Избори во време на корона

141

Како и да е, тие со месеци, уште додека не се ни знаеше за коронавирусот, настојуваа да ја инфицираат јавноста со своите аргументи, иако до законски утврдениот датум за почеток на кампањата остануваат уште десетина дена, а пред некој ден ги обелоденија и своите намери, поточно кадровските адути. А тие, особено кога станува збор за двете најголеми партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, би можеле да се сведат на извртената сентенција „сѐ тече, ништо не се менува“. Па, така, официјалните и неофицијалните партиски гласноговорници се обидуваат да ги убедат потенцијалните гласачи оти, овој пат, се нуди нешто навистина ново, иако веќе и површен преглед на нивите кандидатски листи е доволен човек да посака само да ги спушти ролетните и да ги преспие, не само епидемијата туку и изборите

Во атмосфера на засилени мерки за справување со коронавирусот и на сеприсутниот растечки страв од заразата, влеговме во последниот месец пред терминот одреден за одржување на уште едни предвремени парламентарни избори. Или за неодржување, ако така се договорат партиските лидери на, за денеска, закажаната средба.
Како и да е, тие со месеци, уште додека не се ни знаеше за коронавирусот, настојуваа да ја инфицираат јавноста со своите аргументи, иако до законски утврдениот датум за почеток на кампањата остануваат уште десетина дена, а пред некој ден ги обелоденија и своите намери, поточно кадровските адути.

А тие, особено кога станува збор за двете најголеми партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, би можеле да се сведат на извртената сентенција „сѐ тече, ништо не се менува“. Па, така, официјалните и неофицијалните партиски гласноговорници се обидуваат да ги убедат потенцијалните гласачи оти, овој пат, се нуди нешто навистина ново, иако веќе и површен преглед на нивите кандидатски листи е доволен човек да посака само да ги спушти ролетните и да ги преспие, не само епидемијата туку и изборите.
Но, да почнеме… според протоколот.

Кај, условно речено, владејачките социјалдемократи, пред сѐ, е забележливо оти добро се погрижија главните луѓе во Владата да си ги задржат позициите со образложение дека токму тие ги истуркаа клучните реформи. А од реформи, што видовме? Не само што реформите, како на пример во областа на даночната политика или на правосудството, ги спроведуваа според поговорката „турни ме да кинисам“, туку не успеаја да ги одржат ниту основните функции на државата и се доведоа во ситуацијата да не можат да обезбедат ниту континуирано издавање лични документи или да ги пополнат долго време испразнетите амбасадорски места. Освен тоа, се испофалија и со големата застапеност на жените на листите. Чуму таква благоглаголивост кога е јасно оти повеќето од дамите, особено тие од таканаречените носителски тандеми, не се таму зашто се жени, туку зашто зад нив стојат моќни бизнис-интереси.
Од, повторно условно речено, опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, се расфрлуваат со некакви „нови“ имиња, веројатно во обид да ја убедат јавноста оти се дистанцираат од претходното партиско раководство.

Во македонската политичка практика веќе одамна доминираат хибридни решенија и правила на нечесен политички натпревар, така што и од овие изнасилени избори, не треба и не може да се очекува ништо повеќе, а и ништо помалку од она што досега можеше да се види. Освен ако коронавирусот не го одложи гласањето, до моментот кога некои идеи ќе созреат во умовите на нивните креатори дури и по цена да се продолжи со досегашниот начин на владеење, во сегашната, хибридна форма или во некаква нејзина варијација

Но неговиот дух го презедоа токму со некои од тие „нови“ имиња. А треба да се каже и оти некои од имињата можеби се нови на листите на ВМРО-ДПМНЕ, но не и на нејзиниот политички противник. И да, терминот шпицен кандидат, што великодушно го промовираат од ВМРО-ДПМНЕ, како намерата на лидерот Христијан Мицкоски да воведе нов стандард во македонската парламентарна практика, можеби и може на пошироката јавност да ѝ се претстави како нешто ново, но во овие услови, се сведува на бегање на лидерот од директно соочување со политичкиот противник и со гласачите и од можноста тој, на изборите, да не биде вреднуван онака како што мисли дека заслужува. Или, пак, тоа можеби е дел од некој претходно направен договор, според кој, местото на кандидат за мандатар би останало отворено и за поинакви решенија од најавеното?
Инаку, штотуку навлезената германска кованица во македонскиот јазик шпицен кандидат, најдобро би можела да се преведе како врвен, клучен играч, а во светската и, пред сѐ германската, политичка теорија и практика, стана доминантна политичка категорија во времето на најсилното индивидуализирање на изборите кон крајот на минатиот век.

Најмногу се врзуваше за подемите на тогашните политички ѕвезди Бил Клинтон, Тони Блер и Герхард Шредер, како млади, успешни, динамични и медиумски атрактивни наспроти тогаш веќе истрошените и понепривлечните политичари Џорџ Буш, Џон Мејџор и Хелмут Кол. Најмногу беше изразена нивната способност, преку внимателно градениот индивидуалитет, да им обезбедат додадена вредност на своите партии, поточно – да ги наполнат гласачките кутии. Но тие не го правеа тоа од безбедна дистанца како Мицкоски, туку нивните имиња беа ставени на кандидатските листи. Нивната, само виртуелна, одвоеност од преостанатите партиски кандидати имаше цел кај гласачите да ја ублажи одбивноста кон партиите, кои во тој момент, од разни причини, не уживаа голема популарност. Повеќе имиња се споменуваа како шпицен кандидати и на неколку последни циклуси од изборите за Европскиот парламент. Ефектите беа различни, и веројатно ќе се покажат како неспоредливи со евентуалниот исход на овој обид на Мицкоски, бидејќи тој сепак е некаков хибрид.

Но во македонската политичка практика веќе одамна доминираат хибридни решенија и правила на нечесен политички натпревар, така што и од овие изнасилени избори, не треба и не може да се очекува ништо повеќе, а и ништо помалку од она што досега можеше да се види. Освен ако коронавирусот не го одложи гласањето, до моментот кога некои идеи ќе созреат во умовите на нивните креатори дури и по цена да се продолжи со досегашниот начин на владеење, во сегашната, хибридна форма или во некаква нејзина варијација. И како што магијата на Маркесовиот роман „Љубов во време на колера“ е во одложувањето и исчекувањето, можеби и во оваа ситуација не би било лошо нештата да се пролонгираат. Ако за ништо друго, тогаш барем заради обезбедување континуитет на каква-таква одговорност на власта во оваа за сите нас нова и сосема непозната ситуација на, вистина непрогласената, но веќе сосема очигледна пандемија од коронавирусот.

[email protected]