Затворени отворања

1142

Во нашата средина, каде што и онака публиката е дефицитарна, каде што таа и онака се анимира на мускули, а на премиерите, фестивалите и отворањата, и кога не се затворени, доаѓа публика од културната сфера со професионални, протоколарни или колегијални интереси, сосема непродуктивен потег е одбивање на заинтересираната и љубопитна публика со настани од затворен тип

Минатата недела во Скопје се случија едно „затворено“ отворање на изложба и две затворени премиери на филм. И двата настана, вредни да се посетат, вонсериски по својот квалитет, настани какви што ретко имаме во нашата средина, ја поттикнаа љубопитноста на „обичната“ публика, на која ѝ беше ускратено задоволството да биде дел од нив, па дури и онаа што во мал дел беше предвидена со протоколот (новинари, стручна јавност…) не беше испочитувана како што е редот. Лошо менаџирање и во двата случаи.

Имено, на првата затворена проекција, наменета главно за новинарите на документарецот „Медена земја“, кој триумфира на најголемиот американски фестивал на независен филм „Санденс“, па оттаму и со нетрпение се очекуваше дома, екипата не ја удостои публиката со свое присуство на бината, како што е ред на премиера, туку таа привилегија ја имаа присутните на вечерните проекции, резервирани за „одбрана“ публика, пред која се поклони и хероината на филмот. За жал, публиката на проекцијата од 15 часот во работен ден (сосема несоодветен термин за филмска проекција) немаше можност да ја запознае харизматичната Атиџе, ниту да поразговара со неа. Сите ние преостанатите, обичните смртници, што со нетрпение го очекувавме филмот, ќе мора да почекаме нашиот најуспешен документарец досега да го видиме дури налето, како што беше најавено, на програмата на фестивалот „Македокс“ во август.

Затворените проекции на „Медена земја“ се одлука на продуцентскиот тим и негово право е да реши како ќе го пласира филмот, но процената е безмалку лоша. Кога еден филм има затворена проекција, тоа значи дека не е достапен за широка публика, туку само за стручна или друга тесна екипа и медиуми, и најчесто тоа се прави на филмските фестивали – остварувањата во конкуренција за награди се прикажуваат зад затворени врати, додека е во тек жирирањето. Таков е редот на нештата во професионалните филмски кругови. Но да се организираат две-три затворени проекции по кои атмосферата во јавноста ќе се подгрее, а потоа публиката да мора да чека неколку месеци на кинодистрибуција е безмалку апсурдно. Пиарот на филмот како малку да ја потцени домашната публика.

Настанот од затворен тип број два беше отворањето, ако може воопшто така да се нарече, на изложбата „100 години Требениште“. Археолошката изложба, чие првично одржување во Скопје беше најавувано уште лани, го дочека своето конечно отворање од затворен тип во Археолошкиот музеј во присуство на авторите на изложбата и со броена публика главно од културните, но и дел од политичките кругови од трите земји, а ја прогласи за отворена нејзиниот покровител, премиерот Зоран Заев – со еден час доцнење. Присутните ги пречекуваа макфестовски дотерани хостеси, пиар што комплетно не соодветствува на изложба од ваков тип. На новинарите што беа присутни на настанот првично, со објаснување „поради безбедносни причини…“, не им беше дозволено да ја видат поставката, дури ни откако крајно трпеливо цели два часа ги ислушаа обраќањата на политичарите. Револтирани дел од нив си замина, а само најупорните беа „наградени“ со прошетка низ поставката и витрините на музејот од кои блескаа златните требенишки маски.

Овој тренд на црвени килими, ВИП-влезници, елитни отворања, затворени проекции… комплетно се коси со идејата за публиката како еден слободен, спонтан и ноншалантен сегмент од културниот живот. Прашањето што сакам да го поставам до организаторите на ваквите и слични настани е следното: Дали сакаме публика што е пасивна, што може да се воспитува и дисциплинира, или публика што возвраќа, што е дива и независна, критична и паметна?
Инсистирањето на селективна публика создава терен за уште поригиден однос кон уметноста и културата. Според некои теоретичари, публиката се дели на две категории – „публика што е однатре“ и „публика што дава отпор“. На првата ѝ е удобно, кокетира, сака да биде дел од т.н. елита, а втората е офанзивна, се спротивставува на идеологијата на масовната култура, одговара со личен влог и искуство. Ваквите пазарни калкулации создаваат лажен сјај и гламур, елита, интелектуален снобизам и насилна помпа, наспроти доближување до „неодбрана“ публика, ставање на културата пред очите на обичните граѓани, бидејќи само на тој начин се создава општо прифаќање на вистинските вредности.

Ова особено е важно за нашата мала средина, каде што и онака публиката е дефицитарна, каде што таа и онака се анимира на мускули, а на премиерите, фестивалите и отворањата, и кога не се „затворени“, доаѓа публика од културната сфера со професионални, протоколарни или колегијални интереси, сосема непродуктивен потег е одбивање на заинтересираната и љубопитна публика со настани од затворен тип.