сцените во кои се манифестираат подзаборавените човечки особини какви што се професионализмот, одговорноста, солидарноста, пожртвуваноста…, неуморно дејствуваат темните сили, распалувајќи ја пандемијата на измамници, квазинаучници, надрилекари, шпекуланти, лихвари, теоретичари на заговори и на крадци, чија единствена цел е профит, што побрз и што поголем – чист тероризам, во овие услови

Глобалната драма предизвикана од сѐ уште недоволно познатиот коронавирус, секојдневно добива сѐ позастрашувачки размери, и тоа не само од здравствен аспект, така што сѐ повеќебројни се и оцените, според кои, светот се соочува со најголемата криза од Втората светска војна. Замолчеа дури и „експертите“, кои во почетокот го негираа постоењето на вирусот, како и оние што се обидуваа да протуркаат тези, според кои, тој е вештачки создаден во некоја лабораторија како оружје за пресметка меѓу големите сили. Нивните тези не го издржаа ниту тестот на времето од само неколку недели, бидејќи многу брзо се покажа оти од коронавирусот еднакво заболуваат и умираат луѓето на Западот како и на Истокот, богатите и сиромашните, моќните и влијателните, како и луѓето од општествените маргини. А најмногу оние помеѓу, зашто таквите се и најмногубројни – обични луѓе. И не само што заболуваат и умираат туку и најмногу ги трпат, и допрва ќе ги трпат, директните и индиректните последици од пандемијата.

Но со падот на споменатите тези, целата ситуација не го загуби милитантниот призвук, па, така, со големиот број нови термини што го инфицираа секојдневниот говор, во него навлегоа и некои мошне застрашувачки, како на пример, биотероризмот. Веќе го слушнавме од повеќе епидемиолози кога зборуваа за случаите на одбегнувањето на карантин и за кршењето на правилата за самоизолација, а според повеќе објави во медиумите, властите и во САД и во Русија веќе го окарактеризирале како акт на тероризам намерното ширење на коронавирусот, што во оваа ситуација, воопшто не би можело да се нарече радикална мерка, иако од другата страна има и земји што го игнорираат вирусот или, пак, дозволуваат тој слободно да се шири низ нивната популација. Но како што е познато, вирусот сѐ уште е непознат, а со тоа и непредвидлив, така што времето ќе покаже кое од овие решенија било подобро. Најдобро, се разбира, ќе беше ако воопшто и не требаше да се избира. Преголема е таа одговорност и товар дури и за, според многумина, преплатените и не секогаш најомилени креатори на државните политики. Човек деновиве да не им е во кожа.
Сепак, тука не завршува приказната за одговорноста. Кризата се манифестира на сите нивоа и во сите домени на живеењето на национален и на глобален план – таа е предизвик за целиот човечки род.

Динамиката на настаните, а често и уверувањето дека се недопирливи, на овие ликови, засега, им овозможуваат безбедно дејствување. Но дали треба и да остане така? Пандемијата веќе е доволно опасна и без разни измамници и манипулатори така што нивните активности, колку некогаш и да изгледаат безопасно на прв поглед, едноставно не смеат да се толерираат

Тоа деновиве, низ целиот свет, на најпозитивен начин го демонстрираат голем број здравствени работници, научници од разни области, полицајци, пожарникари, возачи…, кои се во првите борбени редови. Но зад кулисите на кои, со филмска брзина, се менуваат сцените во кои се манифестираат подзаборавените човечки особини какви што се професионализмот, одговорноста, солидарноста, пожртвуваноста…, неуморно дејствуваат темните сили, распалувајќи ја пандемијата на измамници, квазинаучници, надрилекари, шпекуланти, лихвари, теоретичари на заговори и на крадци, чија единствена цел е профит, што побрз и што поголем – чист тероризам, во овие услови.
„Хуманитарци“, кои на загрозените групи граѓаните им нудат своја „помош“, огласувачи и продавачи на разни „лекарства“ и „пронајдоци“, „агенти“ за недвижности и разни осигурителни полиси, препродавачи на основните животни намирници и на хигиенски производи по повеќекратно зголемени цени, „банкари“ со мошне „поволни“ услови за кредитирање, преносители на „информациите од прва рака“, а најчесто истресени од некој валкан ракав, „големи ѕверки“ со мал распон на очите и ситни крадци – сите тие, деновиве, во служба на корона-тероризмот, подготвено ги пречекаа мерките на владите низ светот. Исклучок од оваа, сосема очекувано, не е ниту Македонија. Дури, за жал, можеби е и еден од полошите примери. Динамиката на настаните, а често и уверувањето дека се недопирливи, на овие ликови, засега, им овозможуваат безбедно дејствување. Но дали треба и да остане така? Пандемијата веќе е доволно опасна и без разни измамници и манипулатори така што нивните активности, колку некогаш и да изгледаат безопасно на прв поглед, едноставно не смеат да се толерираат.

[email protected]