Квислинзи од „нашето маало“

999

Систематски и перфидно, бугарската политика ги активира интелектуалните „спијачи“ во Македонија, кои претходно ги уживале највисоките привилегии од македонската држава, за да подметнуваат лажни научни и политички вистини дека „нема секој народ право да ја пишува сопствената историја“. Со таква премиса и задача, веројатно наредниот аргумент на „спијачите од петтата колона“ ќе биде дека е заблуда фактот дека секој човек е сопственик на сопствената кожа… И дека продавањето на сопствената кожа, како „личен избор“, е во согласност со демократските либерални принципи… Она што не се кажува е дека кога ќе ја прифатиш, од какви било причини, идејата на другите за тебе, едноставно те снемува на хоризонтот. Затоа секоја перфидна игра на предавниците и квислинзите мора да биде енергично отфрлена и осудена

Кога Сем Али (Јахја Махаини) ќе влезе во затвор откако искажал љубов спрема Абер (Деа Лијан) во воз во Сирија, колку и да изгледа како класичен заплет за проблематична ситуација на главниот јунак што ќе го движи дејството на филмот, никако не ја најавува комплексноста на дилемите што ги наметнува „Човекот што ја продаде својата кожа“. Бегајќи во Либан, патеката на Сем Али се вкрстува со онаа на концептуалниот уметник Џефри Годфроа (Коен де Бу), кој му нуди легален премин во Европа во замена за регрутирање на Сем да биде негов „материјал“ за еден смел и контроверзен проект. Тоа подразбира да го истетовира грбот на Сем со шенген-виза и да го покажува во музеите…
Самиот факт што претходните неколку реченици се кратка содржина на заплет на филмско дело, кое колку и да е комплексно и да „дебатира“ со актуелни теми од светската современост, сепак е уметничка (филмска) фикција во која авторот во кој било миг може да интервенира со судбините на актерите и текот на настаните. Филмот „Човекот што ја продаде својата кожа“ на туниската режисерка Каутер Бен Ханија беше меѓу номинираните филмови за „оскар“ од неанглиско говорно подрачје за оваа, 2021 година. Но и покрај интригантноста на темата за продажбата дури и на (органската) суштината на себепостоењето, за постигнување одреден поинаков степен на слобода… и покрај одличните критики, сепак не го освои „оскарот“… Колку што е смирувачко сознанието дека филмовите и уметноста колку и да се реални и да произлегуваат од животот, сепак ѝ припаѓаат на имагинацијата, толку е повознемирувачки кога состојбите, ситуациите, дилемите со кои се соочуваме во секојдневниот живот (па, дури и колективно-национален) ќе се препознаат во имагинативните заплети и исходи на уметноста.

Речиси неизбежно е препознавањето на вистинитите политички заплети што ѝ се случуваат на Македонија во последните три-четири години, поради толку посакуваната европска и евроатлантска интеграција, во уметничкиот мотив на човекот што ја продава својата кожа. Развојот на настаните со македонските евроинтеграции, со сета динамика на креативноста на политичкиот апсурд, сѐ почесто го поставува предизвикот дали тоа може да го апсорбира и да му даде соодветна логика каква било уметничка дисциплина, зашто научните и политичките принципи во случајот со Македонија, одамна се киднапирани и первертирани. Во македонскиот случај, „човечката кожа“ е метафора за националниот идентитет. Пред да се активира посериозно прашањето за интегрирање на Македонија во НАТО и во ЕУ, според научно признаените дефиниции, националниот идентитет беше (органски) неделив, односно произлегуваше од колективната меморија (историјата) и јазикот на кој комуницираат и се разбираат припадниците на нацијата. Односно беше незамисливо националниот идентитет да се распарчува на „составни делови“, а уште поневеројатно дека така „расчленет“ македонскиот идентитет ќе биде ставен на распродажба за да се биде во друштво на оние шо го презираат, омаловажуваат и сакаат да го асимилираат и целосно да го згаснат.
И покрај гаранциите (сепак со сомнителната веродостојност) за зачуваниот македонски идентитет и јазик од потписниците и поддржувачите на Преспанскиот договор, по менувањето на името на државата (и Уставот) со додавање географска одредница, искушенијата за Македонија поврзани со овие прашања, по грчкото вето, продолжија со идентитетско-историското вето на Бугарија. Македонскиот идентитет речиси и не излезе од мелницата на скриените механизми со кои функционира Европската Унија. Декларативно, во критериумите за проширување на Унијата никаде не се остава простор да се насети дека ЕУ има намера да ја пишува историјата на народите што сакаат да бидат дел од неа и да го менува нивниот национален идентитет. Но давајќи му примат на принципот на консензус во одлучувањето пред сопствените основни принципи, Унијата не може да биде амнестирана од соучесништво во остварувањето на анахроните националистички амбиции на нејзините земји-членки (Грција и Бугарија) на сметка на Македонија.

Актуелните настојувања преку ултиматуми на Бугарија да ги наметне своите услови поврзани со историјата и идентитетот на Македонците, како услов и критериум на ЕУ за проширување со Македонија, флагрантно ги компромитираат сите демократски принципи на Унијата. Но бугарското користење на предноста на членството во ЕУ не завршува само со злоупотреба на нејзините механизми. Систематски и перфидно, бугарската политика ги активира интелектуалните „спијачи“ во Македонија, кои претходно ги уживале највисоките привилегии од македонската држава, за да подметнуваат лажни научни и политички вистини дека „нема секој народ право да ја пишува сопствената историја“. Со таква премиса и задача, веројатно наредниот аргумент на „спијачите од петтата колона“ ќе биде дека е заблуда фактот дека секој човек е сопственик на сопствената кожа… И дека продавањето на сопствената кожа, како „личен избор“, е во согласност со демократските либерални принципи.. И дека така купената „слобода“, интегрираност со ЕУ и во светот, всушност не е ропство… Кога ќе се прифати од какви било причини (особено лукративни) визијата на другите за твоето постоење, на почетокот може да изгледа дека сите хоризонти на светот ти се отворени. Она што не се кажува е дека кога ќе ја прифатиш од какви било причини идејата на другите за тебе, едноставно те снемува на хоризонтот. Можеби си „слободен“, но не постоиш! Тоа е таа перфидна игра на квислинзите, кои се подготвени да продадат и тргуваат со сѐ па и со историјата, јазикот, идентитет на сопствениот народ и држава. Тие, веројатно дебело платени однадвор, одработуваат за туѓи интереси, но забораваат едно нешто. Со своите гнасни подметнувања и лаги секогаш ќе бидат на буништето на настаните и историјата, засрамени, маргинализирани и заборавени од сите.