Како до поголема медиумска писменост

204

Се разбира, тоа е една сеопфатна и координирана акција, која освен борбата со лажните вести и дезинформации, подразбира и зголемување на способноста на граѓаните за пристап, разбирање, анализа, критичка оцена на различни медиуми и медиумски содржини. Мораме да научиме како да ја читаме суштината на вестите, а не само површно да се информираме. Иако тоа е комплексен и тежок процес и не носи резултати веднаш, на долг рок е единствениот исправен и здрав чекор за демократија и за поголема медиумска писменост

Најновите истражувања на повеќе светски реномирани институти, меѓу кои и „Фридом хаус“, Институтот за образование (ПИСА) и европскиот Евростат, покажуваат дека повеќе земји-членки на ЕУ од Централна и од Источна Европа бележат податоци за влошување на медиумската писменост во сопствените држави. Во истражувањето во кое се анализирани вкупно 35 земји од Европа и од Балканот, меѓу кои и Македонија, меѓу другото се наведува дека најголемо влошување во однос на медиумската писменост се забележува во Чешка, Словачка и во Полска. Во овие европски земји се забележува пад во медиумската писменост, а факторите што го предизвикуваат тоа се образовното ниво, статусот на медиумите, подемот на сензационализмот и лажните вести, како и слабата критична мисла на граѓаните. Ова само по себе говори дека Европа во суштина тешко може да се справи со ваквиот феномен на ниска медиумска писменост, кој, пак, е во пораст во последниве неколку години. Ако е така во Европа, како ли е во земјите на Балканот, кои, нели, се обидуваат да станат дел од ЕУ и треба да покажат европски вредности на однесување во сите сфери.

Согледувајќи го проблемот од македонски агол, прашањето е како земјава да ги подигне на многу повисоко скалило својата медиумска и информациска писменост? Дека се работи на тоа поле и во таа насока можеме да го посочиме и примерот со првиот македонски весник „Нова Македонија“, кој е пионер во спроведувањето на кампањата за подигнување на медиумската писменост во земјата. Првиот македонски весник е дел од коалицијата за медиумска писменост во земјава, проект што го иницира Високата школа за новинарство и за односи со јавноста и го спроведе заедно со Институтот за различности во медиумите од Лондон, како еден од 10-те најдобри проекти за медиумска писменост во Европа за 2019 година. Покрај тоа што на страниците на весникот се објавуваат аналитички текстови за оваа проблематика во прилогот „Медиум“, наши новинари постојано учествуваат на повеќе трибини и јавни собири на кои се поттикнуваа граѓаните да ги развијат своите вештини за критичко размислување, да ги препознаат медиумите кога дезинформираат, заведуваат и манипулираат со информациите.

Еден од начините за справување со овој феномен е паралелно со борбата со лажните вести да се работи и на едукација на граѓаните и нивната писменост. Не е залудно што европскиот образовен систем ги учи децата на критичко размислување и на дигитална писменост, ги оспособува да препознаат лажна вест уште од мали нозе. На тој план Македонија сѐ уште каска на листата на индексот на медиумска писменост зад Албанија, Турција и другите во регионот. Некакви обиди на тој план се правени во изминативе години, но секогаш треба и многу повеќе и многу почесто да се работи во таа насока. Се разбира, тоа е една сеопфатна и координирана акција, која освен борбата со лажните вести и дезинформации, подразбира и зголемување на способноста на граѓаните за пристап, разбирање, анализа, критичка оцена на различни медиуми и медиумски содржини. Мораме да научиме како да ја читаме суштината на вестите, а не само површно да се информираме. Иако тоа е комплексен и тежок процес и не носи резултати веднаш, на долг рок е единствениот исправен и здрав чекор за демократија и за поголема медиумска писменост. Токму преку образованието и медиумската писменост, но и со насочување на граѓаните кон традиционалните медиуми со искуство, традиција, историја, медиуми во кои се негуваат професионалните новинарски стандарди, се учи како да се развијат вештините за критичко размислување и се подига нивото на медиумска писменост.

Сосема на крајот, промовирањето на медиумската писменост значи поттикнување на критичкото и аналитичкото размислување и развој на граѓанска свесност. Демократско општество претпоставува непречено уживање на правото на слобода на говор и информирање, како предуслов за изразување на граѓаните и активното граѓанство.

Фото: Игор Бансколиев

[email protected]