Кога времето значи живот

196

Сега е најбитно да се лобира и да се обезбедат што е можно поголем број вакцини за нашето население, а тоа да се имунизира во најкраток можен рок. Брзината и времето
сега се клучен фактор. Македонците неодамна покажаа дека ако се здружени, тие во спортот може да поразат дури и една фудбалска суперсила како Германија, па зошто да не ги здружиме сите наши расположливи капацитети и сили и да се обидеме побрзо да ги поразиме вирусот и пандемијата, која трае веќе предолго

Процесот на имунизација на македонското население се одвива со побавна динамика од посакуваната. Со тоа и тунелот за излез од здравствената и економска криза станува сѐ подолг и понеизвесен. Загрижувачки се информациите што неодамна ги објави „Блумберг“, кој истакна дека со досегашното темпо на вакцинација, целиот процес во Македонија би се заокружил дури за десет години. Медиумот заклучил дека во Македонија, најновите податоци покажуваат дека во просек се даваат по 651 доза на ден, а со оваа динамика ќе бидат потребни уште десет години за да се имунизира 75 отсто од вкупната популација на земјата. За разлика од нашата земја, пак, во соседството, според медиумот, има држави како Србија, за која, пак, се информира дека имунизацијата ќе ја заврши за пет месеци, или Албанија за 9 месеци…
Ваквите информации и факти дека Македонија ќе треба да живее со пандемијата уште цела декада до комплетната имунизација се поразителни и страшни. Нашата земја и економија и онака веќе една година се на тешки маки како да го одржат нормалниот тек на општествените и економските процеси и да заштитат илјадници наши граѓани да не останат без работни места.

Иако официјално интересот за вакцинирање е доволно голем, со бројка од нешто над 134.500 илјади граѓани што веќе се пријавени на официјалната страница на Министерството за здравство за искажување заинтересираност за вакцинација, оваа бројка не се отслика и на терен, кога почна имунизацијата. Според она што ги презентираа властите, загрижувачки е податокот дека околу 20 проценти од оние што се пријавиле дека ќе се вакцинираат, потоа не се појавиле на својот закажан термин.
Никој не може да ги обвини граѓаните за овие состојби, кои можно е да се резултат и на страв, збунетост, неинформираност и редица други причини.
Впрочем, недовербата и несигурноста на граѓаните да се вакцинираат се проблем со кој се соочуваат и сите други земјите што веќе располагаат со (условно) доволно количество вакцини. Во контекст на настаните, интересни се информациите на анкетата на институтот за демократија „Социетас цивилис“, кој, пак, информира дека половина од нашите граѓаните со резерва гледаат кон вакцинацијата.
Имено, повеќе од една година откога е започната пандемијата, па досега, нашиот народ, за жал, се навикна да слуша различни и често крајно спротивставени ставови во однос на имунизацијата.
Честопати надвор од логиката, нашите политичари од двете страни на мозаикот водат вербална битка насочена кон придобивање на гласачите и постојано меѓусебно се напаѓаат и обвинуваат наместо сите заедно да се здружат во напорите за побрзо справување со пандемијата. Наместо секој со своите можности и капацитети да помогне да се донесат што повеќе вакцини во Македонија, нашите „лидери“ се чини дека се обидуваат само да докажат кој е виновен за големата загуба на животи во земјата.

Тоа, од една страна, можеби ја привлекува публика да ги следи нивните изјави, но, од друга страна, во суштина испраќа погрешна порака, ги остава проблемите нерешени и не дава солуции за надминување на здравствената криза.
Дополнително, во последниот период откога трае имунизацијата, за разлика од почетокот на пандемијата, се чини дека недостигаат и општа државна стратегија и кампања во здравството за новиот развој на случувањата. Недостига јавен стимул од сите фактори во земјата за поттик на граѓаните да се вакцинираат, малобројни се или недоволни информативните кампањи од едукативен и здравствен карактер како од времето кога избувна вирусот.
Во моментов во земјата животите се губат, општеството е закочено, а економијата е на колена. Овие загуби од секаков карактер се потешки од многу други кризи и страдања што ја допреле Македонија. Во оваа т.н. трета светска војна единствена надеж е имунизацијата на населението, која се постигнува со здружено дејствување на сите политички и општествени чинители, слично на една национална спортска репрезентација. Македонците неодамна покажаа дека ако се здружени, тие во спортот можат да поразат дури и една фудбалска суперсила како Германија, па зошто да не ги здружиме сите наши расположливи капацитети и сили и да се обидеме побргу да ги поразиме вирусот и пандемијата, која трае веќе предолго.

Во моментов е неопходно оваа државна репрезентација против ковид-19 да ги мобилизира сите ресурси што ни се на располагање. Сега е најбитно да се лобира и да се обезбедат што е можно поголем број вакцини за нашето население и тоа да се имунизира во најкраток можен рок. Успешен рецепт како за краток временски период да се порази една пандемија на овие краишта има уште од времето на Југославија и тој може да се земе како пример. Во 1972 година, приближно за еден месец, било имунизирано 18-милионско население, со што на територијата на тогашните шест републики, меѓу кои и Македонија, се спречиле штетните и смртните последици од вариола вера. Болеста во тогашната држава била регистрирана на 16 март, а целосно била поразена еден месец подоцна, односно на 15 ти април.
На крајот од денот и со тимски дух, нашето општество и сите негови чинители се клучната карта на која можеме да играме за да се порази пандемијата и да му се стави крај на хаосот. Брзината и времето сега се клучен фактор.

[email protected]