Кога бесплатното е најскапо

325

Секое ветување мора да се потпира врз економски издржана и реално остварлива платформа. Зашто многу е подобро да се креира амбиент и да се создаде економија кога ќе се овозможат висок раст, стабилни и сигурни примања и висок стандард за граѓаните отколку да се игра на картата на нудење „бесплатни услуги“, што е својствено за општество на социјални случаи и сиромаштија. Треба да се размислува во правец како повеќе да се заработи, наместо како нешто бесплатно да се добие. Зашто на крајот на краиштата ништо не е бесплатно. Токму тоа што се чини дека е без пари, некогаш најмногу ги чини и граѓаните и државата

Сите избори досега во Македонија, и локални и парламентарни, носат ветувања за подобар живот и повисок животен стандард на граѓаните. И тоа е сосема во ред, бидејќи, нели, секогаш треба да има битка на идеи, вкрстување и соочување на различни концепти, во интерес на јавноста и граѓаните и проекти што ќе носат прогрес. Но многу често, ветувањата ги надминуваат реалните можности на економијата и државниот буџет, со цел да се привлечат што повеќе гласачи, но понекогаш и поради тоа што кандидатите немаат целосен и детален увид во бројките, доказите и реалните потенцијали на економијата. За само неколку дена откако официјално започна кампањата за локалните избори, кои ни претстојат, се изнаслушавме сѐ и сешто од кандидатите за градоначалници во општините, но и од претседателите на партиите, кои ги билдаат своите ветувања и најавуваат проекти што се застанати помеѓу реалните можности и желбите. Така, на пример, се ветува минимална плата од 18 илјади денари, а просечната плата да расте до максимум 800 евра, се ветува бесплатен државен интернет на отворени јавни површини на локации од интерес за туристи и за граѓаните од страна на телекомуникациски оператори, бесплатен јавен превоз во Скопје, бесплатен медицински транспорт за лицата во трета доба и лицата со попреченост до здравствените институции во градот… Но дали прашува некој колку економијата може да ги издржи овие ветувања од кандидатите што се протегаат низ локалните и парламентарните избори веќе со години?!
Граѓаните се жалат дека трпат за леб, а политичарите им продаваат ветувања што немаат економска логика.

Сите овие ветувања се убави за слушање, но колку се тие и реално остварливи или, пак, колку се неопходни и приоритетни?
Платата стана фокус на политичките партии уште пред многу години, при што нејзината застапеност во изборните програми се зголемува постојано. Ветувањата за побрз пораст на минималната плата, но и просечната, од тоа што економијата реално може да издржи, претставува трошок за работодавачот, кој може да одлучи да го згасне работното место ако тој трошок стане многу висок, без при тоа да се следат продуктивноста и растот на БДП.
Тоа што дополнително боде очи се ветувањата за бесплатни поволности за граѓаните. Во економијата нема ништо бесплатно, бидејќи на крајот од денот повторно граѓаните ќе го платат тоа.
На пример, бесплатен превоз значи дека Град Скопје би ги покрил сите трошоци на јавното сообраќајно претпријатие. Но градската каса главно се полни преку даноци, комуналии и разни други давачки што ги плаќаат граѓаните. Значи повторно граѓаните ќе платат, вака или онака, бидејќи градот објективно тоа не може финансиски да го издржи, затоа што буџетот на Скопје не е бунар без дно.
За да се воведе функционален бесплатен јавен превоз треба најмалку двојно да се зголемат бројот на автобуси, вработени и месечни трошоци. Бидејќи ако не се зголемат постојните капацитети, автобусите би биле преполни и бесплатниот јавен превоз би бил сосема нефункционален.
Ако се воведе бесплатен јавен превоз, со нови автобуси, со нови автобуски линии и без наплаќање билети, за да биде функционален, може да се случи или јавното сообраќајно претпријатие да банкротира или градската каса да се испразни, доколку оттаму се покриваат сите овие трошоци. Значи работите воопшто не се црни-бели.
Изборните кампањи ветуваат сѐ и сешто, но подобро е нешто издржано и реално остварливо да им се вети на граѓаните, отколку попусто да се зборува и да нема никаков економски ефект, а сето тоа потоа да биде на сметка и врз грбот на граѓаните.

Ако веќе се ветуваат проекти и програми, тогаш е подобро да се ветуваат нови вработувања, инвестиции во патишта, развој во општините, дигитализација, сѐ во насока на подобра иднина за граѓаните. И, секако, секое ветување да се потпира врз економски издржана и реално остварлива платформа. Зашто многу е подобро да се креира амбиент и да се создаде економија кога ќе се овозможат висок раст, стабилни и сигурни примања и висок стандард за граѓаните отколку да се игра на картата на нудење „бесплатни услуги“, што е својствено за општество на социјални случаи и сиромаштија. Треба да се размислува во правец како повеќе да се заработи, наместо како нешто бесплатно да се добие. Зошто на крајот на краиштата ништо не е бесплатно. Токму тоа што се чини дека е без пари, најмногу ги чини и граѓаните и државата.