Како опозиција кажуваат едно, како власт прават друго

576

И на власта и на опозицијата треба да им стане јасно дека треба да се бараат начини за ослободување од партократијата и превработеноста во администрацијата, кои се споменуваат во сите меѓународни извештаи како рак-рана на општеството и се услов за конечно добивање на датумот за почеток на преговори со Европската Унија. Сѐ друго е само претурање од шупливо во празно и ништо повеќе. И сето тоа на штета на граѓаните и иднината на државата

Македонија со 26 министри ја има една од најголемите влади во Европа. Една мала држава и по територија и по број на население, и економски сѐ уште неразвиена, е рекордер по бројноста на владиниот состав, што е своевиден парадокс во светски рамки. Во Словенија, на пример, Владата има вкупно 17 члена. Во Естонија 14 министри, Швајцарија само 7. Од земјите во регионот, најблиска ни е Србија, чија влада заедно со премиерката има околу 22 члена. Владата, пак, на Бојко Борисов во Бугарија, земја што е трипати повеќебројна од нас, е составена од вкупно 19 министри и вицепремиери. Во Хрватска има 20 министри, а Косово, кое е слично по бројот на жители, има вкупно 15 члена во владиниот кабинет.
Во споредба со земјите од опкружувањето, на Илинденска бр. 2 „екипата“ сега има над дваесет члена, поточно 25 и тоа премиерот, 15 министри со ресор, 7 без ресор и 4 вицепремиери од кои двајца се и министри. Доколку биде основано новото министерство за политички систем, за кое деновиве слушаме дека Владата размислува да го отвори како замена на секретаријатот за спроведување на Охридскиот договор, а во согласност со планот даден во предизборието именуван како општество за сите, Владата ќе има неверојатни 26 министри. Сето тоа помножено со вкупниот персонал потребен за функционирање на едно министерство, почнувајќи од возачи, секретарки, хигиеничари итн. се доаѓа до една мошне голема бројка. Или нови вработувања, ако некој така ги подразбира и справувањето со невработеноста и заложбите за поголем економски раст.

Но да се вратиме на сегашните бројки и на поранешните тврдења.
Предизборните ветувања на СДСМ како опозиција беа намалување на бројот на министрите на најмногу 20. Понатаму во сите критики на Прибе и на Брисел и, речиси, во сите извештаи за нас во однос на пренатрупаната администрација, проблемот со вишокот кадар во државните институции се поставува легитимно прашањето кому му се потребни уште министри и министерства? Дали со укинувањето на секретеријатот за спроведување на Охридскиот договор ќе се изгуби алатката со која понатаму нема да можат да се регулираат нови рамковни вработување, па сега им е потребен но нов механизам. Или можеби новото министерство е нов рецепт за мир и благосостојба во владејачката коалиција.

Или сево ова изгледа како премолчен договор на СДСМ и на ДУИ да им го регулираат работниот однос на 1.700 луѓе вишок, кои земаат плата, а немаат реални работи места и обврски. Има ли тука политичка етика и професионалност, но и познавање на востановените светски правила за функционирање на јавната администрација во една држава.

Одговори секако има многу, но изненадува тоа што политичарите едно говорат и ветуваат додека се опозиција, а прават сосема друго кога се на власт. И тоа главно важи за сите политички структури досега.

Во времето кога СДСМ беше во опозиција, критикуваше дека Владата е преголема, а кога дојде на власт не само што го задржа бројот на министри, туку планира и да го зголеми.

Истото се однесува и за буџетските трошења, вработувања, владеењето на правото итн.

Во октомври 2015 година, заменик-претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска, зборувајќи на дебата на темата „Создаваме одговорна власт“, рече дека кога ќе дојдат на власт ќе го намалат и бројот на министри и ќе предложат намалување на бројот на пратениците. Слични изјави даваше и сегашниот заменик-министер за економија Кире Наумов. Во интервју за домашните медиуми во ноември 2015 година, тој рече дека идната влада на СДСМ ќе има максимум 20 министри, а не 26 и дека ќе се трудат и да го намалат бројот на пратеници. Каде се изгубија по пат овие ветувања останува не јасно…

Повторно се покажа дека во земјава се зборува едно од опозиција, а се чини друго од позиција на власт. Затоа повеќе од јасно е дека нам како општество и држава воопшто не ни се потребни јалови и непродуктивни трошења на народните пари само за задоволување партиски потреби, било преку измислување и отворање нови министерства, било преку други видови непродуктивни трошења.

Постојат тука уште многу повеќе или помалку замрсени релации, но на сите им е заедничко дека станува збор за невидливи или помалку видливи политички центри на моќ, кои освен што речиси воопшто не ја исполнуваат функцијата за која се создадени, на целиот државен систем често му нанесуваат повеќе штета отколку корист.

И на власта и на опозицијата треба да им стане јасно дека треба да се бараат начини за ослободување од партократијата и превработеноста во администрацијата, кои се споменуваат во сите меѓународни извештаи како рак-рана на општеството и се услов за конечно добивање на датумот за почеток на преговори со Европската Унија. Сѐ друго е само претурање од шупливо во празно и ништо повеќе. И сето тоа на штета на граѓаните и иднината на државата.