Како до зелена градска оаза

93

Лошото планирање на градот неповратно одзеде многугодишни дрвја и зеленило, со други зборови – дел од белите дробови на Скопје, кои сега со преостанатиот свој капацитет се задушуваат во загадениот воздух, заедно со сите негови жители. Зимските магли, заедно со загадувањето, сега ништо не може да ги истера од скопската котлина, па граѓаните бараат спас само од ветрот или дождот. Сите овие се болни точки за градот и крајно време е некој да се зафати да ги санира и да го рехабилитира градот, со што ќе се подобри и квалитетот на живот

Скопје одамна се идентификува како урбана џунгла во секојдневните коментари на социјалните мрежи и меѓу граѓаните.
Општинските детални урбанистички планови, кои понекогаш се носеа и во доцните вечерни часови, му крадеа на Скопје дел по дел од неговото зеленило, се сечеше дрво по дрво, се уништуваше парк по парк. Со брзата градежна експанзија се редеа зграда до зграда, едноподруго бетонска патека и бетонски платоа пред новите објекти, кои сосема го покрија зеленилото. Градежната линија се искачи високо и на планината Водно, каде што исто така дел по дел се одземаше од шумата и се редеа едноподруго колективни објекти за домување. Гледајќи од далечина, се добива впечаток дека и градот веќе се искачил високо на Водно, таму каде што сега сите за викенд сакаат да избегаат во природа од интензивната урбанизација.

И не само на Водно, градежната експанзија брзо се движеше нашироко и по сета должина на градот, зафаќајќи ги зафати сите урбани населби. Висококатници никнуваа како печурки по дожд. Граѓаните, засегнати од ваквите случувања, како да беа беспомошни да направат што било за својот град. Вревата за исечените дрвја и нивните протести за уништените паркови постојано ги задушуваа моторите на забревтаните булдожери, кои ровареа по парковските површини за да ископаат нови темели за нова висококатница. Попусти беа сите апели да се зачува зеленилото и да се зголемат површините со дрвја и паркови.
Наместо тоа, зградите се извишуваа една до друга, а соседите безмалку сега си гледаат во спалните соби, поради нивната збиеност.

По сето ова, навистина не ни недостигаше да никнат нови педесет или можеби петнаесет згради, којзнае, на локацијата на старата фабрика за мебел „Треска“. Како што вели и самиот градоначалник на општината Центар, Саша Богдановиќ, таму во претходен план од 2012 година, според ГУП, има вцртано нула проценти зеленило. Сѐ се згради, кои тој ги нарекува наполитанки, кои се само бетон и ништо повеќе. Но, ете, конечно се случи чудо, на ваквиот план успешно се спротивставија архитектите од општината Центар, а ги поддржа и градоначалникот. Првпат се прават заложби да се работи во интерес на граѓаните. Најпрвин зовре атмосферата во општината Центар, по сознанието за нова бетонизација на уште еден дел од Скопје. Се случи пресврт во настаните, кој можеби ќе претставува нова ренесанса во урбанизмот на градот.

Идејата на Асоцијацијата на архитекти, на Комората на градежни архитекти, на дел од граѓанските здруженија, но и на локалната самоуправа е неколку слободни простори што сѐ уште не се урбанизирани да бидат предмет на конкурс. Секој архитект или група на архитекти ќе можат да дадат одредено решение како би требало да изгледа тој простор, со тоа што би се вклопил и во Генералниот урбанистички план, во согласност со сите позитивни законски прописи и потребите на општината. Конечно, луѓето од фелата што треба да решава за раст и развој на градот ги презедоа конците во свои раце. По ова прашање во Центар се одржа дури и вонредна седница, на која имаше жестоки дискусии на кој начин да се донесе одлука што ќе се гради на местото на старата фабрика, а притоа да не се дозволи ниту да се заобиколи законот, ниту пак да им се даде можност на оние што повторно ќе сакаат да ја прошируваат постојната градежна џунгла.

Па, навистина ред е оние што знаат што треба и како треба да раководат со донесувањето на ваквите решенија. Зарем не изгледаше Скопје многу поубаво и зарем не беше пофункционален град кога си имаше градски архитект. Ете, не еден, нека има цел еден тим од најдобрите, кои ќе му дадат една нова визија и ќе го направат мал зелен рај. Ќе донесат нови урбанистички решенија, во кои ќе доминираат парковски површини, кои многу ни недостигаат. А ако се прашуваат граѓаните, тие во својата визија во новите урбанистички решенија би сакале да добијат град со микролокации на кои ќе има мали вештачки езера или рекички, чиј жубор ќе ги разладува во летните горештини. Тие сами по себе ќе бидат мал рај за бегство од високите температури, кои од година на година го зголемуваат просекот како резултат на глобалното затоплување, но и како резултат на бетонирањето на градот. Тоа мора да се стави под контрола, бидејќи градот одамна се задушува, во сите тие зданија, во лоши сообраќајни решенија, во пренатрупаност. Добро е што се појавија луѓе со нова визија за градот, луѓе што кажаа категорично „не“ за неговото бетонирање. На Скопје одамна му се потребни стручни лица што ќе му дадат нова димензија, луѓе што ќе знаат како да го негуваат за тој правилно да расте и да се развива.

Интензивната и неконтролирана градба на Скопје му го одзеде оној провев, оној свеж воздух што можеше да се почувствува од Водно напролет, но и налето, кога носеше мало освежување. Сега без него граѓаните се задушуваат во летната спарина во градот. Ако глобалното затоплување ја покачи просечната температура за 3-4 Целзиусови степени, веројатно уште за толку ја качува збиената и неконтролирана градба. Поради таквата натрупаност на објектите и лошото планирање, исчезнаа многу паркови, постојано недостига простор за паркирање. Непланското трупање на ваквите зданија го оневозможува и пристапот на противпожарните возила и оние на итната медицинска помош, за кои никој не размислувал дека треба брзо и лесно да стигнуваат до сечиј дом за да се спаси нечиј живот. Лошото планирање на градот неповратно одзеде многугодишни дрвја и зеленило, со други зборови – дел од белите дробови на Скопје, кои сега со преостанатиот свој капацитет се задушуваат во загадениот воздух, заедно со сите негови жители. Зимските магли заедно со загадувањето сега ништо не може да ги истера од скопската котлина, па граѓаните бараат спас само од ветрот или дождот. Од индивидуални куќи никнуваа згради, а постојната водоводна и електрична мрежа повеќе не можеше да ги задоволи потребите на веќе предвидениот број на жители. Сите овие се болни точки за градот и крајно време е некој да се зафати да ги санира и да го рехабилитира градот, со што ќе се подобри и квалитетот на живот.