Има ли лектор во политиката?

276

Веројатно на политичарите им е потребен по еден лектор, кој ќе им седи на рамото (баш како во филмот „Ние не сме ангели“), блиску до увото, и симултано ќе им диктира како треба да се изразуваат и кои зборови се прикладни, а кои не

„Трипати мери, еднаш сечи“ вели една наша стара поговорка, која преведена во наш современ контекст, а во фокусот на актуелните политички случувања, би требало да гласи „трипати промисли, еднаш речи“ или, уште посовремено, „трипати кликни, еднаш твитни“.
Се чини дека „мерењето“ кај нашиве политичари е послаба страна, па затоа и државава ни е со покуси ракави, криви ногавици, распар обувки…

Кога на времето во бившата држава Бора Чорба пееше „драга, не буди педер“, тешко дека овие стихови ќе се појавеа по весниците, а уште потешко дека некој некому јавно ќе му се обратеше со вакви зборови. Песната дури ретко се пушташе и на радио, ако не и воопшто, туку си ја потпевнуваа тинејџерите што почнуваа да ги учат првите гитарски акорди, со намера да ги импресионираат девојчињата од соседството.
Да се разбереме, не дека во минатото кај нас се цитираа говорите на Демостен или се изговараа реплики од „Хамлет“, туку тогаш тој мангупски говор беше резервиран за локалните манги, кои откако ќе фрлеа по едно пивце или мастиче пред маалскиот гранап, раскажуваа секакви приказни за своите „подвизи“, знаеја со сигурност кој бил п…р, која била к…а и слично, како од Трст шверцувале фармерки „карера“ и како им бегале на италијанските полицајци, но муабетот завршуваше таму, пред гранапот, па затоа го знаеме и како „маалски муабет“.

Е, сега се чини дека маалскиот муабет како да се враќа во тренд и станува форма на обраќање и на наши политичари, без оглед дали се обраќаат во парламент, во влада или на други официјални настани или, пак, споделуваат свои мислења на социјалните мрежи. Но, без разлика каде и во каква форма се застапени тие како јавни личности, мора многу поголемо внимание да им посветат на стилот и начинот на изразување.
„Шупотат“ и едните и другите, а од „шупотење“ 30 години оглувевме и веќе и она што го слушаме, не сме сигурни дека сме го слушнале.

Оној говорен израз што е карактеристичен за колумнистите, кои користејќи го токму ваквиот провокативен, сензационалистички, па дури и навредлив стил изградија кариери, почнаа да го применуваат и луѓето што треба да бидат пример за зрелост, мудрост, доследност, но и пример за толерантност, внимателност и промисленост.

Народот очекува од оној што е на власт или во опозиција, дури и кога критикува некого, да зборува со пристоен речник, да не дозволува емоциите да го совладуваат и да кажува непромислени зборови, за кои подоцна ќе мора да се правда и извинува.
Дел од причината за ваквите состојби може да се бара во експанзијата на социјалните медиуми, каде што политичарите, оценувајќи ја нивната моќ, постојано се појавуваат со разни изјави. Со оглед дека таму директно комуницираат со обичните граѓани, се спушта и нивото на говорот, па, така, во еден момент хипотетичкиот разговор меѓу функционерот и некојси Ла пиовра 743 може да се сведе на нивото: „Еј брат, ова со скенов на фискални ви е топ… само пичете така“, а овој му одговара: „Шибаме брат, право у Европа“. Нормално, нема да му одговори: „Почитуван господине, оваа мерка е донесена за да можат граѓаните да вратат дел од инвестираните средства“. Таквиот „низок“ говор се применува за да може соговорникот да почувствува блискост и непосредност со политичарот, односно дека и тој е важен и дека функционерот разговара и со него.

Кога писателот пишува книга, новинарот сторија, или ученикот писмена работа, постои контрола на напишаното. Кај првите две професии тоа го прави лекторот, додека писменоста на учениците ја проверува наставникот. Постои и Закон за македонскиот јазик, според кој секој напишан или изречен збор од кој било субјект треба да биде во согласност со предвидените законски одредби, и тоа мора да го почитуваат и применуваат сите. Но колку тоа се однесува и на политичарите и функционерите, кои, нели, со своето однесување треба да им дадат пример на преостанатите

И сега, кога разговорот ќе се спушти на тоа ниво на социјалните мрежи, малку недостига истиот израз да не се примени и за време на официјална изјава на висок политичар, без разлика кој е. Дали тоа ќе има некакви консеквенции по некого, тоа не е битно или, што е уште пострашно, не му е битно на оној што го рекол тоа.

Кога писателот пишува книга, новинарот сторија, или ученикот писмена работа, постои контрола на напишаното. Кај првите две професии тоа го прави лекторот, додека писменоста на учениците ја проверува наставникот. Постои и Закон за македонскиот јазик, според кој секој напишан или изречен збор од кој било субјект треба да биде во согласност со предвидените законски одредби и тоа мора да го почитуваат и применуваат сите. Но колку тоа се однесува и на политичарите и функционерите, кои, нели, со своето однесување треба да им дадат пример на преостанатите.

Не случајно Србите велат „испеци, па реци“. Веројатно на политичарите им е потребен по еден лектор, кој ќе им седи на рамото (баш како во филмот „Ние не сме ангели“), блиску до увото, и симултано ќе им диктира како треба да се изразуваат и кои зборови се прикладни, а кои не.

Државата има некакви механизми со кои може да казнува за говор на омраза или нешто слично, но тоа ретко се случува. Уште поретко ако лицето е дел од политичкиот естаблишмент.

За да се подобрат работите, можеби треба сите политичари најпрво да ги испратиме на ораторски вечери, да ја совладаат вештината на ораторството, па потоа да добијат некаков сертификат дека „се стручни“ да зборуваат пред луѓето.

Кога читаат напишана изјава не е толкав проблем, бидејќи пиар-тимовите претходно го проверуваат текстот, но кога ќе треба да кажат нешто во живо, е тогаш може сешто да излета и тоа после тешко се поправа.

Во ерата на интернетот, кога ретко кој од младите генерации чита книги, кога сите со децении се хипнотизирани од турски серии и од „грижата“ дали ќерката на Цеца утре ќе има килограм повеќе или помалку, како да се надеваме на нови генерации, во кои секако ќе има идни политичари, кои ќе употребуваат префинет говор, добро составена реченица, мисла што тече.

Како и да е, мора да се внимава со зборот, бидејќи тој можеби железни врати отвора, но и многу кариери затвора. Редица политичари поради непромислени изјави си заминале од власт, остануваат само да се паметат оние што со својот говор и мудри мисли придонеле за напредок на човештвото. Тие, векови подоцна, сè уште се цитираат. Сè друго е неважно и брзо се заборава, исто како муабетот пред маалскиот гранап.