„Инфодемијата“ нов предизвик

194

Во светот оваа штетна појава на дезинформации за коронавирусот доби и име – „инфодемија“, а овој израз, кој е кованица од зборовите информација и епидемија, првпат неделава го употреби Светската здравствена организација (СЗО). Во таа насока заедничката мисија и на граѓаните и на институциите и на медиумите е да се одвои житото од каколот, да се подигне нивото на медиумска писменост во државата и да се направи разлика што е вистина, а што манипулација и лага. Така многу полесно ќе се справиме и со сите идни предизвици, вклучувајќи и со коронавирусот

Успешното справување со природните непогоди, несреќи од секаков вид меѓу кои и вируси и епидемии, подразбира дека сите влијателни субјекти на едно општеството треба да се креатори на клима на професионално и одговорно однесување, која, пак, е добар темел за ефикасно надминување на кризните појави и анулирање на штетните последици.
Една ваква поставеност на работите и во период кога најновиот предизвик со кој се соочува човештвото е појавата на коронавирусот, која потекнува од кинескиот град Вухан, но официјално пристигна во Македонија, на испит
ги стави сите институции, тела и органи, вклучувајќи ги и средствата за јавно информирање. Тие дури имаат и особено важна улога во една таква ситуација на неизвесност и потенцијален страв од непознатото. Во таа насока
дезинформациите, полуинформациите и конспиративните теории, кои незапирливо се шират низ светот поврзани со пандемијата на новиот коронавирус, можат само да наштетат на општата клима на едно општество и да ја забават битката со потенцијалната опасност.

Лажните вести за која било болест денес имаат разорен, речиси нуклеарен потенцијал, слично како и конвенционалните оружја на армиите. Ризикот од нив е уште поголем ако сме свесни дека тие во ерата на дигиталниот свет може да се прошират од сомнителни извори, од каде што со молскавична брзина во рок од неколку секунди можат да допрат до секое ќоше на планетата и до сите оние што се поврзани на интернет.
Во светот оваа штетна појава на дезинформациите за коронавирусот доби и име – „инфодемија“, а овој израз, кој е кованица од зборовите информација и епидемија, првпат неделава го употреби Светската здравствена организација (СЗО).
Во извештајот од 2 февруари, СЗО го нарече новиот коронавирус „голема инфодемија“, реферирајќи на големиот број информации, од кои дел се точни, а некои не се, и затоа е тешко луѓето да пронајдат веродостојни извори и сигурни инструкции кога им се потребни.
Во меѓувреме, сведоци сме дека и македонскиот интернет-простор, беше бомбардиран од разни непроверени информации од квазивеб-сајтови и интернет-портали, кои во борба за што повеќе кликови публикуваа секакви непроверени вести.
Најновите информации поврзани со појавата со вирусот во Македонија, ги преплавија социјалните мрежи, неколку дена дури и пред официјално да биде регистриран првиот случај во нашата земја.

Овие случувања покажуваат колку може да биде кревко македонското општество и имаат потенцијал да предизвикаат хаос, подвоеност, поделби, паника, тензии што, секако, има потенцијал да го наруши нормалното секојдневие. Не случајно здравствените власти во државата во неколку наврати нагласуваат и апелираат дека нема простор за паника и оти службите се подготвени да се справат со предизвикот.
Од друга страна, случувањата со коронавирусот на некој начин беа искористени дури и за политички цели, со тези дека државата недоволно се трудела да се справи со епидемијата, но и со подгревање на стравот кај граѓаните дека ќе нема доволно резерви во продавниците, по што започна празнењето на полиците во дуќаните.
Во насока на превенција на овие штетни настани, за поздравување е реакцијата на Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), кој ги повика медиумите да се однесуваат професионално и етички кога информираат за коронавирусот во државата и да не придонесуваат во ширењето невистини и создавањето паника кај јавноста.
Од СЕММ соопштија дека „информирањето во вакви случаи, според Кодексот на новинарите (член 8), мора да биде ослободено од сензационализми. Медиумите треба да дејствуваат на начин што ги разликува од обични преносители на информации и факти и да ја применат и својата улога како смирувачи на вознемиреноста кај граѓаните“.
Слична порака имаше и премиерот Оливер Спасовски, кој, пак, повика на дисциплина и одговорност од страна сите државни чинители во периодот кога земјата се справува со овие случувања. Спасовски изјави дека во моментов е многу важно да не се пласираат лажни вести и ги повика медиумите на максимална одговорност кон актуелните настани.

Но тука, сепак, има една крупна разлика. Не сите што објавуваат и споделуваат некакви информации може да се наречат медиуми. Под поимот медиуми во вистинска смисла на зборот се мисли на сериозни, одговорни и високопрофесионални медиуми, во кои се применуваат новинарските стандарди.
Ако се сумира кажаното, ќе може да се види колкави се важноста и улогата на медиумите, кои несомнено се многу важен столб на кој се потпира секое демократско општество.
Бидејќи само професионалните медиуми, кои функционираат со искусни новинарски тимови и кои имаат долгогодишна традиција умеат да се справат со какви било предизвици и за ваквите медиуми секогаш на прво место се вистината и јавниот интерес. Професионалните медиуми во кризни времиња имаат одговорна функција и тие наедно имаат и едукативна димензија, преку која ги советуваат граѓаните што треба да се стори во битката со коронавирусот, за да се спречи јавноста да биде заведена и изложена на манипулации за вирусот.

Наспроти одредени квазимедиуми од по еден човек, сајтови и портали, кои се во трка по сензационалност и многу често шират лажни вести.
Вистината не смее да остане заробена ниту пак злоупотребена поради пласманот на дезинформации. Во таа насока заедничката мисија и на граѓаните и на институциите и на медиумите е да се одвои житото од каколот, да се подигне нивото на медиумска писменост во државата и да се направи разлика што е вистина, а што манипулација. Така многу полесно ќе се справиме и со сите идни предизвици, вклучувајќи и со коронавирусот.

[email protected]