Илинденска Македонија

2203

Се сеќавате ли на зборовите тешко е да си за Македонија, а да не си за
Илинденска Македонија, како предлог за име за државата.
Предлогот Илинденска Македонија не преживеа долго. Не издржа ни еден ден, или многу помалку од Крушевската Република во 1903 година, која опстои 10 дена. Грција експресно го отфрли. Прашање е дали и воопшто се нашол на преговарачка маса или некој само ни го подметна како кукавичино јајце, за брзо потоа да биде договорено друго име. И ден-денес остана нејасно кому и зошто му требаше на тој начин да си поигра со Илинден и со нашето славно минато.
Оваа епизода е веќе завршена. Но поради величината и значењето на Илинден не смее да биде и заборавена

Додека се одвиваат преговорите за тоа кој ќе ја формира новата влада и ќе седне на Илинденска бр. 2, Македонија в недела ќе го одбележи големиот национален празник Илинден. Несомнено, Илинден има посебно значење за историјата на државата и е длабоко врежан во генетскиот, идентитетски код на македонскиот народ. Годинава се одбележуваат 117 години од почетокот на Илинденскoто востание и 76 години од Првото заседание на АСНОМ. Датуми и годишнини вредни за најголема почит и поклон до земја. Без идеалите и жртвата на Илинденците, сигурно немаше да имаме своја држава, со сите белези и обележја што таа ги носи со себе. Сосема друго прашање е колку со текот на годините успеавме да ја зачуваме и надградиме државата.

Сепак, поврзано со празникот, впечаток е дека последните години тој повеќе се користи за партиско-политичка манипулација отколку за достоинствено и величествено чествување како што заслужува. Тоа само покажува дека нашите политички елити не се дораснати за еден ваков празник. Не знам какви пораки ќе испратат политичарите оваа година за Илинден, но еве однапред замолувам да не го скрнават празникот на кој било начин, како што се случуваше со години. Од неразбирливи причини, Илинден секоја година одново и одново се користи за меѓусебни политички расправања и создавање поделби меѓу граѓаните. Сосема спротивно на тоа, празникот во својата суштина, историска улога и значење има силна обединувачка моќ за сите оние што ја чувствувале и чувствуваат Македонија како своја татковина и држава.

Дали можеби граѓанската и етничка синергија и кохезија што ги носат Илинден 1903 и АСНОМ 1944 и ден-денес будат неспокој и страв кај некого, па затоа постојано се посега по стратегијата раздели па владеј, одговор ќе дадат историчарите и хроничарите на времето. Но едно е повеќе од јасно, моќта, тежината и значењето на Илинден за македонскиот народ и држава се огромни.

За жал, домашните политички елити никогаш да не го сфатија тоа, во вистинската смисла на зборот. Во изминатите речиси триесетина години од независноста на државата речиси не се памети кога македонски политичари биле заедно на едно место, сплотени под истото знаме при одбележувањето на празникот. Кога тајмингот на церемониите за одбележување на празникот бил така нагоден и темпиран да можат истовремено сите заедно да се поклонат и да оддадат признание секаде каде што е потребно. И на Мечкин Камен и на Пелинце, односно на Прохор Пчињски.
Наместо тоа, секогаш државните или партиски делегации се упатуваат на различни места, со агенда и распоред воопшто да не се сретнат меѓу себе. Коњаници и бајрактари јаваат кон Мечкин Камен, други се упатуваат на Пелинце, се оди и во Прохор Пчињски, се положува цвеќе и пред Споменикот на паднатите борци во Скопје итн.

Притоа секој испраќа различни пораки од различни места. Главно агендата е така скроена претставници на власта и опозицијата по можност да не се видат меѓусебно и секој на мира и пред своите симпатизери и поддржувачи да ја испрати празничната порака. Тоа воопшто не е во духот на Илинден.

Па, дури имаше иницијативи и идеи за заедничко чествување на Илинден со Бугарија, како симбол на некое заедничко минато, што е само уште една потврда на политичките обиди за сквернавење и омаловажување на големиот празник и значењето и симболиката што тој го носи со себе.

Речиси секоја година од Мечкин Камен и од Пелинце слушаме две спротивставени толкувања за тоа што е патриотизам и љубов кон татковината. Годинава за очекување е пораките да бидат уште понаелектризирани поради актуелниот момент и преговорите за состав на новата влада. На некое од минатогодишните одбележувања на Илинден, од истите овие политичари што и денес се во игра за највисоки државни позиции, чувме тврдења дека македонските илинденци се залагале токму за ова што го имаме денес. Дека практично ги дале животите за некоја нова преименувана држава, што во најмала рака е злоупотреба на минатото и историјата за политички цели. Доколку се чесни и доблесни, денешните политичари, од власта и од опозицијата сеедно, треба да им се извинат на македонските херои и на сите паднати борци за споменувањето на нивните имиња и доведување во контекст со одредени актуелни политички случувања. Никој од денешните или идни политичари нема право да се обидува да гребне од величината на Илинден и тоа да го припишува како нечија своја заслуга или придобивка на политиките што ги застапува. Аман, оставете ги хероите нека почиваат во мир.

Но на големите празници не се злоупотребуваат само големите херои. Празниците се користат и за политичка манипулација со обичните граѓани. Ова важи и за власта и за опозицијата. Во оваа пригода и токму по повод Илинден не може да се заборави една епизода од периодот на преговорите со Грција. Тогаш со жар на лицето и нескриен триумфализам македонскиот преговарачки тим, составен од двајца луѓе, излезе пред јавноста со теза дека постои опција и решение што може да биде прифатливо за двете страни.

Беше кажано дека решението за новото име на државата е Република Илинденска Македонија, на англиски Republic of Ilinden Macedonia, на албански Republika Ilinditase e Maqedonisë. Со напомена дека ова име е прифатливо и за Грција и се чека само уште специјализација од нивна страна.

„Тешко е да си за Македонија, а да не си за Илинденска Македонија“, рече тогаш министерот Димитров, посочувајќи дека Илинден го има во двете преамбули на Уставот и оти тоа се двата столба на нашата државност.

Предлогот Илинденска Македонија не преживеа долго. Не издржа ни еден ден, или многу помалку од Крушевската Република во 1903 година, која опстои 10 дена. Грција експресно го отфрли. Прашање е дали и воопшто се нашол на преговарачка маса или некој само ни го подметна како кукавичино јајце, за брзо потоа да биде договорено друго име. И ден-денес остана нејасно кому и зошто му требаше на тој начин да си поигра со Илинден и со нашето славно минато.

Дали е наше домашно масло или, пак, некоја странска мирудија.
Дотолку повеќе што никогаш претходно, во ниту еден од мноштвото предлози и идеи што ги даваше посредникот Метју Нимиц во изминатите повеќе од 20 години не беше спомената варијантата Илинденска Македонија. Се предлагаше сѐ и сешто. Географска одредница, придавка во заграда, пред или по неа, проширено име, но име што ќе го вклучи Илинден никогаш не беше во игра. На странските посредници и медијатори такво нешто никогаш не им падна на ум. Како цело време некоја ваква или слична варијанта да се чувала како џокер или спин за полесно да се протурка веќе претходно договореното и од некого посакувано име.

Оваа епизода е веќе завршена. Но поради величината и значењето на Илинден не смее да биде и заборавена. Токму затоа и колумната е насловена – Илинденска Македонија. Не во контекст на блефот со варијанта за име на државата, туку во насока на зачувување и одбрана на историската вистина за Илинденска Македонија, на идеалите и заложбите на нашите илинденци од 1903-та, од 1944-та и од 8 септември 1991, како симболот за нашата независност и самостојност. Во таа Македонија се вградиле и за неа се бореле еднакво и Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци и сите други. Слободна и независна Македонија е плод на трите Илиндени – на Илинденското востание и Крушевската Република, на НОБ и партизанските единици и на политичката борба за независна и меѓународно признаена Македонија. Ова се историски факти што ништо не може да ги промени или избрише. Колку и да се обидуваат некои да го направат тоа.

Нека ни е честит Илинден и вековита да е Македонија.

[email protected],mk