Каде води третиот пат на Балканот

1226

На овој самит уште еднаш се покажа отсуството на јасна визија на европските лидери за иднината на овој дел од Европа. Сегашната состојба ја покажува неможноста или повеќе неподготвеноста да се даде нов импулс во градењето демократски општества и ги остава овие земји во статускво-состојба, со која овдешното население е ставено во безизлез

Една навидум безначајна информација за истражувањето на расположението на хрватските граѓани кон политичките партии во оваа балканска држава, која веќе неколку години ги чувствува „благодатите“ од членството во Европската Унија, го актуализира прашањето за тоа дали земјите од овие простори се на вистинскиот пат кон економски просперитет и развој на демократските процеси. Сознанието дека една минорна и безначајна партија, која се именува со „креативно“ име – Жив ѕид станува трета политичка сила во Хрватска, веднаш по традиционалните ривали меѓу левицата и десницата, чии репрезенти се ХДЗ и СДП, во политичките кругови во Загреб беше прифатено со голема претпазливост. Посебно што растечкиот тренд на младите сили од Живиот ѕид (со 18 отсто доверба кај граѓаните), сериозно најавуваат освојување на централната власт на наредните и по сѐ изгледа предвремени избори во Хрватска.

Што е тоа што ги прави комплицирани состојбите во најмладата членка на ЕУ од овие балкански простори, која долги години по зачленувањето се соочуваше со економска рецесија, а од поново време и со голем одлив на хрватските граѓани? Кај растењето на рејтингот на Живиот ѕид загрижува тоа што своето политичко дејствување го приспособува на тоа што го бараат или односно што сакаат да го слушнат од незадоволните хрватски гласачи. Симпатиите кај нив ги добија на давање силни популистички ветувања, од ослободување на презадолжените граѓани од високите банкарски камати, до воведување бесплатно здравство и други бенефиции. Но најмногу изненадува тоа што од оваа партија отворено го доведуваат во прашање останувањето на Хрватска во членство во НАТО и во ЕУ. Наместо ова, тие отворено се залагаат за свртување на Хрватска кон земјите од БРИКС, приказна, која сѐ уште е актуелна и во другите поранешни југословенски републики.

Ова „скршнување“ на балканските земји беше меѓу темите на последниот самит на лидерите од ЕУ и од Балканот. По завршувањето на самитот, како што забележа АП, беа испратени силни пораки од протоколарен вид со кој се охрабруваат балканските земји да продолжат по патот за ЕУ, но во исто време беа и мошне отрезнувачки кога станува збор за можното придружување на која било земја од Западен Балкан во некоја блиска иднина.
На овој самит уште еднаш се покажа отсуството на јасна визија на европските лидери за иднината на овој дел од Европа. Сегашната состојба ја покажува неможноста или повеќе неподготвеноста да се даде нов импулс во градењето демократски општества и ги остава овие земји во статускво-состојба, со која овдешното население е ставено во безизлез, а единствено иднината ја гледаат преку трајно иселување или повторно враќање на народите кон минатото и национализмот.
– Балканот влезе во спиралата на судири во 1990-тите години, по распаѓањето на поранешна Југославија, а етничките и националистичките тензии продолжуваат и по дваесет години. Во самата ЕУ, во услови на пораст на поддршка на крајните десничарки партии и опстојувањето на популистичките политичари, во земјите-членки на ЕУ, се јавија поделби, посебно за тоа како да се справат со миграциските предизвици, со што политичкиот и јавниот апетит за ширење на ЕУ многу опадна – забележува АП.

На самитот во Софија европските лидери јасно порачаа дека не сакаат други влијанија на Балканот, кој во последно време е во фокусот на геостратегиските погледи на Русија и на Турција, се коментарите на политичките аналитичари. Оттука произлегува и прашањето дали политичките водства во земјите од Западен Балкан ќе можат да се спротивстават на „глобалната пресметка“ на големите сили, кои поради нивните длабоки спротивставени ставови не дозволуваат да се надмине оваа балканска голгота. Се чини дека не се доволни изјавите на претседателот на Европскиот совет Доналд Туск дека ЕУ е единствениот нивен партнер, кој навистина се грижи за стабилноста на регионот. Без вистинска и реална поддршка, останува опцијата за балканските народи својот трет пат да го бараат во популистичките политичари како оние од почетокот на коментарот.