Илузијата на парламентаризмот

113

Собранието не само што беше исфрлено од играта во текот на првиот бран на пандемијата и на вонредната состојба туку и целосно неподготвено го дочекува вториот, а по сѐ изгледа така ќе го дочека и најавениот трет бран на пандемијата. Сепак, тоа не ги скрати буџетските трошоци за неговата издршка, кои, ако беа пренасочени во здравството или во образованието, на пример, ќе завршеа многу работа. Но тогаш ќе беше докрај разобличена целата парламентарна илузија и целосно ќе беа урнати напорите на политичките елити да создадат привид на демократијата. А дека е така докажува огромната доза разочарување што по секои парламентарни избори ја манифестираат не само обичните гласачи туку и отворените симпатизери, па дури и активните членови на победничките партии

Откога и основците научија да функционираат во пандемиски услови и, повеќе или помалку, успешно да ја следат онлајн наставата, на некои од пратениците им текна оти би требало да го изменат собранискиот деловник за да можат да работат на далечина, и тоа, како што објаснија, само во ситуации кога некој од нивните колеги е заразен или претпоставува дека го закачил коронавирусот. Сосема очекувано, за тоа нема и, судејќи по најавите, нема ниту да има општа согласност во парламентот, така што и оваа новина, која низ целиот свет ја изнуди пандемијата, во Македонија станува предмет на бесконечни тактизирања во времето, кое, како никогаш претходно, ја наметнува нужноста од ограничувања и рокови. Наставата, работните обврски, трговијата, деловните и политичките состаноци и конференции… насекаде веќе извесно време се одвиваат онлајн. Владите на повеќето земји така функционираат, а примерот го следат повеќето национални парламенти. Дури и Европскиот парламент своите седници ги одржува на далечина.
Сепак, во Собранието го проблематизираат тој начин на работа, блокирајќи ги така многубројните процеси и одбегнувајќи ги своите законски обврски, сега, кога таков луксуз веќе никој не би смеело да си дозволи. И јавноста, во овие услови, воопшто не би требало да се оптоварува со дебатите за тоа дали постои правна основа или техничка подготвеност за онлајн работење на парламентот. Ако не постојат, нека ги измислат. Од Владата, каде што им се полни устите со дигитализацијата, нека им помогнат. За тоа се добро платени. Впрочем, токму тие ги креираат и создаваат и правните рамки и техничките услови за животот во земјава.

Но тоа, за жал, е сликата на македонскиот парламент. Дури и цели три децении од првите повеќепартиски избори, политичките партии и нивните репрезенти не научија кои теми треба и може да бидат предмет на политички тактизирања и преговори, кои процеси можат, а кои никако не смеат да се блокираат и кога и по кои прашања, едноставно, треба да се постигне согласност заради повисоки цели. Зашто за нив, повисоките цели не постојат. Постојат само приземните интереси и подземните намери поради кои парламентот и парламентаризмот во Македонија, воопшто, речиси постојано се во некаква опсадна состојба. А кога се има предвид дека во државниот парламент, на некој начин, се огледа состојбата на целото општество и на државата, тогаш она што може да се види е мошне кревко и упатува на лоша дијагноза.
Собранието не само што беше исфрлено од играта во текот на првиот бран на пандемијата и на вонредната состојба, туку и целосно неподготвено го дочекува вториот, а по сѐ изгледа така ќе го дочека и најавениот трет бран на пандемијата. Сепак, тоа не ги скрати буџетските трошоци за неговата издршка, кои, ако беа пренасочени во здравството или во образованието, на пример, ќе завршеа многу работа. Но тогаш ќе беше докрај разобличена целата парламентарна илузија и целосно ќе беа урнати напорите на политичките елити да создадат привид на демократијата. А дека е така докажува огромната доза разочарување што по секои парламентарни избори ја манифестираат не само обичните гласачи туку и отворените симпатизери, па дури и активните членови на победничките партии.

Дури и цели три децении од првите повеќепартиски избори, политичките партии и нивните репрезенти не научија кои теми треба и може да бидат предмет на политички тактизирања и преговори, кои процеси можат, а кои никако не смеат да се блокираат и кога и по кои прашања, едноставно, треба да се постигне согласност заради повисоки цели. Зашто за нив, повисоките цели не постојат. Постојат само приземните интереси и подземните намери поради кои парламентот и парламентаризмот во Македонија, воопшто, речиси постојано се во некаква опсадна состојба

Затоа, можеби е потребно, а можеби и не треба конечно да се каже оти моќта не е во парламентот како што некои сѐ уште се обидуваат да ја убедат јавноста. Таа не е ниту во политичките партии, туку во некои неформални групи и поединци чии одлуки само формално се спроведуваат во парламентот, дури и кога за тоа не постојат законска основа и технички услови. И ако е за утеха, таквата практика не е ексклузивитет на Македонија. Помрачувањето на парламентарната демократија со разни изговори за нефункционалноста на парламентите веќе одамна е присутно не само во озлогласениот балкански регион туку и на глобално ниво. Ексклузивитетот е во тоа што парламентаризмот во Македонија, по сѐ изгледа, воопшто и не го дочекал изгрејсонцето. Во кризните ситуации, каква што е пандемискава, тоа особено станува воочливо. Како поинаку да се објасни собраниското „турни ме да кинисам“ во текот на целава грипозна година.

Парламентот ги имаше и ги има сите уставни и технички можности, не само во оваа ситуација туку и претходно, да функционира како вистински законодавен дом, наместо како дебатен клуб, постојано обидувајќи се да ја замаглува реалноста и да ја дефокусира јавноста, која и покрај генералниот скептицизам во однос на алтернативите, како политички потрошувач, сепак, има право и на повисоки очекувања од државните институции.

[email protected]