Имиџот на Европа пред клучен испит

224

Новата шефица на извршната власт на ЕУ вети пообединета и посилна Европа, во која Балканот е составен и неодминлив дел. Нејзината визија за Унијата сигурно ќе наиде на (вон)институционални пречки и предизвици. Се надеваме дека таа нема да отстапи од својата визија за ЕУ, заплашена од притисоците и сопките, што може да се појават од најразличните делови на политичкиот спектар во Европарламентот, кого, пак, со новиот состав по мајските избори го очекува возбудлив период

Конечно, се случи и тоа. По повеќе од пет децении, Европската комисија ја доби првата шефица во својата историја. Германката Урсула фон дер Лејен застана на кормилото на извршната власт на ЕУ, откако доби зелено светло од Европарламентот. Несомнено, тоа е добра вест за имиџот на Унијата, и нејзината борба за поголем родов баланс во нејзините институции. Уште повеќе, во своето обраќање пред европратениците, досегашната германска министерка за одбрана вети нова комисија, која ќе биде составена од еднаков број мажи и жени…

Но секогаш има едно „но“, што фрла дамка на „забавите“, кои ЕУ ги приредува за европската јавност. Дамка што во овие турбулентни времиња за Унијата, како на надворешен така и на внатрешен план, сериозно може да го загрози нејзиниот демократски имиџ. Станува збор за најмалку два момента што, според многумина аналитичари, ветуваат дека на Фон дер Лејен воопшто нема да ѝ биде лесен мандатот. Првиот се однесува на самата нејзина номинација за претседателка на новиот состав на Еврокомисијата.

Па, така, со „кандидатурата“ на Фон дер Лејен, Европскиот совет го игнорира процесот на „водечки кандидат“, воведен во 2014 година. Токму благодарение на оваа процедура, во која најголемата партиска групација во Европскиот парламент го избира претседателот на комисијата, нејзиниот претходниот Жан-Клод Јункер и ја доби функцијата. Целта на овој процес беше намалување на перцепцијата дека ЕУ хронично страда од демократски дефицит и значаен чекор напред во трансферот на моќта од европските престолнини кон Европарламентот. Но, тоа беше во 2014 година. Пет години подоцна, лидерите на земјите-членки, собрани во Европскиот совет, како да направија чекор назад во напорите за зајакнување на имиџот на европското политичко семејство.

Вториот момент се однесува на фактот дека Фон дер Лејен беше избрана со многу тесно мнозинство во Европскиот парламент. Таа ја доби поддршката на 383 европратеници, што е за девет гласа повеќе од потребното за да обезбеди апсолутно мнозинство, но сепак помалку од границата од 400 гласа „за“, кои сигурно ќе ѝ обезбедеа стабилно мнозинство за спроведување на нејзините политики во парламентот во наредните пет години. Па, така, во политичка смисла, многумина европратеници и дипломати во Брисел предупредуваа дека секој резултат под оваа граница ја остава германската дипломатка без таквото мнозинство и основниот легитимитет за успешно претседавање со Европската комисија.

Сепак, непоколебана од резултатите од гласањето, Фон дер Лејен вети поголемо европско единство.
„Довербата што ми ја искажавте е доверба во пообединета и силна Европа. Обединета од исток до запад, од југ до север. Ајде да работиме заедно и конструктивно за да го постигнеме тоа“, ќе наведе новата шефица на Еврокомисијата.
Проевропските сили од сите агли на континентот, особено од балканскиот регион, нескриено посакуваат Фон дер Лејен да успее во таквите заложби. Таа не пропушти да се осврне и на Балканот, нагласувајќи ја неговата европска перспектива и важноста на продолжување на почнатите реформски процеси за целиот регион.
„Делиме ист континент, иста историја, иста култура и исти предизвици. Заедно ќе изградиме и иста иднина“, храбро порачува Фон дер Лејен.

Нејзините напори и иницијативи за посилна, пообединета Европа и Балканот како нејзин дел, сигурно ќе наидат на (вон)институционални пречки и предизвици. Се надеваме дека таа нема да отстапи од нејзината визија за ЕУ, заплашена од притисоците и сопките, што може да се појават од најразличните делови на политичкиот спектар во Европарламентот, кого, пак, со новиот состав по мајските избори го очекува возбудлив период.

[email protected]