Клонирањето – нов проект на Владата

275

Јасно дека многумина се изненадени, но овој метод на генетичкиот инженеринг дури и кај нас веќе одамна не е тема од областа на научната фантастика туку реалност, присутна во секојдневниот живот. Но за разлика од тоа што усовршувањето на овој метод низ белиот свет резултира, пред сѐ, со бизарниот тренд за клонирање домашни миленици, Владата во Македонија е фокусирана на умножување на сопствените тела и органи, таканаречените владини агенции, дирекции, управи, комисии, комитети, совети… И тоа без етички дилеми

Откако се посведочи успехот на сите досегашни владини планови за спроведување на таканаречените врвни реформски приоритети, јавноста сега веќе извесно време е во исчекување на резултатите од не помалку значајниот проект на Владата – клонирањето.
Јасно дека многумина се изненадени, но овој метод на генетичкиот инженеринг дури и кај нас веќе одамна не е тема од областа на научната фантастика туку реалност, присутна во секојдневниот живот. Но, за разлика од тоа што усовршувањето на овој метод низ белиот свет резултира, пред сѐ, со бизарниот тренд за клонирање домашни миленици, Владата во Македонија е фокусирана на умножување на сопствените тела и органи, таканаречените владини агенции, дирекции, управи, комисии, комитети, совети…. И тоа без етички дилеми.

Последниот во низата беше Комитетот за интеграција на Република Македонија во НАТО. И како што завчера соопштија од Владата, и со него претседава премиерот Зоран Заев, а негови заменици се вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска Јанковска, вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров. Постојани членови на Комитетот се заменик-претседателот на Владата и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерката за правда Рената Дескоска, министерот за финансии Драган Тевдовски, министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, началникот на Генералштабот Васко Ѓурчиновски, директорот на дирекцијата за безбедност на класифицирани информации Стојан Славески, националниот координатор за НАТО Стево Пендаровски… Ги има, а богами и ќе ги има уште, само што веќе нема потреба од набројување. Овие се наброени колку да се види оти сето тоа е повторување на едни исти имиња што се координираат по разни основи и за тоа постојано измислуваат нови и нови форми. Се разбира, некој треба и да ги опслужува, па заради тоа се вработуваат нови асистенти, секретарки, портири, возачи, компјутерџии, портпароли… Се преплетуваат и се заплеткуваат овластувања, надлежности и односи на субординација, за потоа сите да се прогласуваат за неповикани и ненадлежни.

Владата не соопшти дали и колку финансиски ова ќе ја чини државата, но досегашните искуства со слични „форми на организирање“ на владините функционери и службеници покажаа дека ваквите „параинституции“, „паратела“ и „параоргани“, освен што, речиси по правило, се непродуктивни, само ги забавуваат, усложнуваат и блокираат процесите и создаваат забуни и ги демотивираат оние што, според словото на Уставот и на законите, веќе се овластени да ги туркаат низ соодветните сектори и одделенија во министерствата. И кои, за разлика од минливите и менливите политички фигури, барем според редот на нештата, би требало веќе да се упатени во работите.
Тоа приближно, како што веќе би требало да им е познато барем на споменатите први луѓе од Владата, би било во духот на мерит-системот за организирање и функционирање на државните служби, за кој, впрочем, некои од нив и јавно се заложуваа. Се разбира, од позицијата на опозиција. Кога другите ги мешаа картите.

Јасно дека оваа власт, како и сите претходни, константно мора да ги задоволува растечките апетити на коалициските партнери, но и да фрли понекоја коска за залажување на гладот кај опозицијата, поради што со забрзана динамика се измислуваат и создаваат нови, а често дури и паралелни центри за вработување или некоја друга форма на работно ангажирање на партиските кадри. Таквата нездрава хипертрофија ги забавува државниот апарат и јавната управа и ги прави неотпорни на секакви влијанија, што, наместо со поголема ефикасност, резултира со опаѓање на нивната делотворност. Тоа особено стана видливо откога на власт почнаа да се сменуваат широки коалиции, како резултат на веќе очигледно проблематичниот изборен модел. А како што веќе посведочивме, ниту институционалните ниту законските ограничувања не се од господ дадени

Но колку заложбите, најавите и ветувањата се остваруваат е видливо секојдневно и на секој чекор. Јасно дека оваа власт, како и сите претходни, константно мора да ги задоволува растечките апетити на коалициските партнери, но и да фрли понекоја коска за залажување на гладот кај опозицијата, поради што со забрзана динамика се измислуваат и создаваат нови, а често дури и паралелни центри за вработување или некоја друга форма на работно ангажирање на партиските кадри. Таквата нездрава хипертрофија ги забавува државниот апарат и јавната управа и ги прави неотпорни на секакви влијанија, што, наместо со поголема ефикасност, резултира со опаѓањето на нивната делотворност. Тоа особено стана видливо откога на власт почнаа да се сменуваат широки коалиции, како резултат на веќе очигледно проблематичниот изборен модел.

А како што веќе посведочивме, ниту институционалните ниту законските ограничувања не се од господ дадени. Вистина, тие често се ненамерни и неантиципирани, резултат на некои недоволно промислени и лоши одлуки или компромиси во минатото. Но тие, како и сѐ друго, можат да бидат елиминирани доколку постои политичка волја и, се разбира, доколку јавноста изврши притисок врз политичките чинители, или доколку, во краен случај, интервенира некој меѓународен фактор. Во спротивно, постојано ќе решаваме дилеми каква што е последната, на пример, дали Заев ќе им претседава на Пендаровски и екипата или, пак, Пендаровски ќе ги координира Заев и другите на патот кон НАТО.