Каде исчезна грижата за најмладите?

950

Ситуацијата со градинките е крајно сериозна и навистина мачна како за родителите, така и за вработените во јавните установи, особено ако се има предвид дека градинките кај нас се преполни, дека за да се запише дете во градинка му се потребни дури и дебели врски, дека бројот на деца во група е многу поголем отколку што е дозволено…

Деновиве македонската јавност беше згрозена од приказната на една мајка што своето 11-месечно бебе го зела од градинка со видливи повреди и била принудена да трча по болници за да проверат дали нејзиното најмило може да има посериозни последици. Голготата на мајката била толку голема што морале детето поради видлив хематом на главата да го носат на снимање, притоа, како што пренесува таа, негувателките што ѝ го предале детето не ѝ кажале како дошло до повредите, туку се обиделе да ги прикријат.
Но ова, за жал, не е единствениот случај кога родителите пријавиле дека нивните деца се повредиле во текот на престојот во градинка. Во меѓувреме се истражува целата ситуација од надлежните институции, а беа најавени и казни за вработените доколку се утврди нивна одговорност.

Ситуацијата е крајно сериозна и навистина мачна како за родителите, така и за вработените во јавните установи, особено ако се има предвид дека градинките кај нас се преполни, дека за да се запише дете во градинка му се потребни дури и дебели врски, дека бројот на деца во група е многу поголем отколку што е дозволено и дека родителите потпишуваат согласност дека ги пуштаат децата во поголема група.
Стресот е навистина голем за секој родител што го оставил своето дете во градинка, а на крајот од денот го нашол повредено, искасано, со видливи отпечатоци од „запчиња“ на образите, по рацете, а во овој случај и по телото.
И каде треба да се бара вината во целата ситуација, дали само во негувателките, дали само во градинката, или многу пошироко?
Со години се пишува дека условите за работа во градинките се на работ на подносливото, дека во градинките има многу повеќе деца отколку што е нивниот капацитет, а сепак многу малку се презема да се подобрат условите за работа.

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска уште пред да дојде на сегашната позиција, како претседателка на комисијата за труд и социјална политика на СДСМ, алармира за лошите услови во градинките. Таа уште пред неколку години убаво забележа дека во групите се вклучени по повеќе од 40 деца, иако во согласност со законот е од 8 до 25 деца, во зависност од возраста. Оваа состојба, според министерката, тогаш укажуваше на алармантност, бидејќи, како што рече, зголемениот број на деца во занималната е ризик по здравјето и безбедноста како на децата, така и на вработените во градинките. Тогаш го наведуваше и податокот дека само четири проценти од вкупниот број на децата до три години се вклучени во градинките и прашуваше што се случува со другите дечиња, како се снаоѓаат родителите на овие деца.
Токму Царовска денес е на позиција од која може да дејствува и да бара подобрување на состојбите во градинките.

Групи со 50 деца е невозможно да се контролираат, иако можеби во еден ден не се дојдени сите деца запишани на списокот, сепак има премногу дечиња за една негувателка или воспитувачка. Не само што можат да се повредат едно со друго туку многу деца во една занимална многу побрзо се разболуваат, вирусите и бактериите се пренесуваат полесно и побрзо, па постојано се лекуваат, а тогаш родителите мора да земаат слободни денови за да бидат со нив дома. А дали денешните газди имаат трпение за многу слободни денови, дали секој родител има можност да излезе од работа или, пак, детето го праќа и болно во градинка?
Неопходно е да се почитуваат стандардите за децата да бидат навистина згрижени, неопходно е државата да покаже дека навистина се грижи за најмладите. Потребни се и нови објекти и многу поголем број негувателки, а секако и нормални плати за вработените.
Исто така е познато дека голем дел вработени не се со соодветно образование за позицијата, или, пак, до вработувањето дошле благодарение на курсевите за негувателки што ги завршиле. Но без оглед со какво образование се стекнале, сите тие се согласиле да чуваат деца, а тоа бара многу трпение и многу внимание. Но за да можат максимално да им се посветат на децата, мора да ги има во поголем број, една негувателка не може да се погрижи за 10, 20 или пак за 30 деца одеднаш.

Проблеми со градинките има многу, не се само големите групи и недостигот од негувателки или недостигот од градинки. Условите во некои градинки, генерално, се толку лоши што наведуваат на заклучок дека државата воопшто не покажува интерес за згрижување на најмладите.
Од другата страна, долго време имаме ситуација на платните списоци во државните институции да се наоѓаат голем број вработени што седат дома и земаат плата. Па, како може да има пари за некој што ништо не работи, а да нема за градинките? Што да прават родителите на мали деца? Да ја напуштат работата и да седат дома со децата? Дали државата и ним ќе им плати за тоа?
Проблемот со градинките мора да биде решен, има начини и има пари за нови вработувања, треба само прераспределба на парите и треба некој да сака да им овозможи на децата соодветни услови за престој.