Короната ги обедини политичарите

293

Иако одлуката за одложување на изборите дојде по предлог на сите политички лидери и политички партии во државата и заслужува внимание и почит, сепак дејствува по малку разочарувачки фактот што требаше на Македонија да ѝ се случи коронавирусот, па политичарите конечно да се обединат и да се свртат кон потребите на граѓаните. Што им пречеше ним во сите изминати три децении од македонската независност да бидат обединети, ако не за сѐ, тогаш барем околу стратегиските прашања на државата, националните и државните интереси и, секако, здравјето на граѓаните

Предвремените парламентарни избори, кои требаше да се одржат на 12 април, се одложени. Ваква одлука, кажано со јазикот на политичарите, донесоа консензуално сите политички лидери. Одлуката за одложување на предвремените парламентарни избори политичарите ја донесоа поради пандемијата со коронавирусот и неможноста тие непречено да се организираат. Но главниот аргумент за одложување на изборите е грижата на македонските политичари за здравјето на луѓето. Тоа што само до пред две недели истите тие „загрижени“ политичари за здравјето на граѓаните ја користеа секоја можна шанса за меѓусебни напади, обвинувања што секако предизвикаа и длабока поделеност меѓу граѓаните, останува зад нас.Иако како да стана правило македонските политичари да се доследни единствено во својата недоследност, едно да зборуваат,а сосема друго да прават. Иако задоцнета, сепак одлуката на политичарите од власта и опозицијата за одложување на предвремените парламентарни избори и искажаната грижа за здравјето на граѓаните треба во секој случај да се поздрави.

Добро е што конечно проработи свеста на политичарите и што интересите на државата и граѓаните конечно ги ставија пред сопствените партиски интереси.
Иако одлуката за одложување на изборите дојде по предлог на сите политички лидери и политички партии во државата и заслужува внимание и почит, сепак дејствува по малку разочарувачки фактот што требаше на Македонија да ѝ се случи коронавирусот, па политичарите конечно да се обединат и да се свртат кон здравјето на граѓаните. Што им пречеше ним во сите изминати три децении од македонската независност да бидат обединети, ако не за сѐ, тогаш барем околу стратегиските прашања на државата, националните и државните интереси и особено за здравјето на граѓаните.

Па, само до пред две недели истите тие политичари што сега ги ставија настрана своите партиски интереси, бескомпромисно и до истребување се навредуваа, клеветеа, закануваа… дека ако останат, или дојдат на власт, ќе го уништат својот политички противник. Пред, па и по појавата на коронавирусот политичарите, кои цело време се во (пред)изборна кампања, како воопшто да не мислеа на интересите и на здравјето на граѓаните. Доволно е само да се спомене енормно високото загадување на воздухот, кое исто така има смртоносни последоци врз граѓаните, но, за жал, досега не видовме заеднички координирана акција тоа да се намали и да се спречи.

Тие што барем малку ги следат состојбите на македонската политичка сцена, сигурен сум не заборавиле дека до пред само недела-две политичарите едни со други си поднесуваа кривични пријави и јавно ги презентираа тајните снимки за злоупотреби и криминал, а на министерот за здравство, во моментот кога пандемијата чукна на вратите на Македонија, Венко Филипче, му се закануваа со кривични пријави и апсења. По појавата на коронавирусот, откако сите видовме дека со ковид-19 нема играње и дека сите (и богати и сиромаси) сме смртни на овој свет и кога сите земји од светот се свртеа кон себеси и се ставија во карантин, цврсто решени да не му помагаат никому, туку само себеси, изгледа конечно сфативме дека оваа криза можеме да ја надминеме само доколку сме единствени, сложни, дисциплинирани и доколку ги слушаме (пре)пораките на здравствените работници, кои се образовани и стручни за тоа, а не на политичарите.
Во овој момент добро е што политичарите (конечно) почнаа да се грижат за здравјето на граѓаните, но веројатно крајно време е тие да бидат филантропи кон граѓаните во секое време, а не само во време на пандемија, зашто, на крајот на краиштата, тие се избрани и платени од граѓаните, за да се грижат за нив а не само за себеси.

Пандемијата со коронавирусот еден ден ќе помине.
Но ништо нема да добиеме доколку од оваа ситуација не извлечеме поука и еднаш засекогаш не сфатиме дека не може на политичката сцена да се опстојува само со кавги, навреди, препукувања, омаловажувања, клеветења, девалвирања, уништување животи, по непишаното правило „раздели па владеј“.
Во изминатите три децении од македонската независност, граѓаните на Македонија најчесто се жртви на партиската поделеност, која се води до уништување на сѐ и сешто, па и на човечки животи. Благодарение на таквите епидемични и некогаш шизофрени политики, голем број граѓани на Македонија заболеа од поединечна и колективна депресија, а стотици илјади, пред сѐ млади луѓе ја напуштија државата само да се спасат од политичките вируси со кои постојано го трујат народот во оваа држава.
Во една пригода авторот на песната „Битола мој роден крај“, Ајри Демировски, кој сите битолчани ги викаше душички, кога беше во посета на Битола кажа: „Гледам, многу се карате. Ве изеде суетата. Тоа многу ми пречи. Затоа имам една молба, нека биде и аманет. Заборавете на суетите и сакајте се. Сакајте ги Битола и Македонија како што ги сакам јас, со затворени очи“.
Ако можеше човекот, кој додека живееше во Македонија почесто беше гладен отколку сит, или најчесто гол и бос, да зборува за Битола и за Македонија со таква љубов, тогаш зошто ние денес да не размислуваме слично. Зошто треба македонските политичари постојано да се навредуваат, омаловажуваат, караат, а да бидат единствени и сложни само во време на криза или непогоди. Народот во Македонија веќе е уморен од политиките на делби и разделби. Доколку ја смениме таа филозофија на размислување и однесување, многу полесно не само што ќе ја победиме заразата со коронавирусот, туку ќе ја движиме Македонија напред, кон посветла иднина.
Во тој случај сѐ помалку ќе ја пееме и песната на Сефедин Бајрамов за Ајри Демировски, „Снагата ми е во Стамбола, душата во Битола“ и нема со своите синови, ќерки или внуци да се гледаме и слушаме преку Скајп.