Златното човече и земјата на медот

576

На крајниот рок за пријавување, први октомври, 17 часот по локално време, во Лос Анџелес, како и речиси секоја година, ќе стигне копија од македонски филм. Овој пат мислам дека таму некој ќе ја забележи (за разлика од досега) и дека конечно светската перцепција на македонскиот филм ќе може да се промени, како што тоа еднаш одамна го направи „Пред дождот“ на Милчо Манчевски, кој со своето појавување меѓу номинираните отвори многу порти, иако тогаш „оскарот“ замина во Москва, наместо во Скопје (наградата ја доби Никита Михалков). Искрено се надевам дека овој пат ќе отидеме чекор понатаму и дека лирското ремек-дело „Медена земја“, овој воодушевувачки, возвишен, необичен, трогателен, волшебен филм, ќе го донесе златното човече во земјата на медот!

Можеби е прерано или, според некои претерано, да се зборува за нашите шанси конечно да ја добиеме фамозната златна статуетка „оскар“, но откако ќе го изгледате нашиот годинашен кандидат за наградите на Американската филмска академија, документарецот „Медена земја“ на режисерите Љубомир Стефанов и Тамара Котеска, кој, патем, во моментов е во кинодистрибуција, веројатно повеќе нема да мислите така. Во моето досегашно долгогодишно следење на културата, и особено на филмот, првпат вистински чувствувам дека шансите да се закитиме со најпосакуваната награда во историјата на филмот се и повеќе од реални.

Овој фасцинантен филмски продукт, каков што можеби никогаш не сме создале, ќе се бори за номинација за „оскар“, иако, како што се чини, не бил правен со идеја да добие награда, особено не од ваков ранг. Но животот е многу чуден, понекогаш ќе направите прекрасна работа и не очекувате успех, но го добивате. И тогаш можеби станувате свесни дека имате многу голем, добар и важен филм за македонската историја, идентитет и култура. Така барем се случи кога „Медена земја“ тргна по својот фестивалски пат и на секоја постојка на тој пат (Израел, Полска, Шпанија, Грузија, Америка…) освојуваше награда. Кулминација беше неговиот неверојатен успех на „Санденс“. Следната дестинација е Лос Анџелес и Американската филмска академија, на која досега македонските филмови не ѝ запнуваа за око, освен двапати, кога најмногу се доближивме до наградата, со „Пред дождот“ на Милчо Манчевски и со „Дае“ на Столе Попов, кои влегоа меѓу петте номинирани.

Но зошто е толку важна оваа награда, кога сите сме свесни дека ни таму не победуваат најдобрите? На најголемата ноќ во Холивуд, која ја следат милијарди луѓе во светот, се доделуваат статуетките што се синоним за гламур, пари, слава и престиж – посакуван и тешко достижен сон за македонскиот филм. Доделувањето на златната статуетка на црна метална сталка, висока 34 сантиметри и тешка околу четири килограми, со годините прерасна во своевидна екстраваганција, на која е поважно кој прошетал по црвениот килим, отколку кој за што е награден (весниците пишуваа дека никој од анкетираните обожаватели пред театарот „Кодак“ не погледнал ниеден номиниран филм, но сите дошле да ги видат ѕвездите во своето најдобро издание). „Оскарот“ често е и критикуван поради некои одлуки во минатото. Понекогаш и многу оправдано. Некои од филмовите што ја добиле наградата брзо се заборавени, а други, кои денес се сметаат за култни, никогаш не биле номинирани. На пример, иако номиниран, славниот режисер Алфред Хичкок никогаш не го добил „оскарот“ за режија. Сите добро знаеме дека „оскарот“ неретко е резултат на влијание, моќ, спогодба, кампања и лобирање, па и политичка некоректност (во 1950-тите години е воведено правило дека комунистите не можат да ја добијат наградата), повеќе отколку потврда на квалитет, а сепак ни е толку важно да бидеме во тоа друштво?!

Аргументи има, и тоа сосема разумни, а првиот е дека самата кандидатура на еден филм како национален претставник за „оскарот“ е доволна референца за натамошниот фестивалски и киноживот на тој филм, но и за кинематографијата на државата од која доаѓа, па и за самата држава, во крајна линија. Особено кога се работи за земји што не котираат толку добро на светската филмска мапа. Во прилог на ова оди и податокот дека токму „оскарот“ направи некои од најголемите режисери (тогаш непопуларни) како Де Сика, Куросава, Трифо, Буњуел… да ѝ станат познати и на американската публика и со тоа да станат светски режисери. Секоја ваква шанса, а со „Медена земја“ дефинитивно ја имаме, му носи огромна бенефиција на домашниот филм, кој тешко излегува од границите на земјава, а уште потешко се пробива до наградите на големите фестивали.

На крајниот рок за пријавување, први октомври, 17 часот по локално време, во Лос Анџелес, како и секоја година ќе стигне копија од македонски филм. Овој пат мислам дека таму некој ќе ја забележи (за разлика од досега) и дека конечно светската перцепција на македонскиот филм ќе може да се промени, како што тоа еднаш одамна го направи „Пред дождот“ на Милчо Манчевски, кој со своето појавување меѓу петте номинирани отвори многу порти, постигнувајќи многу повеќе за државата од севкупната македонска внатрешна и надворешна политика, иако тогаш „оскарот“ замина во Москва наместо во Скопје (наградата ја доби Никита Михалков). Искрено се надевам дека овој пат ќе отидеме чекор понатаму и дека лирското ремек-дело „Медена земја“, овој воодушевувачки, возвишен, необичен, трогателен, волшебен филм, ќе го донесе златното човече во земјата на медот!