Знаат ли корумпираните дека Бајден им објавил војна

538

Иако многумина се крајно иритирани од оваа најнова манифестација на американското „фарисејство“, што во добра мера се темели и на воздржаноста на Брисел во однос на евентуалната поддршка на уредбата на Бајден, поради што и не се очекуваат некакви спектакуларни резултати, добро во сево ова е што некој, макар и од другата страна на океанот, конечно ја дефинирал корупцијата не само како појава што ги дестабилизира економиите и ги подјадува системите на јавните управи туку и како, генерален, безбедносен проблем, особено на овие простори

Случајно или не, проблемот со корупцијата на Западен Балкан како да остана во втор план и во медиумските содржини и во реакциите на политичарите по објавата на неодамна издадената извршна наредба на американскиот претседател Џо Бајден, со која беше проширен опсегот на казнените мерки за поединците од регионот за кои ќе се утврди дека, на разни начини, работеле на неговата дестабилизација. Сосема предвидливо за овие простори, фокусот, не во наредбата, туку во нејзините интерпретации, беше ставен на (не)почитувањето и опструирањето на постконфликтните институции и спогодби, меѓу кои, во случајот на Македонија, на Охридскиот и на Преспанскиот договор, а што се однесува до регионот, на Дејтонскиот договор, Резолуцијата 1244 за Косово, Меѓународниот механизам за кривичните судови како наследник на Хашкиот трибунал…

Но со сета почит кон аргументите и на поддржувачите и на противниците на овие механизми и договори, од кои повеќето кога би требало да се произнесат „за“ или „против“ сите точки од овој дел на наредбата во пакет, би се нашле во, најблаго речено, многу непријатна ситуација, тоа не е предмет на оваа опсервација.
Привлечната моќ на корупцијата, мора да се признае, сепак, не ги плени само корумпираните туку и понекој од новинарите, независно од тоа дали тие со своите истражувачки напори ја разоткриваат корупцијата или само, следејќи ги нејзините патишта и споредувајќи ги безбројните коруптивни афери во кои главните актери се како политичарите така и други повеќе или помалку јавни личности, веќе одамна јасно ги воочуваат законитостите според кои таа се одвива и според кои ги нарушува стабилноста и безбедноста на овдешните држави. Да, генераторите на нарушувањето на стабилноста и на безбедноста на државите не се само политичките фактори туку и економските и секакви други што се кријат зад разни наслови, фирми и титули и кои, поттикнати многу повеќе од користољубивоста отколку од убедувањата, до неподносливост го загадуваат природното опкружување на повеќето овдешни генерации, чиј избор е сведен на тоа само да преживуваат или, едноставно, да бегаат што подалеку од нив.

Затоа со казнените мерки на Бајден се опфатени и лица вклучени во корупција, во проневера на јавни средства, отуѓување приватен и јавен имот за лична корист или за политички и други цели или едноставно, поради примање мито. А кога се знае дека, според сите досегашни извештаи на релевантните институции и организации, земјите од Западен Балкан, се меѓу најпогодените од корупцијата, не треба да зачудува фактот што некој таму во Вашингтон тоа го поврзал со помалку или повеќе успешни, но константни, обиди да се испровоцираат некакви дестабилизации во регионот.
Не, корупцијата не се состои само од тоа да се земе одреден паричен износ, привилегија или функција за да се подотворат вратите за остварување на нечии материјални интереси надвор и спротивно на законот, туку и во промовирањето одредени идеи и ставови, па дури и во пласирањето на таканаречените лажни вести заради остварување на некоја од наведените добивки. А штом таквите дејанија бараат заобиколни патишта и се добро наградени, сигурно не се во функција на јавниот интерес и на постигнувањето општа благосостојба, мир и напредок на државите и на нивните граѓани.

Не, корупцијата не се состои само од тоа да се земе одреден паричен износ, привилегија или функција за да се подотворат вратите за остварување на нечии материјални интереси надвор и спротивно на законот, туку и во промовирањето одредени идеи и ставови, па дури и во пласирањето на таканаречените лажни вести заради остварување на некоја од наведените добивки. А штом таквите дејанија бараат заобиколни патишта и се добро наградени, сигурно не се во функција на јавниот интерес и на постигнувањето општа благосостојба, мир и напредок на овдешните држави и на нивните граѓани

Зад појавите какви што се штелувањето изборни биланси што резултираат со нестабилни парламентарни мнозинства и со заканите за лесни промени на владите, преку форсирањето одредени организации, компании, фондови, идеи, политики… до објавите на некакви нонпејпери за прекројувања на границите во регионот, секогаш стојат повеќе или помалку познати, но добро наградени личности што мислат дека нивните „мешетарења“ не се видливи со голо око и дека се недопирливи. Не се тие ниту невидливи ниту недопирливи, само државите се премногу ослабнати од војните, транзицијата и од секакви други непогоди за да им се спротивстават. Во такви околности, нивната самоувереност до толку порасна што почна да ги надминува не само државните туку и границите на регионот и да го иритира дури и оној што некои го нарекуваат „светскиот полицаец“, така што сега, ако Бајден навистина почне да ги остварува своите закани, веројатно ќе следува еден период во кој јавноста, барем оние нејзини крајно невини и наивни припадници, доколку ја преживеале пандемијата и последиците од неа, ќе можат да му се препуштат на сеирлакот следејќи како „недопирливите“, сепак, по малку ги фаќа нервоза, или ако работава навистина тргне, како се топи нивната моќ, она што го ветуваа сите досегашни влади на овие простори, но ниту една немаше намера и навистина да го оствари.

Иако многумина се крајно иритирани од оваа најнова манифестација на американското „фарисејство“, што во добра мера се темели и на воздржаноста на Брисел во однос на евентуалната поддршка на уредбата на Бајден и поради што и не се очекуваат некакви спектакуларни резултати, добро во сево ова е што некој, макар и од другата страна на океанот, конечно ја дефинирал корупцијата не само како појава што ги дестабилизира економиите и ги подјадува системите на јавните управи туку и како, генерален, безбедносен проблем, особено на овие простори.