Етничка кусогледост

493

Од етничката кусогледост не е поштедена ни Македонија, која помина долг период во мачни расправи за остварувања на барањата на албанското малцинство. Деновиве пред почетокот на изборната кампања, повторно беше испратен предлогот за „премиер Албанец“, а начинот на кој се прави тоа е само продолжување на досегашната практика на оваа партија, за политичка уцена на македонските партии, при секое конституирање на парламентот и формирање влада

Претседателот на Косово, Хашим Тачи, најави дека нема да се кандидира за втор мандат и оти по завршувањето на мандатот ќе се повлече од политиката. Повлекување од лидерската позиција на Српската напредна партија најави и актуелниот претседател на Србија, Александар Вучиќ. Во светската историја не е необично некој државник или политичар што долго време бил на власт јавно да се откаже од извршување високи позиции. Тоа, впрочем, веќе го стори и германската канцеларка Ангела Меркел, која 16 години ја води најмоќната економија во Европската Унија. Нејзиниот рејтинг сѐ уште е доволно висок за да може да добие уште еден канцеларски мандат, но личните процени ѝ велат дека е време да замине од политиката. Зад себе остава економски силна држава и простор за искажување на нејзините наследници, кои сигурно ќе донесат нешто ново и поинакво од политичките погледи на Меркел.

Најавеното „заминување“ на долгогодишните актери на балканската политичка сцена и не е толку лошо ако се има предвид дека тоа значи ослободување нова општествена и политичка енергија на овие простори, во кои долги години владее зачмаена демократска атмосфера. Долгогодишното владеење на една иста личност, кон која се приврзува мала партиско-клиентелистичка група, за земјите од Западен Балкан се покажа како главна причина за формирање т.н. заробени држави. Затоа и „персоналното“ заминување од политиката на Балканот не значи и ослободување од невидливите конци со кои тие ќе раководат со партиите од кои се изродија, како и со државните институции во кои со години се вградувани доверливи и послушни луѓе.

Изолирањето во приватниот живот на генерацијата на балканските „воени“ политичари треба да се гледа од аспект на тоа во каква состојба го препуштаат регионот. Сегашната состојба не е нималку подобрена од распаѓањето на некогашната југословенска заедница. По повеќе од две децении од воените дејства и потпишувањето на Кумановскиот договор, прашањето за Косово сѐ уште не е затворено. Меѓуетничката нетрпеливост меѓу Србите и Хрватите постојано се подгрева од одредени националистички кругови. Идеите за спојување на етничките територии во повеќе држави постојано наоѓаат плодно тло за нивно опстојување и пренесување на младите генерации. Резултатите од истражувањето спроведено во Србија, кое е спроведено кај средношколците за нивните ставови за минатото, национализмот и социјалната, родовата и етничката толеранција, се загрижувачки. Тоа е генерацијата на млади што растеле во периодот по политичките промени во земјата, кои немаат изградено јасен став за блиската историја, голем дел од нив мислат дека за војните и злосторствата од нив се виновни другите народи. Сликата за етничка нетолеранција не се разликува многу и кај помладите генерации во другите балкански земји. Во изминатите неколку дена имаше неколку сериозни националистички испади во Хрватска што се насочени кон српското малцинство, а во кои учествуваа припадници на навивачка група.

Најавеното „заминување“ на долгогодишните актери на балканската политичка сцена и не е толку лошо ако се има предвид дека тоа значи ослободување нова општествена и политичка енергија на овие простори, во кои долги години владее зачмаена демократска атмосфера. Долгогодишното владеење на една иста личност, кон која се приврзува мала партиско-клиентелистичка група, за земјите од Западен Балкан се покажа како главна причина за формирање т.н. заробени држави

За тоа дека наследените девијантни и трагични појави од деведесеттите години во минатиот век и натаму се чувствуваат во земјите од регионот, се посочува и во текстовите на научниците од помладата генерација, кои се објавени во книгата „Деведесеттите: кратки резови“. Државните институции го толерирале насилното однесување и со кршење на правилата и нормите и со селективното дејствување го поттикнувале насилството во различни облици, кое стана и нормално општествено однесување. Незаконското дејствување, кое на почетокот било мотивирано од етничкото непријателство, се претопи во опортунизам и криминал, за на крајот да резултира со политички легитимирана корупција.

Од оваа етничка „кусогледост“ не е поштедена ни Македонија, која помина долг период во мачни расправи за остварување на барањата на албанското малцинство. Доминантната партија на Албанците, која произлезе од припадници на поранешни воени формации, парламентарната демократија и (не)почитувањето на правото ги гледа исклучиво низ етнички клуч. Деновиве, пред почетокот на изборната кампања, повторно беше испратен предлогот за „премиер Албанец“, а начинот на кој се прави тоа е само продолжување на досегашната практика на оваа партија, за политичка уцена на македонските партии, при секое конституирање на парламентот и формирање влада. Дали ова ќе им помине и овој пат, како и во претходните случаи при носењето на многу закони со „етничко знаменце“ или избор на високи државни функции, засега е нејасно. Но сосема е јасно дека изборот на премиерот не треба да се сфати како освојување на последниот „трофеј“. Наметнувањето на етничкиот клуч, без притоа да се знаат капацитетот и програмата на лицето што сака да биде на премиерската позиција, не носи резултати.