Колекција на поздрави и честитки од Брисел

575

Со сите политички очекувања и надежи за почеток на преговори со ЕУ, Македонија засега има само завидна колекција на „поздрави“ од Европската комисија и многу ефектуирани жртви како држава

Македонија вчера ја збогати колекцијата на поздрави и честитки т.н. препораки на Европската комисија за почеток на преговори за членство во ЕУ, но неизвесноста за добивање на фамозниот „датум“, кој значи прв чекор од „патот со илјада чекори“ до полноправно членство во Унијата, и понатаму останува заплеткана во бриселските комбинаторики на земјите-членки. Имено, во вонредниот извештај објавен вчера, Европската комисија потврди дека Македонија и Албанија ги исполниле условите за почнување на преговорите за пристапување во Европската Унија. Извештајот го потврдува напредокот на Скопје и на Тирана во постигнувањето резултати во клучните области утврдени од Советот на ЕУ.

Генералната оцена од извештајот е дека „основните препораки за почнување на пристапните преговори остануваат валидни“. Извештајот е веќе испратен до земјите-членки, кои треба да одлучат на министерско ниво, а потоа лидерите треба да се изјаснат, на крајот од март, дали ќе почнат преговорите за пристапување во Унијата.
Доколку се чита само соопштението од извештајот на ЕК, може да се создаде впечаток дека европерспективата на Македонија е ширум отворена, без никакви пречки и стапици, што кај „наивните еврооптимисти“ може да предизвика и недоумица, зашто земјава 15 години добива препораки, но никако не ги почнува преговорите. Дел од недоумиците може да расчисти сознанието дека долги години пречката беше наметнатиот услов од ЕУ – решавање на спорот со Грција за името на нашата земја. Тој услов често беше маскиран со бирократскиот еуфемизам – воспоставување добрососедски односи, пред сѐ со земјите од опкружувањето, кои веќе се членки на ЕУ и на НАТО, како Грција и Бугарија, па и Албанија (како членка на НАТО). Во име на таквите евроатлантски аспирации, за исполнување на неформалните критериуми на ЕУ и на НАТО, во изминатите три години, државноста на Македонија, што се вели, „се преврти на постава, со многу распукани шевови“, надевајќи се дека можеби конечно и ќе го добие датумот за почеток на преговори со Унијата. Прво со Бугарија беше потпишан Договорот за добрососедство и соработка, кој во голема мера е асиметричен на штета на Македонија, ставајќи ги како предмет на ревизија македонската историја, македонскиот јазик, а од македонското малцинство во таа земја, македонската држава потпиша дека тоа е внатрешно прашање на источниот сосед. Сепак, вистинската голема жртва се случи со манифестацијата на добрососедството со Грција. Со конечната спогодба, потпишана во селото Нивици на Преспанското Езеро, во присуство на претставници на меѓународната заедница (ЕУ, САД, ОН), Македонија се согласи да го промени дотогаш уставното име, додавајќи географска одредница, како за надворешна така и за внатрешна употреба, т.е. ерга омнес. Тој договор предизвика низа тектонски уставни и политички промени во земјата, кои за дел од македонската јавност беа примени „со горчина“, токму во име на ветувањата од меѓународната заедница за отворање на евроатлантските перспективи. Сепак, постои(ше) и друг голем дел од јавноста што и понатаму смета дека сите промени што ги направи Македонија, се преголема жртва за нејасните и недоволно искрени ветувања за европерспективите. Тоа се докажа и на референдумот во септември 2018 година, кога големо мнозинство од граѓаните не излезе да го поддржи Преспанскиот договор (за менувањето на името на државата), заради влез во ЕУ и во НАТО. Таквиот став беше игнориран од политичката елита и со многу контроверзни постапки во Собранието беа направени уставните измени.

Во целиот тој процес на трансформација на македонската држава, колку и да беше голема поддршката на меѓународната заедница, сепак никогаш не беше дадено јасно ветување од ниту еден лидер дека автоматски ќе бидат почнати преговорите за членство во ЕУ. Во интерес на вистината, во голема мера е исполнето ветувањето за членство во НАТО. Но вистинскиот шок беше од ЕУ, кога, и покрај сите позитивни извештаи на ЕК за Македонија, сите спроведени реформи (покрај другите веќе споменати промени), францускиот претседател Емануел Макрон почна да искажува сомневања за понатамошното проширување на Унијата со земјите од Западен Балкан, па реши да ја менува методологијата за преговарање. Тоа беше последниот изговор на ЕУ, на самитот во март да не ѝ се додели на Македонија датум за почеток на преговорите.
Затоа, најновата препорака за почеток на преговорите од ЕК, за Македонија и понатаму не значи крај на неизвесноста за европерспективите. Имено, неколку земји-членки не се приврзаници на можноста Македонија да ги започне преговорите за членство без Албанија. Па, иако препораката за Македонија е чиста, за Албанија и понатаму има одредени сомневања. Ако на тоа се додаде и неодамнешната изјава на албанскиот премиер дека „март треба да се заборави како опција за добивање датум“, македонскиот датум за ЕУ останува во зоната на дискутабилни теми. Покрај тоа, сè уште не е познато како на извештајот ќе реагираат Холандија и Данска, кои заедно со Франција покажаа резервираност минатата година и не го поддржаа почнувањето на преговорите за пристапување.
Со сите политички очекувања и надежи за почеток на преговори со ЕУ, Македонија засега има само завидна колекција на „поздрави“ од Европската комисија и многу ефектуирани жртви како држава.
За македонските граѓани ваквите поздрави и честитки од Брисел не значат речиси ништо доколку не се ефектуираат преку многу поконкретни заложби и потези на ЕУ во насока на забрзување на нашите евроинтеграции.