Како до поевтина струја?

1928

Ваквиот потег заслужува не само внимание, туку и пофалба, бидејќи конечно некој во државата се сети резултатите од своето економично работење и заштедите што ги прави, да ги сподели со граѓаните. Особено откога во изминатите години македонските граѓани, во најголем број случаи, беа тие што го плаќаа неекономичното, неефикасното и расипничкото работење

Деновиве кога голем број трговци, компании и производители секојдневно најавуваат покачување на цените на своите производи и услуги, веста што како празнична честитка им ја соопшти на новинарите првиот човек на АД ЕЛЕМ, Драган Миновски, на прес-конференцијата во РЕК „Битола“ звучеше помалку збунувачки и нереално.
Благодарение на, како што рече, доброто и домаќинско работење на менаџментот на АД ЕЛЕМ во минатиот период, намалените трошоци, одличните резултати што ги прикажа во своето работење, оптималното искористувањето на производните капацитети и продажбата на вишоците електрична енергија, кои беа направени во минатиот период, АД ЕЛЕМ во барањето за определувањето на максималниот акумулиран приход за 2018 година, од Регулаторната комисија за енергетика бара намалување на производната цена на електрична енергија за 1,5 процент за оваа година.

Ваквата вест на Миновски пријатно ги изненади не само битолските новинари, туку и познавачите на состојбите во електроенергетскиот сектор во Битола и пошироко, зашто се чини дека ова е првпат АД ЕЛЕМ од Регулаторната комисија да побара намалување на производната цена на електричната енергија.
Додека другите енергетски компании или стопански субјекти постојано настојуваат своите финансиски резултати да ги планираат и остваруваат во најголем број случаи, пред сѐ, благодарение на покачувањето на цените, ова веројатно е првпат, најголемиот електроенергетски комбинат во државата да побара намалување на производната цена на струјата.

Доколку Регулаторната комисија го прифати барањето на АД ЕЛЕМ за намалување на производната цена на струјата, може да се очекува дека ќе дојде и до намалување на цената на електричната енергија, која, во наредниот период, ќе ја плаќаат граѓаните и другите потрошувачи.

Првичните пресметки покажуваат дека со ова, производната цена на струјата од АД ЕЛЕМ би се намалила за 0,6 евра во однос на сегашната.
Ваквиот потег заслужува не само внимание, туку и пофалба, бидејќи конечно некој во државата се сети резултатите од своето економично работење и заштедите што ги прави, да ги сподели со граѓаните. Особено откога во изминатите години македонските граѓани, во најголем број случаи, беа тие што го плаќаа неекономичното, неефикасното и расипничкото работење.

Додека другите енергетски компании или стопански субјекти постојано настојуваат своите финансиски резултати да ги планираат и остваруваат во најголем број случаи, пред сѐ, благодарение на покачувањето на цените, ова веројатно е првпат, најголемиот електроенергетски комбинат во државата да побара намалување на производната цена на струјата

За потсетување, оваа компанија, која е стожерот на електроенергетскиот сектор, постојано беше на удар на критики поради наводното криминално и расипничко работење. Во изминатите месеци АД ЕЛЕМ и РЕК „Битола“ беа предмет и на жестока меѓупартиска пресметка поради наводното недомаќинско работење на компанијата. Македонската јавност секојдневно беше буквално бомбардирана со информациите за наводните злоупотреби што се правеле при јавните набавки и тендерите и дека сето тоа се правело на сметка на граѓаните, кои најчесто ја плаќале цената.
Колку само пати беше (дез)информирана јавноста за високите цени што се постигнувале при „договарањето“ на јавните набавки, особено при ангажирањето на механизацијата од приватните компании или при ископот и транспортот на јаловина и јаглен.

Впрочем, само пред неколку месеци и првиот човек на АД ЕЛЕМ Миновски во интервјуто за „Нова Македонија“ истакна дека по неговото доаѓање во компанијата, а особено во РЕК „Битола“, затекнале состојба во која со текот на годините се трошеле сѐ повеќе пари, а се произведувало сѐ помалку електрична енергија. Имало и сѐ повеќе вработувања, а се копало сѐ помалку јаглен. Блоковите биле модернизирани, но по сите тие зафати се произведувала помалку електрична енергија од претходното.
Од 2012 година наваму направена е модернизација на двата блока во РЕК „Битола“, на блокот 3 и на блокот 2. За таа модернизација биле исплатени околу 60 милини евра од вкупно 88,5 милиони евра кредит од Дојче банка, со кои требаше да се направи модернизација на сите три блока во РЕК „Битола“.

Меѓутоа, за жал, со тие зафати намалени биле ефикасноста и моќноста на блоковите, а модернизацијата не ги дала посакуваните резултати и поради тоа АД ЕЛЕМ поведе меѓународна арбитража со компаниите што ја правеле тие зафати.
Според некои пресметки и анализи, се покажало дека изгубената моќност и изгубената енергија во изминатите години, поради неисполнетите барања и критериуми, ја чинат компанијата повеќе од 200 милиони евра. Дека штетите од непостигната моќност се огромни за компанијата, потврди уште тогаш и Миновски, како прв човек на АД ЕЛЕМ.
За да се намалат штетите од неекономичното и, најблаго речено, во некои ситуации расипничко работење во РЕК „Битола“ и во АД ЕЛЕМ одговорните решиле да набават сопствена механизација, со што ќе поевтини производството на електрична енергија. На тој начин, ќе се заштедат огромни пари што се одлеваат во приватни градежни компании, кои од ангажирањето во РЕК „Битола“ направија вистински империи.
Овој пат, за разлика од порано, се чини дека определбата за економично и ефикасно работење, проследено со штедливост, не е само декларативна и дека сегашниот менаџмент на компанијата цврсто одлучил овој пат навистина да штеди.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Нешто што посебно е за поздравување е тоа што, покрај заштедите што се прават во компанијата, се чини, целосно е смената филозофијата, на која изминатите години најголемиот број од стопанствениците ѝ робуваа – дека со подигнување на цените и со поскапувањето на производите и услугите може успешно да се работи и заработи.
Во АД ЕЛЕМ се чини дека ја напуштија таквата филозофија. И не само тоа. Сега во оваа компанија не само што менаџментот е определен на ефикасно и економично работење, туку тоа што посебно радува е што раководството на компанијата одлучи сите заштеди што ги остварува и добрите резултати што ги постигнува во процесот на производството да ги сподели со граѓаните, за тие да добијат поевтина струја.
Сега останува да се види дали ваквиот потег ќе го следат и другите енергетски компании што се занимаваат со производство и со продажба на електрична енергија. Би било навистина добро доколку потегот на АД ЕЛЕМ би го следеле и тие за граѓаните конечно да добијат поевтина струја.