Катастрофа од инает?

475

Британскиот амбасадор во Вашингтон во своите дипломатски телеграми напишал дека претседателот на САД Трамп од лични причини се откажал од иранскиот договор, поточно од инает кон неговиот претходник Обама, зашто ја договорил спогодбата. Можно ли е светот да се доведе до толку опасна ситуација, до „егзистенцијална закана“ како што велат Британците, само поради нечиј инает?

Како досега да не беше доволно јасно колку опасен безбедносен проблем претставува евентуалниот конфликт меѓу САД и Иран, шефот на британската дипломатија Џереми Хант во понеделникот на средба со своите колеги во ЕУ порача дека тензиите на Блискиот Исток би можеле да претставуваат егзистенцијална закана ако не се зачува нуклеарниот договор со Иран. Ова е едно од најострите предупредувања за можниот развој на настаните откако регионалната криза ескалира пред неколку месеци.

Британија и другите европски земји од петни жили се обидуваат да нагласат дека иранскиот договор „не е мртов“, иако засега не прават многу за да го спасат. Иран повеќепати се закануваше дека ќе продолжи да ја развива својата нуклеарна програма надвор од одредбите од договорот ако преостанатите сили не го заштитат од санкциите на САД, кои, предводени од Доналд Трамп, пред една година решија еднострано да се повлечат од спогодбата. Британија и другите европски земји, пред сѐ Германија и Франција, тврдат дека сѐ уште има шанси да се спаси договорот, истовремено предупредувајќи дека ако Иран продолжи да ја развива програмата и во еден момент стекне нуклeарно оружје, тогаш и други сили во регионот (Саудиска Арабија) може да го следат нивниот пример.

Британскиот министер за надворешни работи, Хант, проценува дека Иран има уште една година пред да дојде до стадиумот да развие нуклеарно оружје и дека дотогаш има можност да се спаси договорот. Тој вели оти ЕУ е подготвена да започне „соодветна заедничка истрага“ за иранските прекршувања на договорот, по неодамнешните објави на Техеран дека ќе го збогатува ураниумот надвор од договорените граници. Бараме начин како Иран да излезе од оваа ситуација и да се врати на почитувањето на договорот, вели Хант. Сличен став делат и другите Европејци, кои за разлика од Американците, сакаат да му дадат живот на тешко постигнатиот договор. Јасно е дека ова прашање е едно од оние што предизвикуваат поделби во евроатлантските односи. Америка под водство на Трамп сака да изврши „максимален притисок“ врз Иран и да го принуди одново да седне на преговарачка маса, но овој пат да преговара за многу повеќе прашања, а не само за нуклеарната програма. Едно сценарио што се турка во Вашингтон, наводно меѓу повоинствените советници на Трамп, претпоставува и т.н. промена на режимот во Техеран.

Од друга страна, Европејците не сакаат конфликт со Иран. ЕУ има развиени економски врски со Техеран, вклучувајќи ги и енергетските. ЕУ беше петта најголема увозничка на иранска нафта, а бројките паднаа со воведувањето на американските санкции. Исто така, ЕУ стравува дека со откажување на иранскиот договор се зголемуваат шансите за нова нуклеарна трка на Блискиот Исток, што потенцијално значи и нови војни и нови бегалци.

Британците и другите Европејци сакаат да ги минимизираат поделбите со САД во врска со „иранското прашање“, но јасно е дека тие постојат. Иран деновиве стана главна причина за раздор меѓу традиционално големите сојузници, САД и Британија. Хант, кој учествува во трката за нов премиер на Британија и заостанува зад Борис Џонсон, негира дека има раздор меѓу двете сили, но развојот на настаните не го поддржува таквиот став. Имено, Британија го загуби својот амбасадор во Вашингтон, Ким Дароч, откако во јавноста беа обелоденети негови дипломатски дописи до Даунинг стрит 10 за начинот на кој функционира американската администрација предводена од Трамп. Во еден од последните објавени дописи, британскиот амбасадор тврди дека Трамп од лични причини се повлекол од иранскиот договор, поточно од инает кон неговиот претходник Барак Обама, кој во 2015 година ја договори спогодбата со Техеран. Според „Мејл од сандеј“, кој ги објави депешите, меморандумот бил испратен во мај 2018 година, откако Џонсон како тогашен шеф на дипломатијата на Британија бил испратен во Вашингтон да го моли Трамп да не се откажува од нуклеарниот договор. Наспроти низата состаноци, претседателот на САД не се премислил. По враќањето на Џонсон во Лондон, британскиот амбасадор во десетина дипломатски депеши оценил дека администрацијата на САД извршила „дипломатски вандализам“ и дека Трамп се откажал од спогодбата од „лични причини“, односно од инает, зашто била договорена од Обама. Амбасадорот, исто така, нагласува дека потегот предизвикал поделби во администрацијата и дека Белата куќа немала стратегија за „денот потоа“, односно за тоа што треба да се прави по повлекувањето од договорот со Иран.

Депешите на британскиот амбасадор во САД се главна тема на Островот откако на нив бесно реагираше Трамп, а Дароч на крајот поднесе оставка. Зад него не застана бившиот шеф на дипломатијата и во моментот водечки кандидат за премиерската функција, Џонсон. И тој и неговиот противкандидат Хант го бранат правото на медиумите да ги објавуваат тајните дипломатски телеграми. Британската полиција се обидува да дознае од каде „протекуваат“ тие и ги повикува медиумите да не ги објавуваат. Скандалот добива и примеси на шпанска серија бидејќи во Лондон се шпекулира дека зад објавените тајни документи стои новинарка, љубовница на претседавачот на партијата Брегзит на Најџел Фараж, еден од најголемите поддржувачи на Трамп во Британија. Тој, пак, своевремено изјавуваше дека Британија во Вашингтон треба да добие нов амбасадор, односно „брегзитер“ што ќе сака да склучи поволен билатерален трговски договор со САД откако Британија ќе излезе од ЕУ.

Од целата шпанска серија во Британија, за нас е многу поважен инаетот. Можно ли е светот да е доведен до толку опасна ситуација само поради инаетот на еден лидер? Сетете се само колку пати нѐ уверувале дека големите сили имаат долгорочни стратегии, што кога ги создаваат ги земаат предвид сите неопходни аспекти – безбедносни, политички, економски итн. Секогаш кога ќе се понадевавме дека ако еден ден на власт дојде таков или онаков политичар и застане да ги брани нашите интереси, одговорот беше дека во суштина нема многу да се промени, бидејќи државата има долгорочна политика кон нас од која не може да отстапува само зашто еден наш „поддржувач“ застанал на чело. Ако навистина нема долгорочна стратегија, да се понадеваме дека Трамп овој пат „од инает“ ќе му покаже на светот дека може да седне на преговарачка маса и да договори „прекрасен“ договор, како што самиот љуби да каже. Од Иран велат дека се подготвени за преговори, ама само ако САД ги укинат санкциите. Којзнае, можеби Трамп ќе си помисли дека светот еден ден ќе го помни како „големиот лидер“ што во еден мандат успеал да се помири и со Иран и со Северна Кореја, земји со кои САД многу години се на работ на војна.

[email protected]