И со мрчење се претера

863

Речиси во секоја пригода, на секоја прес-конференција, на секој јавен настап политичките противници од различни партии си упатуваат едни кон други обвинувања и тези за лажење и измами. Лагата царува постојано, иако не е први април. Најблизок синоним на лагата пак е мрчењето. И кога тоа се случува во сферата на политиката, како клучен креатор на сите околности во државата, се поставува дилемата колку ваквото однесување креира перцепција и на лажна држава и како да се спречат овие негативни трендови

В понеделник е 1 април, денот на шегата. Некои го нарекуваат уште и ден на лагата.
Тогаш официјално почнува и изборната кампања за претседателските избори.
Значи немојте сериозно да ги сфаќате политичарите на тој ден. Во духот на празникот дозволено им е да се шегуваат, да лажат, да нѐ мавтосуваат, да ветуваат брда и долини… Но само на 1 април. Потоа нека внимаваат што ќе кажат. Зашто не само што ги држиме за зборот, туку и затоа што лагите, измамите, манипулациите се кривично дело во согласност со законот, за што се предвидени и соодветни казни. Е сега дали е баш така и дали важи ова и за нив нешто подолу во текстот.

Кривичниот законик разликува разни видови лаги и измами, почнувајќи од доведување некого во заблуда, со лажно прикажување или прикривање факти, намерно пласирање погрешни информации, па до компјутерски измами, лажен стечај итн. Но во Кривичниот законик има и еден член што предвидува санкции за злоупотреба на довербата.
Тука сега што правиме? Дали ваквиот член ги опфаќа и политичарите?

Зашто македонските граѓани изминатите години многу често се соочуваа токму со ваков вид злоупотреба на дадената доверба од страна на политичарите. Се чувствуваа излажани, измамени, изиграни, понижени. Едно им беше ветувано, пред гласање било да е за избори, (парламентарни ,претседателски, локални или референдум), а сосема друго се правеше потоа. Примери на изневерена доверба и лажни ветувања има безброј, па се добива впечаток како политичарите лагата да ја користат како алатка, како неизбежно средство во професијата и занаетот со кој се занимаваат.
И тоа 365 дена во годината и 24 часа во текот на денот.

А тоа воопшто не би требало да биде така, нели. Но, за жал, така е.
Како што ѕидарот не може без терезија за да биде прав ѕидот, молерот не може без четка, електричарот без шрафцигер, домашниот македонски политичар изгледа не може без лагата. Во неговиот вокабулар таа е постојано присутна. Речиси при секоја пригода, на секоја прес-конференција, на секој јавен настап политичките противници од различни партии си упатуваат едни кон други обвинувања и тези за лажење и измами. Лагата царува постојано иако не е први април. И кога тоа се случува во сферата на политиката како клучен креатор на сите околности во државата се поставува дилемата колку ваквото однесување креира перцепција на лажна држава и како да се спречат овие негативни трендови.

Изгледа изненадувачки, но токму прес-центри на најголемите политички партии се истовремено и најголеми продуценти на информации во кои се споменува или клучен наратив е лагата. Ќе споменам најсвеж пример.
Само при последното медиумско соочување помеѓу власта и опозицијата, односно меѓу лидерот на СДСМ Зоран Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, двајцата јавно и повеќепати меѓусебно си разменија обвинувања дека едниот или другиот лаже. Ваквиот тренд продолжи и по ТВ-дуелот, па владејачката партија веднаш излезе со соопштение дека во директен пренос Мицкоски лажел дека поднеле амандмани во хартиена форма за Законот за СЈО. Опозицијата возврати дека власта лаже и приложи факсимили, кога ги пратиле амандманите.

За пошироката јавност е сосема неважно дали поднесувањето на амандманите се случило во 16.19 часот или во 20.19 часот, туку кој и зошто има потреба да ја користи лагата како свој клучен наратив и најсилно пропагандно оружје.
Но ТВ-дуелот е само еден пример на опседнатоста и експлоатација на феноменот на лагата меѓу политичарите и нивниот обид да ги уверат граѓаните кој е лошиот, а кој добриот, притоа повикувајќи се токму на лагата.
Во пресрет на претседателската кампања отпечатен е пропаганден материјал, кој се дели меѓу граѓаните насловен „100 најголеми лаги на Заев“, иако на брошурата нема ниту кој е нарачател, ниту кој го печати. Самото акцентирање на бројката 100 јасно покажува колку многу се глорификува и издигнува влијанието на лагата во политички цели. Во негативен контекст се разбира, како политичка алатка за уништување на противникот.

Но зошто побогу 100, зарем не е доволно посочување и на само една лага, (доколку е вредна за споменување) за умниот да сфати колку е часот. Тоа само покажува дека политичките матрици размислуваат така зашто сметаат дека тоа ќе им донесе подобар резултат. Дека веруваат и се буквално опседнати и маѓепсани од моќта на самиот поим и од зборот лага. Во спротивно брошурата би ја насловиле, на пример, „100 неостварени проекти на Заев“. Сепак за нив тоа е неуверливо, млако, без акцентирање на лагата! Во нивната потсвест таа мора да доминира, да биде нагласена и нормално насочена кон противникот.
Очекувам во следниот период анонимни поддржувачи на власта да возвратат со слична брошура или кампања насловена „101 лага на Мицкоски“. За да го возвратат ударот и да ја натфрлат бројката.

И сега доаѓаме до психолошкиот момент на (зло)употребата на лагата во политички цели. Феноменот секако е повеќеслоен и неопходна е подлабока анализа. Првичната, научно потврдена теза, е дека оние што ја пласираат и играат токму на таа карта, пред сѐ веруваат дека многупати повторуваната лага еден ден можеби ќе стане вистина. Тие дури и самите себеси се убедуваат дека тоа што го зборуваат е вистинито, иако се свесни дека се работи за конструкција и дрска манипулација.

Тука повторно нема да наведувам примери бидејќи ги има мноштво и во кампусот на власта и кај опозицијата. Но има и една друга димензија на феноменот на лагата. Тоа што нејзините инспиратори, креатори и извршители мислат дека им верувате. Дека успеале да ви продадат рогови во вреќа, да ве прелажат или преведат жедни преку вода. Притоа заборават дека секоја лага, кога-тогаш, се свртува против оној што пласирал и креирал и се станува негов најголем непријател. Во таа насока, иако се вели дека додека вистина ги обуе чевлите лагата веќе го прошетала целиот свет, сепак ја користам можноста токму пред почетокот на изборната кампања да укажам дека лагите, измамите и манипулациите се неисплатлива и промашена инвестиција. Во секоја сфера од животот и уште повеќе во политиката.

Тоа многу добро го знаат и го почувствувале на своја кожа сите оние што изминатите години се обидувале на кој било начин да си поиграат со чувствата и довербата на граѓаните, да ги лажат, да им ветуваат милијарди, по еден вработен во секое семејство, лицемерно и лажно да се колнат во името и Уставот итн. На Македонија ѝ е доста од лаги, од лажни политичари, лажни патриоти, од редовите на власта или од опозицијата.
Затоа оваа претпрвоаприлска колумна ја насловив „И со мрчење се претера“. Бидејќи најблизок синоним на лагата е мрчењето. Патем насловот соодветствува и со случувањата и со денот на шегата (лагата). Иако, да бидам искрен, и покрај тврдењето на премиерот дека мрчење бил убав македонски израз, во речник не успеав да го сретнам ниту како поим, ниту пак како стандарден збор, туку само во жаргонски или колоквијален говор. Сепак, за претпрвоаприлска колумна изразот е најсоодветен. Но и поради фактот што мрчатори и лажговци во политиката имало и ги има, премногу и отсекогаш, во сите политички табори. Сите тие треба да знаат дека колку и да се маскираат, сепак не можат да го скријат своето вистинско лице пред граѓаните. Проѕирни им се лагите, потезите и политиките. Набргу и самите ќе се уверат во тоа. Првата проверка е на 21 април.

[email protected]ja com.mk