Историски момент или историска грешка

1517

САД испраќаат спротивставени пораки до Северна Кореја и до Иран: од една страна повикуваат на преговори, а од друга страна зборуваат за „промена на режимот“. Трамп тврди дека го принудил Ким да седне на преговарачка маса, а најавува дека ќе се повлече од нуклеарниот договор со Техеран ако нема нови преговори за него. Иранците се бесни и се закануваат со драматични последици. Во очекување на средбата меѓу Ким и Трамп, дали ќе бидеме сведоци на историски момент или на историска грешка што ќе доведе до нова нуклеарна трка на Блискиот Исток?

Ја прогласија за историска средба со исклучителна регионална, но и со глобална важност. Поради неа планетава во блиска иднина би можела барем малку да го намали ризикот од нуклеарно самоуништување. Така многу медиуми ја оценија средбата помеѓу лидерите на Северна и на Јужна Кореја. Но треба да се биде внимателен со претераниот ентузијазам. Понекогаш „историските“ средби навистина резултираат со големи пресврти и со долгорочни промени што имаат далекосежни ефекти, но често тие знаат да запрат само на почетниот ентузијазам. Дали и овој пат толку ќе силно се тресе гората, а на крајот сепак ќе се роди само глушец?

Да бидеме искрени, не знаеме. Ако не се случи ништо, можеме да бидеме задоволни што цинично сме прогнозирале неуспех, иако тоа нема да ни помогне многу. Од друга страна, можеби средбата навистина ќе придонесе за т.н. денуклеаризација на Корејскиот Полуостров и за глобално намалување на тензиите. Конечно, оваа средба се разликува од претходните, кои се прогласуваа за „историски“ и од кои се чекаше да донесат огромни промени, но на крајот тие не се остварија. Сега соодносот на силите е поразличен. Ким има нуклеарна програма и тврди дека има ракети што можат да стигнат до САД и тие му се главен адут за преговори. Затоа е и подготвен многу брзо да се сретне со Трамп, уште еден состанок што веќе се прогласува за „историски“. Но тешко дека ќе дозволи денуклеаризација на полуостровот бидејќи сигурно не е наивен да се откаже од главните џокери во играта. Северна Кореја и досега знаеше да прифаќа нуклеарни отстапки, а потоа да се повлекува. Сепак, сето ова не значи дека веќе нема позитивни промени во односите помеѓу Северна и Јужна Кореја. Тие реално се случуваат. Односите се затоплуваат, а тензиите се намалуваат и тоа е добро.

Се разбира, Трамп нагласува дека токму неговата политика на „максимален притисок“ врз Пјонгјанг и заканите за строги санкции, па и за тотално уништување го натерале Ким да се согласи да седне на преговарачка маса, што може да дојде до намалување на нуклеарните ризици за целата планета. Ваквите тврдења се проблематични од повеќе аспекти. Прво, прашање е колку реално санкциите можат да ја погодат Северна Кореја. Второ, заканите за уништување цела земја одново ги враќаат забелешките дека секаква воена интервенција без дозвола од Обединетите нации е незаконска. Тие можеби звучат бесполезно бидејќи воопшто не ги спречуваат големите сили како САД, Британија или Франција еднострано да напаѓаат земји како Сирија или Ирак или можеби во иднина Северна Кореја или Иран, но сепак треба и понатаму да се нагласуваат бидејќи овие операции се спротивни на меѓународното право, нешто за што овие либерални демократии толку многу сакаат да зборуваат.

Трето, Трамп е неконзистентен во својата стратегија за намалување на нуклеарните ризици на планетава. Во случајот со Северна Кореја, „историските“ средби треба допрва да покажат дали ќе донесат позитивни промени или ќе се сведат само на медиумска помпа. Многу посериозен проблем во моментот е случајот со Иран. Додека Трамп сака да си припише голема заслуга за скротување на нуклеарната амбиции на Северна Кореја, тој веројатно ќе биде единствено заслужен за отворање старо-нова нуклеарна криза и тоа среде експлозивниот Блиски Исток. Трамп уште во предизборната кампања му се нафрли на т.н. нуклеарен договор меѓу светските сили (САД, Британија, Франција, Германија, Русија, Кина) и Техеран за иранската нуклеарна програма, нарекувајќи го „катастрофален“, „ужасен“, „понижувачки“ и што уште не.

Трамп и пред и по влегувањето во Белата куќа се закануваше дека ќе ги повлече САД од нуклеарниот договор со Иран, иако преостанатите учесници во договорот нагласуваат дека тој е позитивен и дека го спречил Техеран во намерата да произведе нуклеарно оружје.

Исто така, другите големи сили, а и Меѓународната агенција за атомска енергија се согласни дека Иран досега ги почитувал одредбите од договорот од 2015 година и дека нема причини зошто тој би се менувал. Нормално, самиот Техеран не сака да слушне за нови преговори и се заканува со „големи последици“ ако САД, а потоа и другите големи сили се повлечат од договорот. Конечно, многумина предвидуваат дека Иран многу брзо ќе почне да развива нуклеарни оружја затоа што нема да има никакви причини да не го прави тоа. Ваквата ситуација ќе доведе до нова нуклеарна трка на Блискиот Исток, каде што Израел е недекларирана нуклеарна сила, а Саудиска Арабија најавува дека ако Иран произведе атомска бомба и таа ќе го стори истото тоа.

Трамп си даде рок до 12 мај да одлучи дали ќе ги повлече САД од договорот. Дотогаш атмосферата веќе зоврива. По уште една т.н. историска средба меѓу Трамп и Емануел Макрон, францускиот претседател почна да ја менува позицијата на другите сили, учеснички во договорот, и да изразува подготвеност за нови преговори, што секако го нервира Техеран. Израел, пак, излезе со „докази“ дека Иранците го измамиле светот и дека тајно се обидувале да развијат нуклеарни оружја. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху тврди дека неговата држава дошла до десетици илјади „ирански тајни нуклеарни документи“ земени од таен објект во Техеран, што „докажуваат“ дека Иранците сакале да дојдат до нуклеарно оружје. Нетанјаху посочи дека документите им се дадени и на Американците и на Меѓународната агенција за атомска енергија, а Техеран тврди дека Израел сака да го измами сите со ваквите обвинувања.

Жестоката реторика не помага за намалување на тензиите. Не помагаат ниту сигналите што доаѓаат од администрацијата на Трамп. Бившиот директор на ЦИА Мајк Помпео сега е првиот човек на американската дипломатија, а стариот јастреб Џон Болтон е новиот советник за национална безбедност на Трамп. Обајцата отворено зборуваат за „промена на режимот“ во Техеран, а и не веруваат многу во некаков нуклеарен договор со Северна Кореја. Самиот Помпео го отфрла предупредувањето дека повлекувањето на САД од договорот со Иран ќе ги усложни преговорите со Северна Кореја бидејќи Ким ќе се запраша зошто би договарал нешто со Американците од кое тие подоцна би можеле да се повлечат. Болтон, пак, кој претходно заговараше бомбардирање на Иран и најавуваше „промена на режимот“ во Техеран до 2019 година, сега нагласува дека администрацијата на Трамп за Северна Кореја го претпочита т.н. либиски модел, алудирајќи на притисокот врз бившиот лидер Моамер Гадафи во 2003 година да се откаже од своите оружја за масовно уништување.

Интересно, многумина посочуваат дека Ким ќе го задржи своето нуклеарно оружје токму за да не го снајде судбината Гадафи во Либија или на Садам Хусеин во Ирак, кои своевремено се откажаа од своите програми за развој на оружје, а подоцна беа егзекутирани по воени интервенции.

Колкава тежина имаат ваквите планови, најави и закани, може само времето да покаже. Некои сметаат дека администрацијата на Трамп намерно испраќа конфронтирачки пораки за да ги доведе Севернокорејците и Иранците за преговори, иако вторите не сакаат да чујат за такво нешто. Други, пак, посочуваат дека ваквите пораки се испраќаат за да се подготви терен за „поагресивни опции“ доколку не успеат дипломатските средства. Ваквата стратегија претставува играње со оган. Уште малку време остана до рокот до кој Трамп треба да одлучи што ќе прави со иранскиот договор и до најавената средба со Ким. Се чини брзо ќе дознаеме дали ќе бидеме сведоци на „историски момент“ или на „историска грешка“.