Комисии за политичко адаптирана историја

918

Македонската историска наука е ставена во „волтеровска“ позиција, во која треба да ги докаже туѓите гледишта на сопственото минато, благодарение на два политички билатерални договори со соседите – со Бугарија и со Грција

Од многубројните поговорки, мисли, заклучоци.., кои настојуваат да ја дефинираат историската наука, македонскиот дел од оваа научна дисциплина се чини дека е стигнат до мудроста на францускиот филозоф Волтер, која во манир на каламбур констатира: „Историјата докажува дека историјата може да докаже сѐ“. Македонската историска наука е ставена во ваква „волтеровска“ позиција, во која треба да ги докаже туѓите гледишта на сопственото минато, благодарение на два политички билатерални договори со соседите – со Бугарија и со Грција. Во согласност со одредбите од договорот за добрососедство и соработка со Бугарија и Преспанскиот договор со Грција, Македонија формира заеднички интердисциплинарни комисии за ревизија, главно на учебниците по историја и географија, кои се употребуваат во образовниот систем, за да ги исчисти од сите траги на наводен иредентизам, односно од сѐ што во македонската историја (и географија) може да им создаде чувство дека се загрозени нивните национални емоции.

За волја на вистината, или на некаква дипломатска (про)форма, овие комисии треба на работат на наоѓање политички коректна „адаптирана содржина што ќе биде во функција на зближување на народите, притоа почитувајќи ја меѓународната практика“. Но во практиката, по состаноците на комисиите, во изјавите што доаѓаат најчесто од членовите на соседскиот тим од комисијата, бугарскиот или грчкиот, главно доминираат барања за интервенција во македонските учебници, додека за нивните учебници вообичаено е категоричен ставот дека нема што да се менува. Симптоматично во целата оваа ситуација е што македонскиот дел од комисиите е многу повоздржан во изјавите и главно се сведува на формални соопштенија за „конструктивност и колегијалност во работата“, при што без да се навлегува во детали, поентата што се повторува е дека „ниту ќе се брише, ниту ќе се пишува нова историја“.

По минатонеделниот (втор) состанок на македонско-грчката комисија во Скопје, шефот на грчкиот тим, Маркос Боларис, ентузијастички најави забрзана динамика на работа, за новата учебна година во нашата земја да почне со нови учебници по историја и географија за основното образование. Грчката страна за почеток поставила три барања: наставниците и професорите да избегнуваат материјали што содржат иредентизам и ревизионизам, од учебниците да се исфрлат античките грчки симболи и да се отстранат географските карти на голема Македонија. Секако, од грчка страна не се споменува ни збор за некаква намера за корекција на учебниците што се употребуваат во нивното образование. За разлика од категоричноста на грчката страна, македонското МНР (во чии рамки работи македонскиот дел од комисијата) издаде само официјално соопштение, во кое се наведува дека: „на вториот состанок е потврдена одлучната заложба на членовите на заедничкиот комитет новите генерации во двете земји и во регионот да се едуцираат во духот на европските вредности на солидарност, доверба и меѓусебна соработка“. Сепак, во дел од медиумите се појавија и неофицијални сознанија од извори од Атина дека грчката страна од комисијата има сериозни забелешки за најмалку двајца членови на македонскиот дел од мешовита комисија. Наводно, грчките претставници во својот извештај за работата, кој ќе биде доставен до Владата во Атина, ќе побараат властите во Скопје да интервенираат кај македонските членови да бидат конструктивни и да го следат духот на Преспанскиот договор. Притоа е наведено клучно предупредување дека „без промена на односот кон елинската историја од северниот сосед, тој не може да продолжи напред кон ЕУ и кон НАТО“.

Барањето на грчката страна за брза промена на учебниците во Македонија во духот на Преспанскиот договор, на некој начин е технички условено од усогласувањето на работата и на македонско-бугарската идентична комисија. Од технички аспект, ако се вршат усогласувања во учебниците според договорените заклучоци на билатералните комисии, логично е тие да се спроведат истовремено, од иста учебна година. Но Драги Ѓоргиев, шефот на македонскиот тим од заедничката комисијата со Бугарија, изразува скептицизам дека до септември може да биде завршена работата на нивната комисија. Ѓоргиев смета дека е невозможно усогласената историја на Македонија со Бугарија и со Грција да се најде во новите учебници од септември.

Македонските политичари, потписници на договорите со Грција и со Бугарија сѐ уште не отстапуваат од уверувањата дека сѐ што е прифатено како обврска од нив (почнувајќи од менувањето на уставното име на земјата) е во име на „возвишената цел“ – евроатлантска интеграција на Македонија, инсистирајќи дека притоа е загарантиран македонскиот идентитет. Но секој чекор за практично исполнување на обврските од договорите некако ги нагризува гаранциите и ја става Македонија пред предизвикот на некои други дефиниции на историјата. На пример онаа на Џорџ Орвел дека „најефективниот начин за уништување на луѓето е да се негира и уништи нивното сопствено поимање за својата историја“. Или ако сѐ уште е во важност онаа најпопуларната поговорка, дека „историјата ја пишуваат победниците“, актуелното комисиско преговарање за историските (и географските) учебници, укажува на ситуација во која Македонија не е во победничка позиција.

Фото: Маја Јаневска-Илиева