Какво општествено зло нѐ нападнало?

365

Какво општествено зло нѐ нападнало и дали можеби е потребна стручна анализа каде е проблемот, зошто има луѓе што својот гнев или можеби незадоволство од нешто, од некого или од сето она што се случува во општеството го истураат врз она што е изградено или направено од наши заеднички пари, на граѓаните. Психолошки проблем ли имаат луѓето што без причина со нож в раце ги дупчат гумите на нечии автомобили, ги кршат и уништуваат клупите, кантите, па дури и ги кинат синџирите на детските лулашки. Не помислуваат ли дека еден ден на истите лулашки ќе сакаат да се качат и нивните деца, внуци… Што ќе им кажат тогаш?

Палењето на контејнерите по населбите во градов е појава пред која и граѓаните и властите останаа затечени. Овој неразбирлив тренд изминатата недела беше еден од најкоментираните на социјалните мрежи, а граѓаните не престануваат да ги споделуваат фотографиите на стопените контејнери од пламенот што го предизвикаа сторителите на овој дивјачки потег. Кому му пречеа новите контејнери што ги набави градот Скопје и зошто му бодеа очи за да се изживува врз инвентарот со кој се служиме сите. Во една ноќ беа запалени осум контејнери за фрлање смет, два со зафатнина од по 3,2 кубни метри на главната сообраќајница во Ѓорче Петров и шест пластични контејнери со зафатнина од по 1,1 кубен метар во скопско Ново Лисиче. Голема финансиска штета му беше нанесена на комуналното претпријатие, а градот бараше помош од граѓаните да пријават доколку забележат некој што нанесува штета на садовите за комунален смет. Само една недела пред овој инцидент три исти вакви контејнери изгореа во Радишани, а настрада и еден контејнер ѕвоно за фрлање на стакло. Од градот Скопје информираа дека еден нов контејнер беше изгорен и на познатата улица Рузвелтова. Штетата, се разбира, е голема и ова не е првпат јавното претпријатие „Комунана хигиена“ да загуби некој од пластичните контејнери поради смислено опожарување.

Но ако порано тоа се случувало од негрижа, од жар фрлена од скарите на угостителските објекти или поради фрлен пепел од домаќинствата, сега тоа очигледно се прави со намера и систематски.
Уште не го заборавија граѓаните вандализмот врз спомениците на Вера Циривири-Трена, Коле Неделковски, Владо Тасевски, Дане Крапчев и многу други, еве се случи нов вандализам на палење контејнери. Но оние што ги рушеа спомениците и ги крадеа сребрените бисти од градските гробишта во Бутел веројатно имаа сосема друг мотив и идеологија за она што го сторија токму на 11 Октомври, Денот на востанието на македонскиот народ. Палењето контејнери можеби е само одраз на психолошката состојба на оние што имаат реален проблем и потребна им е стручна помош. Од друга страна, пак, ова не е единствениот вандализам што ни се случува. За жал, цел на вандалите многу често е урбаната опрема. Се кршат клупи, детски игралишта, канти за ѓубре, а фонтаните и чешмичките наместо да бидат украс на градот и наменски да се користат, се полнат со ѓубре и се уништуваат.

Скопјани за сите овие случувања постојано поставуваат фотографии и пишуваат на социјалните мрежи коментари во кои не можат а да не ги забележат сета своја разочараност и гнев од она што се случува во нивното опкружување.

И наместо од парите на граѓаните да се изгради нешто ново, тие повторно се трошат на нешто што претходно веќе било направено или купено. Какво општествено зло нѐ нападнало и дали можеби е потребна стручна анализа каде е проблемот, зошто има луѓе што својот гнев или можеби незадоволство од нешто, од некого или од сето она што се случува во општеството го истураат врз она што е изградено или направено од наши заеднички пари, на граѓаните. Психолошки проблем ли имаат луѓето што без причина со нож в раце ги дупчат гумите на нечии автомобили, ги кршат и уништуваат клупите, кантите, па дури и ги кинат синџирите на детските лулашки. Не помислуваат ли дека еден ден на истите лулашки ќе сакаат да се качат и нивните деца, внуци… Што ќе им кажат тогаш?

Наместо сите да сме градители на оваа наша мала и убава земја, за жал постојано се појавуваат нови и нови рушители, вандали на кои ништо не им е ниту свето ниту драго. Тие мора да се откријат и да се казнат. Ова лудило мора да престане, а нема друг начин освен да се применуваат строги казни, да се удрат сите тие по џеб

Наместо сите да сме градители на оваа наша мала и убава земја, за жал постојано се појавуваат нови и нови рушители, вандали на кои ништо не им е ниту свето, ниту драго. Тие мора да се откријат и да се казнат. Ова лудило мора да престане, а нема друг начин освен да се применуваат строги казни, да се удрат сите тие по џеб.
Вакви случувања, како ова со палењето на контејнерите или рушењето на спомениците на историските значајни личности, не ѝ прилегаат на земја што се стреми да стане член на европското семејство. Не му прилегаат вакви вандалски случувања ниту на еден град што се стреми да стане метропола. Не му прилегаат никому.

Надлежните мора да им стават крај на ваквите случувања, да ги ангажираат инспекторите, комуналните редари, па и полицијата, и да ги откријат сторителите и, без никакво предупредување, најстрого и да ги казнат, да ги удрат по џебот. Да ги казнат за потоа никогаш повеќе да не им падне напамет да го повторат чинот. Да сфатат дека немаат право да го уништуваат она што е на сите нас, да уништуваат споменици на паднати херои што се избориле за денешнава слобода. Тие се наша историја, која треба да ја чуваме. Ако ние самите не го чуваме она што е наше, тогаш кој ќе ни го зачува ова што го имаме за идните генерации, за нашите деца, внуци…