Задоцнување од 23 години

390

Потребни се многу повеќе храброст, одлучност, знаење и креативност во управувањето, како и вклучување на повеќе млади луѓе што ќе носат одлуки во интерес на граѓаните, а не да бидат обични писари. Само така ветувањата и очекувањата ќе се реализираат навреме и нема да има веќе вакви историски задоцнувања што се мерат во години, па и децении

Дали Битола ја пропушти можноста да добие затворен зимски базен? Ова прашање битолчани деновиве сѐ погласно и почесто си го поставуваат, откако викендов на партиска трибина беше обелоденето дека иако биле обезбедени пари за изградба на затворен зимски базен, сепак тој нема да може да се гради, бидејќи Битола немала проект за базен!?

Според кажаното на трибината, иако за изградбата на еден таков објект, кој битолчани со години го посакуваат, бил обезбедени најголем дел од средствата од буџетот за регионален развој, во износ од 650.000 евра, а исто толку средства, во случај на реализација на тој проект, биле ветени и од АД ЕСМ, сепак базен во Битола нема да се гради и парите или ќе бидат пренаменети за други објекти или, пак, ќе пропаднат, зашто немалo изработено проект за базен. Граѓаните со доза на чудење коментираат дека дури сега, речиси по 30 години, од општината кажуваат дека немало проект. Како не им било срам на сите тие градоначалници што биле на власт порано да не направат проекти за базен, за кога ќе се создадат можности некој да ги направи тие проекти, се говори низ чаршијата. Но случајот со битолскиот базен е само една од многуте нереализирани замисли или проекти што пропаднале низ годините токму поради некоординираност, немање план или проект. Да не говориме за финансиските средства што се на располагање од разни програми, ИПА-фондови, чиј процент на реализација и искористување е исто така со години доста низок. Сето тоа на некој начин ја отсликува климата не само во Битола туку и во најголемиот број градови во државата, кога се во прашање реализацијата на проекти од интерес на граѓаните и трошењето на државните пари.

Кога станува збор за реализацијата на капиталните проекти, вообичаено најмногу од нив остануваат нереализирани најчесто поради недостиг од пари и нивно планирање без заокружена финансиска конструкција, кога политичарите пред изборите вообичаено си прават весели математики.
Таквото „планирање“ потемкинови села, Битола во изминатиот период скапо го плати. Иако од локалната самоуправа беа изработени голем број проекти за изградба на подземни и катни гаражи, агроберзи, аеродром, топлификација, цел еден нов град во Златниот рид, со цркви, училишта, детски градинки, ресторани, хотели, полициски станици, аквапарк, голф-терени, сепак поради немање пари не се реализира ниеден од тие проекти. Не се реализира ни проектот за изградба над 50 индустриски капацитети во индустриската зона Жабени.

Но ако за реализацијата на сите тие проекти изговорот беше дека немало пари, ова е редок случај кога парите не се проблем и во најголем дел се обезбедени, да не може тие да бидат искористени за изградба на затворен базен, кој битолчани со децении го посакуваат, бидејќи нема(ло) проект. Да биди иронијата поголема Битола, точно пред 23 години, во дворот на Техничкото училиште, беше поставен камен-темелник за изградба на затворен базен. Сепак затворен базен во Битола до ден-денес не се изгради.

Случајот со битолскиот базен е само една од многуте нереализирани замисли или проекти што пропаднале низ годините токму поради некоординираност, немање план или проект

Со вакви или слични проблеми во последно време се среќаваат и други општини, па дури и државата. Имено, јавна тајна е дека поради немање квалитетни проекти, голем дел средства за капитални инвестиции, кои при носењето на секој буџет ги предвидува Владата, најчесто остануваат нереализирани и неискористени, па Владата мора со ребаланси да ги пренаменува средствата за друго или пред истекот на буџетската година да ги троши за што било. Немањето квалитетно изработени проекти најчесто е причина значајни средства не само од домашниот буџет туку и од меѓународните фондови да остануваат неискористени или, едноставно, да пропаѓаат.
Упатените во овие (не)прилики уверуваат дека причината за ниската искористеност на средствата од буџетот се должи на нестручната и непрофесионална администрација, која најчесто е партиска и која се однесува по принципот „купи ден помини“.
Трошењето буџетски пари не е ни лесна ни едноставна работа.

Во општинските каси кај најголемиот број општини по разни основи се слеваат огромни средства, кои, за жал, поради немање солидно изработени проекти или немање идеи остануваат неискористени.
Така, деновиве во Битола сѐ почесто може да се слушне дека општинската каса е буквално полна и дека во моментот на жиро-сметката на општината Битола има над 6 милиони евра.

Но експертите велат дека парите во буџетите на општините или државата не треба да се штедат. Тие треба да се трошат за изградба на инфраструктурни проекти, со кои ќе се подобри животот на граѓаните. Притоа останува констатацијата дека и централната и локалната власт мораше да бидат малку побрзи и поодлучни во донесувањето на некои одлуки. Премногу сме бавни во донесувањето на одлуките. Администрацијата е пребавна и граѓаните се малтретираат со непотребни процедури.

Потребни се многу повеќе храброст, одлучност, знаење и креативност во управувањето, како и вклучување на повеќе млади луѓе, кои ќе носат одлуки во интерес на граѓаните, а не да бидат обични писари. Само така ветувањата и очекувањата ќе се реализираат навреме и нема да има веќе вакви историски задоцнувања, кои се мерат во години, па и децении.