Искушенија и црковна надеж

3273

МПЦ доби двајца нови владици, духовно растени во македонските манастири. Верниците и народот на нивните хиротонии извикуваа: „Достојни“. Токму тоа и се очекуваод нив, да бидат достојни чувари на Христовата вера и на црковното достоинство. Со овие двајца владици, МПЦ станува црква со доминантен број архијереи што се дел од младата генерација. Од 15 македонски архијереи, девет се од младата генерација, која има обврска да го продолжи континуитетот на животворноста на Македонската црква. Оваа генерација архијереи мора доследно да го понесе и достоинството на нивните претходници, кои пет децении се бореа и го зачуваа автокефалниот идентитет на црквата

Старите велат дека во најтешките денови за еден народ и држава, црквата и верата секогаш биле духовниот столб на кој тие се потпирале. Така е и денес, без разлика дали искушенијата се национални, политички, здравствени, како што е моменталната пандемија, или други, луѓето надежта ја барале во црквата, спасот го гледале во верата, едноставно тогаш се вртат кон духовните вредности. Но за да биде тој столб јак и издржлив, за да ја врати надежта на луѓето, за тие да се почувствуваат сигурно и смирено, мора и црквата, владиците и свештенството да бидат јаки, сигурни и стабилни. На народот да му го покажат вистинскиот пат.
Ова лето, во екот на здравствената пандемија на коронавирусот, но и во време на изборниот процес и преговори за нова влада, во Синодот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија се случи преродба. Беа избрани двајца владици, од кои едниот, отец Партениј, веќе со години беше на листата на кандидати за потенцијален нов владика.

Тој со години е игумен на Бигорскиот манастир и ја докажува духовната посветеност заедно со монасите и верниците во дебарскиот крај. Вториот, пак, отец Григориј, ја зазема Кумановско-осоговската епархија, на местото на поранешниот владика г. Јосиф, кој заминува во пензија. Иако веќе подолго време е во истата епархија, отец Григориј допрва ќе треба да се справува со предизвиците.
МПЦ доби двајца нови владици, духовно растени во македонските манастири. Верниците и народот на нивните хиротонии извикуваше: „Достојни“. Токму тоа и се очекува од нив, да бидат достојни чувари на Христовата вера и на црковното достоинство. Со овие двајца владици, МПЦ станува црква со доминантен број архијереи што се дел од младата генерација. Од 15 македонски архијереи, девет се од младата генерација, која има обврска да го продолжи континуитетот на животворноста на Македонската црква. Оваа генерација архијереи мора доследно да го понесе и достоинството на нивните претходници, кои пет децении се бореа и го зачуваа автокефалниот идентитет на црквата.

Сега одговорноста е уште поголема, затоа што оваа генерација владици мора да се избори за меѓународно верификување на тој автокефален статус во православниот свет. Да се биде владика е многу повеќе од тоа да се стави митра и да се земе жезол в рака и да се чека бакнување на таа рака. Да се биде епископ е достоинство да се гради и воздигнува и верата и црквата… да се брани честа, да се воспева вистината, да се лекуваат раните.
Владиката треба да биде разбран, разумен, уреден, гостољубив, способен да поучува, кроток, мирољубив и непорочен.
Токму црквата и владиците се исправени пред многу обврски и должности.
Каде паѓа тежината на предизвикот?
Пред сѐ, тие треба да ги зачуваат националниот идентитет и посебноста на црквата, како и да го затворат прашањето за автокефалноста на МПЦ. Тие треба да нѐ внесат во православниот свет.

МПЦ има став од кој нема да отстапи, а тоа е дека решението на нејзиниот статус е само признавање на автокефалноста во суштинска смисла, зашто црковниот живот во Македонија, всушност, е континуитет од некогашната Охридска архиепископија, возобновена во лицето на МПЦ-ОА.
Должност на секој епископ е да им укажува на верниците за општествената и политичката состојба во државата, односно да биде во тек со сите новости и случувања. На тој начин верниците ќе знаат како да реагираат на одреден проблем и како да ги поучат своите соседи. И ова не е тешко да се примени. Верското смирување не мора да се проповеда само во верските храмови за време на обредите. Тоа може да се прави и на улица или на маалските собиралишта.
Се чини дека некои од владиците на МПЦ се толку заглавени во реалното секојдневие што тоа ги држи подалеку од духовната молитва и од надминување на каков било црковен проблем.

Но токму новите владици не треба да дозволат да им се случи искуството на нивните постари водачи. А повозрасните владици треба да бидат коректор на евентуалните грешки на нивните следбеници, кои се должни да ја покажуваат љубовта кон живото предание на црквата.
Дали новите владици ќе можат да изградат друга перцепција на верниците кон нив? Дали ќе успеат да внесат нова свежина во црквата?
Нивните говори и проповеди не треба да останат само запишани на лист хартија. Тоа треба да се спроведе на дело, сеедно дали се наоѓаат во верски храм или на улица.
Црквата треба да иницира изградба на училишта, домови за деца, болници, старски домови.
Колку често тие им укажуваат на верниците дека молитвата е нивната сила, со која може да им одолеат на сите искушенија?
На секој духовен водач „големата должност“ му е да ги обедини верниците. Да шири добрина, да го искористи своето влијание за да се обиде светот околу него да го направи барем малку подобар.

[email protected]