Имаме ли сили за победнички кош

348

Секој оптимизам е добредојден кога е во насока на креирање на оние следни чекори и остварување на планираното како во подготовките, така и на официјалните натпревари. Но тој треба да се базира и на моменталната реалност, можниот капацитет и, секако, максималното искористување на секој слободен миг во претстојниот период од девет месеци, односно до следниот квалификациски меч, а придружуван со соодветна анализа на сите инволвирани фактори во кошаркарската репрезентација на Македонија во овој циклус на квалификации за ЕП 2021

Македонската машка кошаркарска репрезентација неуспешно ги започна своите шести квалификации за настап на Европско првенство (ЕП), овој пат она закажано во 2021 година во Чешка, Грузија, Италија и во Германија. Два натпревара – два пораза. Најпрво во Скопје од Естонија, а во неделата и од Русија, во Перм. За многумина можеби изненадување, за други пак – не, сметајќи дека тоа е нашата денешна реалност. Но периодот кога една селекцијата трпи промени, односно се подмладува, секогаш е турбулентен и зад себе остава траги.
Против Естонија на домашен терен македонската спортска јавност, кошаркарите, како и стручниот штаб, секако очекуваа триумф, но беа непријатно изненадени, пред сѐ поради бледата и анемична игра на Македонија во првото полувреме, и тоа од селекција што иако досега не играла претквалификациски циклуси, сепак е далеку од тоа дека така ќе нѐ „сомеле“. Во мечот на претпоставки, како што најави новопечениот македонски селектор Александар Тодоров пред натпреварот, гостинскиот стратег, за жал излезе како подобар претпоставувач. Против фаворизираната Русија, пак, многу похрабра, посодржајна и карактерна игра на жолто-црвените, која сепак не даде плод по истекот на 40-те минути. Секако, не треба да се заборави фактот што Македонија настапи во подмладен комбиниран состав (со таков баран услов и дојде Тодоров како 14-ти по ред македонски селектор), кој, како што стојат моментно работите, ќе провејува и во преостанатите четири натпревари од квалификациите. Но и противниците играа со свежа крв, желни за докажување.

Радува фактот што Тодоров, кој дојде на местото на Јорданчо Давитков (кому, како што велат од Кошаркарската федерација на Македонија, му завршил селекторскиот мандат, иако ја доведе селекцијата до завршните квалификации), е оптимист и верува во избраните репрезентативци (нормално со соодветни мали измени), дека сепак може да стигнат до ЕП, притоа истакнувајќи дека би сакал кошарката повторно како некогаш да биде спорт број 1 во Македонија.
Секако, секој оптимизам е добредојден, кога е во насока на креирање на оние следни чекори и остварување на планираното како во подготовките, така и на официјалните натпревари. Но тој треба да се базира и на моменталната реалност, можниот капацитет и, секако, максималното искористување на секој слободен миг во претстојниот период од девет месеци, односно до следниот квалификациски меч, придружуван со соодветна анализа на сите инволвирани фактори во репрезентацијата. А тоа значи нешто слично како во ракометот со неделите на ЕХФ (колку тоа ќе го дозволи времето), оваа репрезентација да се собира, или барем тие што ќе добијат дозвола од своите клубови, и заеднички да се тренира. Во спротивно три-четиридневното заедничко собирање и уигрување не може многу да ја надгради дадената репрезентативна основа, особено ако се сакаат успеси и враќање на македонската кошарка таму каде што некогаш котираше со успех. Корекции во оние делови од играта каде што чкрипеше, во секој случај, треба и мора да има.

Оти на сите треба да ни биде јасно дека сите спортски успеси се должат на секојдневна макотрпна работа, a преку постигнувањето достижни меѓуцели, можат да се „нишанат“ повисоки и подолгорочни цели. И уште една многу важна работа, а тоа е дека во една репрезентација треба постојано да лебдат самодовербата, способноста да се одговори на притисокот, имањето тимски дух, било да се работи за млади или искусни кошаркари.
Точно е и тоа дека до успех во никој случај не се стигнува прекуноќ. Напредок во играта во Перм беше евидентен, но сѐ уште недоволен за комплетирање на првобитната оптимистичка репрезентативна слика. Спортската дрскост и желба за победа, и индивидуална и колективна, ќе мора да се засилат, без разлика на ривалите и салите каде што ќе се остваруваат.
Македонската репрезентативна кошарка лани беше многу активна. Беше дел од три европски првенства (ЕП) во три различни возрасни категории, а сениорите по успешниот премин на првиот и на вториот претквалификциски прозорец за ЕП 2021, сега сакаат да се вратат таму каде што им е и местото, во семејството на најквалитетните европски селекции. А ако сакаме млад состав да нѐ однесе дотаму, тогаш мора темелно да мислиме и на нивната иднина. На сениорите, пак, се надоврзаа и помладите репрезентативни категории што во 2018 година беа мошне активни. Проектот „Заедно до м16“ очигледно даде видливи резултати, па кадетите се пласираа во дивизијата А, a предничеа репрезентативците до 16 години, кои го освоија третото место на ЕП во БиХ, дивизија Б, со што се пласираа во дивизија А. По повеќе од 10 години, ова се најдобрите резултати, кои се постигнати во младинските селекции, така што сега се веднаш зад водечките селекции што фигурираат на Балканот. Така младинците до 20 години го подобрија пласманот за едно место од последното ЕП и завршија како 12-ти, додека само од јуниорите (до 18 год.) се очекуваше поголем дострел во Скопје, а завршија на 18-то место. Сето ова кажува дека македонската надоаѓачка кошарка има перспектива.

Македонија во својата досегашна историја играла на пет сениорски ЕП. Зошто да не биде дел и од шестото, идната година. А дотаму патот води преку сегашниве квалификации. Во спротивно, и понатаму само ќе ни одѕвонува ехото од победничкиот навивачки амбиент на македонските навивачи на ЕП во Литванија во 2011 година, а во кошаркарскиот ретровизор ќе се потсетуваме на големите победи на македонската репрезентација, која заврши на високото 4-то место, што е и нејзино најдобро остварување досега.

[email protected]