За реформите на безбедносниот апарат, за националниот интерес и во служба на граѓаните

245

Процесот во голема мера е и наука – емпирија и теорија, па затоа едностран приод во креација на реструктурирањето би бил повторно – утка. Сеопфатноста и целисходноста на реформите во безбедносниот систем на Македонија бараат и ум и знаење и искуство и компаративен приод. Со еден збор, мултидисциплинарен темелен приод на преструктурирање на националниот безбедносен систем. Знаеме ли
ние како оди тоа?

„Спроведување на националната безбедност е највисоката должност на секоја влада, но истовремено државата треба да е посветена да го одврати просецот на суштинско поткопување на граѓанските слободи“, ова е еден од попознатите цитати на британската премиерка Тереза Меј. Прецизно, педантно, со многу мудрост и акумулирано искуство. И не е тукутака, од кого било, каде било и како било кажано. Не попусто премиерката на британската империја, националната безбедност ја става на пиедесталот на најважните носечки столбови на нацијата, државата, одбрана и сигурност на граѓаните и на нивните права и слободи, а сето тоа втемелено на принципите на легалитет, во рамките на Уставот и законите.

Ајде сега да видиме до каде сме ние? Кај нас е актуелен комплициран процес поврзан со реформите во националниот безбедносен сектор, во моментот е ставен акцент на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), а сето е обврска дадена во препораките на групата високи експерти на Рајнхард Прибе, поврзано со системски пристап за подобрување на владеењето на правото. На некој начин, оваа реструктурирање на безбедносниот апарат во Македонија според многумина во стручната заедница се смета за основа и за услов без кој не се може во спроведувањето на другите системски реформи во државата.

Според нив, резултатот на успешно спроведените реформи треба да обезбеди минимален ризик или да нема ризик од злоупотреби, а секако реформите да донесат висока ефикасност во соодветните истражни постапки. Наедно, системот треба да се реструктурира во насока на децентрализација, деполитизација и деконцентрација на безбедносната моќ и дејствувањето на службите. Апсолутно да биде во насока на полза на граѓаните и се разбира државата да има полза од неговото успешно дејствување.

Од друга страна, преку овој реформски процес, стереотипите на опскурноста на оваа проблематика треба да бидат разбиени, а заради комплексноста на материјата да ѝ се остави простор на стручната јавност и на академската елита активно да учествуваат во фазите на предлози и моделирање на процесот на реструктурирање. Процесот во голема мера е и наука и емпирија и теорија, па затоа едностран приод на креација на реструктурирањето би бил повторно – утка. Сеопфатноста и целисходноста на реформите во безбедносниот систем на Македонија бараат и ум и знаење и искуство и компаративен приод. Со еден збор, мултидисциплинарен темелен приод на преструктурирање на националниот безбедносен систем.
Во морето информации, јавноста реално преку медиумите има одредена можност да утврди во која мера овие реформи ќе доведат до фактичко реализирање на препораките од извештајот на Прибе.

Во овој контекст, за обележување е фактот дека месецов, со формирањето на Оперативно-техничката агенција (ОТА), практично беше остварен и иницијалниот исчекор за реформа на разузнавачките и на безбедносните служби. Истовремено, истиот период беше искористен и да се отвори јавна дебата околу начинот на кој во иднина ќе дејствува националната контраразузнавачка безбедносна институција – Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК). Ова државно тело низ историјата минувало низ повеќе трансформации, козметички или суштински, но отсекогаш била „популарна“ кај граѓаните бидејќи нејзината работа, затскриена зад велот на тајноста, будела многу асоцијации, комбинации, претпоставки и интриги, а многупати и страв од нејзините извршни прерогативи во минатото. Но она што сега навистина е предизвик, е процесот на реструктурирање на оваа институција да биде што потранспарентен, а фала богу тргна во таков правец при што мириса на „децентрализација, деполитизација и деконцентрација на безбедносната моќ и ставање на УБК во функција на граѓаните, Уставот и законите на Р Македонија“.

Во тој контекст, и ние во „Нова Македонија“ сакаме да дадеме еден придонес за реформските процеси, а во смисла на јавниот интерес, да му дадеме на процесот импулс за поголема видливост, инклузивност на јавноста, експертите, академската јавност и воопшто на граѓаните, затоа што повеќе засегнати страни размислуваат повеќе и подобро отколку една.

Сумирано, нашите ставови и предлози, движејќи се од општото кон посебното, се идентификуваат вака:
-да се има јасна одреденост на предметот, целите, визијата и мисијата на службата што ќе се реформира;
-да се има јасна стратегија за егзистирањето во системот за безбедност во РМ и неговото коегзистирање во целокупниот државноправен и политички систем;
-поставеноста треба да биде на основа на субординација, координација, функционалност, ефикасност и ефективност;
-треба да биде со мала и ефикасна служба, ослободена од бројноста на човечките ресурси;
-реформата треба да предвиди и системска заштита на вработените и на соработниците;
-со реформата треба да се создадат правни предиспозиции за примена на оперативни, оперативно-технички, оперативно-тактички и истражни методи и средства, како и задржување на конспиративниот елемент и заштитеноста во сите фази на предистражните и истражните мерки, но и доразвивање и создавање клима за правна заштита на конспиративниот елемент на комуникацијата со граѓаните, државните органи, локалната самоуправа и искористување на севкупно расположливата документација од сите институции во државна и во приватна сопственост;
-реформата треба да донесе ефикасна контрола на безбедносната служба: внатрешна (во сопствените редови, во функција на отстранување на аномалиите во работењето) и надворешна (парламентарна, институционална, граѓанска);
-реформата треба да донесе ефикасни механизми за препознавање и отстранување на можностите за злоупотреба и девијација на службата од страна на какви било авторитети или центри на моќ.

Со една реченица, треба да се сработи темелно, сеопфатно и професионално за успешни реформи во безбедносниот апарат, кој, пак, на РМ и на граѓаните ќе им гарантира ефикасна национална безбедност и сигурност.