Економскиот исчекор како единствена алтернатива

345

Во меѓувреме, актуелната полемика внатре во ЕУ е интересна за следење и од
македонска перспектива на настаните, бидејќи нашата држава претендира во иднина да стане дел од Унијата, но и од НАТО, и во таа насока да фати приклучок или барем да се приближи до одредени стандарди и вредности во секој сегмент. Токму затоа, следејќи ги актуелните случувања, ако сакаме да сме рамноправен партнер, на Македонија ѝ се потребни многу посилна економија и многу повисоки стапки на економски раст

Новиот план на акција на Европската комисија (ЕК), кој е актуелен неделава за воведување европска минимална плата, ја покажа вистина што сите ја знаат со години и децении. А тоа е дека Европската Унија е клуб на европски држави со драматично различна платежна и економска моќ, што условно ги прави нерамноправни партнери. Таму на заедничка маса „седат“ и носат заеднички одлуки за иднината на Стариот Континент, условно кажано, сиромашни, но и богати држави, па токму затоа сега во ЕУ се кршат копјата на интересите на едните или другите околу минималната плата.
Или, со други зборови, за горе-долу да се нивелираат и израмнат платите, богатите би требало да ги намалат платите во своите земји, зашто претпоставката сиромашните држави неколкукратно да ги зголемат платите се граничи со фантазија. Веројатно и едната и другата варијанта се тешко применливи и не можат да се спроведат без последици.

Токму затоа, идејата за заедничка европска минимална плата деновиве наидува на остри критики и несогласувања и од поразвиени земји-членки на Унијата, но и од економски послабите. Во ЕУ претставниците на скандинавските држави предупредуваат дека оваа мерка кај нив може негативно да ги поткопа досегашните системи и вредности и да создаде клима во која земјите ќе бидат принудени да ги намалат постојните висини на платите на нивните граѓани.

Од друга страна, членките од Балканот и Источна Европа, пак, исто така реагираат на промените на ЕК, но од сосема друга причина. Втората група на држави, која иако е дел од ЕУ, во моментов едноставно не може да го следи ни актуелното темпото за зголемување на платите во Унијата, а камоли идните реформи што ги предлага ЕК, бидејќи минималната плата на овие држави е далеку под просекот на оние на северот од Европа.

Во меѓувреме, актуелната полемика внатре во ЕУ е интересна за следење и од македонска перспектива на настаните, бидејќи нашата држава претендира во иднина да стане дел од Унијата, но и од НАТО, и во таа насока да фати приклучок или барем да се приближи до одредени стандарди и вредности во секој сегмент. Токму затоа, следејќи ги актуелните случувања, ако сакаме да сме рамноправен партнер што ќе придонесува во развојот на ЕУ, на Македонија ѝ се потребни многу посилна економија и многу повисоки стапки на економски раст.

Па, во тој контекст наредниот голем предизвик и приоритет по изборите напролет на државата треба да ѝ бидат развојот на економијата и обезбедувањето предуслови за високи стапки на економски раст, кои, пак, по автоматизам ќе донесат и нови вработувања и можност за повисоки плати на работниците.

Бесмислено е вечно да се чека некој друг да ни помогне во развојот на економијата. Сите сме свесни дека мора да се изгради свест дека состојбите пред сѐ зависат од нас и дека ако сакаме да се приближиме до европските стандарди, мора да ги засукаме ракавите, да работиме најдобро што можеме и да ги исполниме поставените норми, инаку, во спротивно, никој не може да нѐ направи подобри од тоа што сме. Со креирање услови за многу поразвојна економска стратегија, бизнисмените похрабро ќе инвестираат во нови бизниси, а на тој начин ќе се отвораат нови работни места, ќе се зајакне економијата, а со неа и животниот стандард на граѓаните.

Ваквите реформи и политики не само што ќе ја доближат земјата до европското семејство и стандарди на ЕУ и НАТО туку, несомнено, ќе го намалат и растечкиот тренд на иселување од државата, како една од најголемите опасности по нејзиниот опстанок.

Во меѓувреме, неделава на оваа тема се случи и уште еден клучен настан, а тоа беше носењето на Законот за младинско учество и младински политики. Токму терминот „клучни“ веројатно зависи и од перспективата на гледање на овие случувања, но спречување на иселувањето на младината во ова време би требало да е едно од круцијалните прашања од кои зависи напредокот на државата.

Имено, Целта на законот за младинско учество и младински политики, како што стои и во текстот на документот, е да обезбеди креирање и спроведување политика на млади на сите нивоа, преку повеќесекторски пристап. Со законот се цели кон зајакнување на учеството на младите во процесите на креирање политики, поттикнување волонтерство, младинскиот активизам и младинската работа, како и личен, професионален и социјален развој кај младите, за на крајот сето тоа да резултира со намалување на трендот на иселување на младината од Македонија. Но не треба да се заборави и дека на младите им требаат и повисоки плати, подобра економија, подобро образование и поефикасен здравствен систем и уште поефикасно функционирање на државата. Само со вистинско вложување во домашната економија и спроведувањето на политичките и економските реформите ќе се создадат реални основи за подобар живот за сите нас.

[email protected]