Заеднички фронт против шумската мафија

983

Врз превезот за разретчување на шумата, според десетгодишниот план за стопанска основа на шумски стопански единици, се сечеле млади фиданки по ред покрај регионалниот пат Маврово – Галичник и на шумата на спротивната страна на селото, кај црквата „Св. Петка“, оддалечена 6-7 км од Галичник, чиста сеча, и се уништени планинарски и туристички патеки

Во 1872 година, во Јелоустон, САД, бил основан првиот национален парк во светот, a во Македонија, по 76 години, односно во 1848 година бил формиран првиот национален парк Пелистер, по една година потоа и националниот парк Маврово на површина од 73.088 хектари и е најголем во нашата држава.
Национален парк заштитен природен или полуприроден предел во сопственост на владата на една земја. Во ваквото подрачје се забранети градежни потфати, експлоатација на природните ресурси и менување на теренот, а се дозволува негово користење за рекреација и еколошки активности, се истакнува во светската повелба за националните паркови.

Но, дали повелбата се почитува во нашиот најголем национален парк Маврово и во националните паркови Пелистер и Галичица? Одговорот би гласел се води недоволна грижа, а на одделни реони и воопшто не се води грижа. Овој заклучок го извлековме од содржината на писмото на месната заедница Галичник, доставено во националниот парк Маврово, во кое се набележани многу неправилности во работењето на паркот со издавањето дозволи за сеча и за грижата за негување и одржување на шумското богатство. Врз превезот за разретчување на шумата, според десетгодишниот план за стопанска основа на шумски стопански единици, се сечеле млади фиданки по ред покрај регионалниот пат Маврово – Галичник и на шумата на спротивната страна на селото, кај црквата „Св.Петка“, оддалечена 6-7 км од Галичник, чиста сеча и се уништени планинарски и туристички патеки. На ова злосторство остро реагираа лицата родени во Галичник или по потекло од тој крај, пријатели и љубители на Галичник, на социјалните мрежи, посебно истакнувајќи дека му е пресечена душата, белите дробови на Галичник, кои го прочистуваат воздухот.

Делегација на месната заедница Галичник по разговорот со Самир Ајдини, актуелен директор на НП Маврово, е задоволна од договореното и очекуваат договореното во целост и да се реализира во утврдената динамика. Според зборовите на Александар Костиќ, претседател на месната заедница, побарале веднаш да престане лудилото со незаконско сечење на шумата, кое последниве години направи големи штети. „Од директорот добиле ветување дека ќе се изврши контрола на дадените дозволи за сеча на шумата, стручни лица ќе ја утврдат вистината на материјалите за неправилностите што им ги доставивме, ќе го поправат оштетениот пат до црквата ’Св. Петка’ и ќе го доведат во првобитната положба, ќе водат посебна грижа да се зачува шумата со доследно реализирање на десетгодишниот план за разретчување на шумата, кое ќе заврши до крајот на октомври годинава, а не до 2021 година“.

Алармот на галичани ги мобилизира одговорните во Националниот парк Маврово поодговорно да работат, да се почитува законот, односно да ги контролираат фирмите што и ги добиваат тендерите за експлоатација на шумската маса, кога ќе констатираат неправилност веднаш да реагираат и да го спречат незаконското сечење, што ќе придонесе да не се уништува природното шумско богатство.
Незаконската сеча на шумата во Македонија е општествен проблем. За да ѝ се стави крај на шумската мафија, ред во експлоатацијата, неопходна е потребата сите надлежни институции, заеднички, организирано, со програма и со единствена команда да дејствуваат во откривање и неутрализирање на шумската мафија, при што резултатот нема да изостане. Ако секоја институција, како и досега, дејствува самостојно, некоординирано, не може да се спречи шумската мафија, тврдат експертите.

Од друга страна, постои диспропорција на пазарот за огревно дрво, побарувачката е значително поголема од производството. Ова го потврдуваат и бројките. Па така на трите општини што произлегоа од поранешната гостиварска општина за загревање на домовите во грејна сезона им се потребни меѓу 80.000-100.000 кубни метри огревно дрво. Гостиварската подружница на ЈП „Македонски шуми“ годишно обезбедува 25.000 кубни метри огревно дрво, а Националниот парк Маврово 20.000 кубни метри. Тоа значи дека недостигаат околу 45.000 кубни метри. Недостигот на ова количество огревно дрво, на различен можен начин, по незаконски патишта, го обезбедува шумската мафија. Притоа обезбедува голем профит, а буџетот на државата годишно приближно останува помал за околу 2.000.000 евра. Иста е состојбата и во другите региони во Македонија.
Минатата година гостиварската шумска полиција против прекршителите на законот за сечење дрва без дозвола поднеле 25 прекршочни пријави во Основниот суд Гостивар и 21 кривична пријава во Основното јавно обвинителство во Гостивар. Судот лани расправал по 45 прекршочни пријави, на 41 лице им изрекол прекршочна казана, а 4 лица биле ослободени од одговорност. Минатата година од дивите дрвосечачи им биле одземени 6 товарни возила, 12 патнички возила, 171 кубен метар дрва и незначителен број моторни пили и секири.

Целосно да се расчисти со шумската мафија на поширокото гостиварско подрачје тешко може да се оствари, велат познавачите на оваа проблематика. Овој бизнис е доста раширен и е поддржуван од влијателни личности во претпријатијата што се задолжени да стопанисуваат со шумското богатство, од политичари, од влијателни партиски личности. Но, тие додаваат, ако државата сака, односно партиите изразат политичка желба, успехот би бил достоен за почит. Потсетуваат на заедничката акција наречена „Фронт“, во која беа вклучени сите институции што по некоја законска основа се грижат за заштита на шумското стопанство. И покрај тоа што имаше слабости во организацијата на акцијата, резултатите не изостанаа. Вакви заеднички акции се потребни и би требало почесто да се организираат на целата територија на Македонија, некои закони би требало да претрпат измени и дополни, особено МВР да добие поголеми надлежности во гонењето на шумските криминалци, како што ги има шумската полиција.